МРТВ одлучи: “Тамаровизија” на Евровизија

Евровизиското натпреварување за Македонија и македонците од секогаш претставува своевиден предизвик за кој во јавноста постојано се дебатира и се бара одговор за нашите неуспешни пласмани кои ја депримираат нацијата. Организаторот Македонската радио и телевизија кој сите овие години се обидува да најде вистинска формула за одбирање на свој претставник на ова светско натпреварување, безброј пати е критикуван како од јавноста така и од релевантни музичари кои сметаат дека време е после долгогодишните пласмани да се повлечеме од овој натпревар во кој очигледно политиката има поголемо влијание од колку музичките вредности.

Сите овие години од осамостојувањето како држава Македонија имала свои претставници на Евросонгот кој помалку или повеќе биле подржани од овдешната јавност, но за жал нивните тамошни пласмани никогаш не ја израдуваа нацијата, а понекогаш не ги оправдаа ни големите трошоци кои се прават за ова гостување на кое обично оди одбрана селектирана екипа од Македонската телевизија.

Своевремено истиот организатор претставниците ги бираше преку “Скопскиот фестивал” чиј победник заминуваше на Евровизија, за подоцна да се наоѓаат други форми и начини па се до одлуката самоиницијативно да го одбираа музичкиот претставник кој најчесто е некое привилегирано име што добро котира во телевизиските лоби кругови и за кое колку толку се има оправдување на конто на неговиот минат труд како афирмирано музичко име.

Годинава таа привилегија ја доби Тамара Тодевска позната за пошироката јавност како помалата сестра на регионално популарната Тијана Дапчевиќ која исто така во 2014-та година ја претставуваше Македонија на овој натпревар, а толку нејзината помала сестра и беше и придружба на сцената. Дека Тамара Тодевска е миленичка на организаторите, односно МРТВ, потврдуваат нејзините четири досегашни учества на евровизискиот натпревар. Таа најпрво на евровизиската сцена се појави во 2004-та година во Истанбул како придружен вокал на Тоше Проески, за веќе во 2008-та во Белград да биде дел од трио составот со колегите Врчак и Адријан Гаџа изведувајќи ја песната “Во име на љубовта” со која не успеаа ни да ги освојат потребниот број на гласови за самата финална вечер.

Како што веќе споменавме, во 2014-та година повторно оди на Евровизија, овој пат во Данска како придружен вокал на сестра и Тијана за сега повторно во 2019-та година да биде наш само самостоен претставник за Евровизија во Израел.

Со каква песна ќе се претстави, односно кој тим ќе биде задолжен за изработка на натпреварувачката песна нема податоци засега, а Тамара своето воодушевување го сподели со јавноста преку социјалните мрежи каде напиша дека и официјално е годинашен претставник на Евровизија. Возбудата што ја чувствува пејачката очигледно не ја дели нацијата која не го крие дефетизмот што е присутен на ова натпреварување.

По се изгледа дека и оваа година екипата од Македонија ќе оди да се прошета до Израел, затоа што според организаторите важно е да се учествува, а не и да се победи или освои некое соодветно место.

Б.К. – “Аустралија Свет” / Музика24

Повеќе на Музика24...