Фестивали

На денешен ден 17-ти август 1994 година се одржа првиот фестивал “Охридски трубадури” (Фото)

Во 1994-та година на денешен ден 17-ти август се одржа првиот фестивал на новосоздадени македонски староградски трубадурски песни „Охридски трубадури ’94“. На тоа прво издание, победници беа Ленче Дедејска со прва награда од публиката и Горан Кукич со прва награда од стручното жири.

Следната година фестивалот се прошири и со поп вечер, при што името на фестивалот беше променето во „Охрид Фест – Охридски трубадури“.
Маја Павловска, познатиот текстописец за тој прв фестивал на кој што се сеќава ќе каже:

„Се сеќавам како неодамна да беше, а сепак 1994 година. Тогаш Ленче Дедејска (се уште не беше Кукиќ), со „Течете солзи“ доби прва награда од публика, а Горан Кукиќ со „Дали има пиле шарено“ во соработка со Димитар Масевски како автор на музиката прва од жири. Забавата траеше до раните утрински часови. А се сеќавам дека набрзо после тоа, Масевски и татко ми Јово им го направија првиот дует на Ленче и Горан, „Те сонив ли душо моја“ (Фолк фест „Цветници“), со што беше и официјално крунисана нивната љубов, која трае до ден денес“, вели Павловска.

А Ленче Кукиќ, кога ја прашавме за тие времиња кратко се потсети и кажа:

“Еееее , колку убави времиња беа тоа. А не како денешниве, кога јас и Горан едвај спасивме жива глава од оваа пуста корона. Точно е, јас бев прва од публиката, додека мојот иден сопруг Горан беше прв од жири комисијата”, изјави Ленче Кукиќ.

Како што веќе знаеме, подготовките за претстојниот „Охрид фест – Охридски трубадури 2021“ се во полн ек, а стартот е закажан за 10-ти септември. Како што е познато, сидрото е во Охрид, на најубавата сцена на Балканот, на Долни Сарај, откаде ќе одекнат песни што долго ќе се паметат. Годинава фестивалот е конципиран во две вечери, во Фолк и Интернационална, кои ќе се случуваат на 10-ти и 11-ти септември, со што продолжува музичката традиција долга 28 години.

“Минатата година, и покрај неизвесноста со пандемијата, го одржавме фестивалот, на што сме особено горди. Продолжуваме каде што застанавме, очекуваме квалитетни песни кои ја следат трубадурската традиција, но и многу добри поп-композиции и атрактивни гости на Интернационалната вечер”, вели првиот човек на „Охрид фест – Охридски трубадури“, Григор Копров.

На Фолк вечерта ќе настапат: Благица Павловска, дуетот Баже Груевски и Сани, Ирена Спасовска, Барбара, „Скопски боеми“, Петар Нечовски, „Соната“, Нино Величковски, Петар Христов, групата „Лихнида“ и многу други. Ќе ги видиме и: „Нокаут“, Ристо Самарџиев, Александар Јосифовски, Димитар Андоновски, Филип Јордановски…, а организаторите најавуваат многу музички изненадувања на Интернационалната вечер.

Годинава „Охрид фест“ посебен акцент и внимание им посветува на новите музички сили, на дебитантите што ќе ја започнат својата музичка кариера токму од Охрид.

Извор: ТВ Нова – Гевгелија

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....