Фестивали

Нови музички имиња, нови музички хитови – во ново руво со спој на младоста и искуството заврши 38-то издание на „Макфест“ (Фото+Видео)

Со кревање на фестивалско макфестовско знаме, на 20-ти октомври официјално и стартуваше овогодинешното 38-мо издание на Фестивалот на забавни мелодии – „Макфест“. И како што беше најавено така и се случи. Следуваше и првиот прес во Штип пред акредитираните новинари каде уметничкиот директор на фестивалот Роберт Саздов, заедно со кординаторот Александар Арсовски и ПР-от, нашиот почитуван колега и новинар Антонио Димитриевски уште еднаш ги објаснија сите детали пред самиот почеток и се она што требаше да се знае.

Официјалното знаме на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2023“

Секој си ја бркаше својата работа. И ние новинарите својата. Бевме дел од генералната проба пред првата фестивалска вечер. Мораме да признаеме дека повеќето од изведувачите кои годинава настапија на првата вечер посветена на младите надежи навистина заслужено се најдоа на таа сцена. Дел од нив потоа и беа дел од потесниот избор на стручната комисија заедно со публиката кои одбраа 5 композиции кои се најдоа пак како дел од втората фестивалска вечер. Имаше и такви кои рака на срце ја погрешиле и сцената и местото и просторот. Но за тоа можеби во друга прилика.

Макфестовската сцена годинава беше едноставно совршена

Откако неофицијално се видовме со ПР тимот на „Макфест“, го испивме и првото макфестовско кафе, се сместивме во хотелот „Оаза“, а потоа направивме и мала прошетка низ градот под Исарот. Овој град со години наназад работи на своето урбанизирање и проширување. Новиот трговски центар е вистински погодок за сите оние туристи и посетители кои сакаат да се подноват или да погледнат некој познат светски бренд. Се е некако традиционално, онака како што ние го знаеме од некогаш, а сепак променето на некој симпатичен и интересен начин, со зачувување на она штипското кое мора да постои и се чувствува дури и во воздухот. А пастрмајлиите… да не говориме за тоа, тие се вистински бренд за градот Штип. Малку тесто, пастрма, месо, зачини и се задоволуваат сите апетити колкави и да се. Но да се вратиме на „Макфест“.

Вкусната и незаменлива – Штипската пастрмајлија

По генералната проба за првата фестивалска вечер, нашата прошетка низ градот Штип, вкусување на штипскиот бренд… дојде време и за првата вечер на Фестивалот на забавни мелодии – „Макфест“, која што пак годинава е посветна на младите кои сакаат да се промовираат и претстават пред македонската публика.

Точни како и секогаш и овој пат во точно 20 часот и 15 минути стартуваше преносот на Македонската телевизија, а и фестивалот кои сите нестрпливо го исчекувавме. На сцената се појавија водителскиот пат Маријана Станојковска и Димитар Атанасовски со танчери од танчерската група Брег А Лег. Интерсно е тоа што водителскиот пар вечерта ја започна играјќи со танчерите во позадина на одредени макфест хитови.

Видео благодарение на Билјана Крнческа/Свет Аустралија

Веднаш потоа, водителскиот пар продолжи со најава на се она што беше веќе испланирано. Честа прва да ја отвори првата фестивалска вечер и да го скрши ледот ја имаше младата и симпатична Тианна со композицијата „Убаво звучи зарем не“, а веднаш по неа се редеа и сите останати една по една во блокови од по 5 композиции. Водителскиот пар кој што го споменавме и оваа година на „Макфест“ беа одличната, сексипилна и никогаш променета Маријана Станојковска и духовиотиот, секогаш позитивен и насмеан лик Димитар Атанасовски кој од време на време знаеше со своите досетливи, но сепак интересни коментари да ја насмее публиката а веруваме и гледачите пред тв екраните. Првата фестивалска вечер беше исполнета со одлична позитивна и млада енергија која силно зрачеше. Но за жал од оваа вечер на прсти можеа да се избројат оние композиции кои реално ќе се вртат по радио и тв станиците и кои ќе бидат и слушани и барани.

По завршување на официјалниот дел на првата вечер бевме известени кои пет композиции беа одбрани од страна на публиката и стручната жири-комисија. Па така следната и втора фестивалска вечер на сцената помеѓу македонските познати музички имиња повторно публиката ги погледна: Александра Трајческа, потоа групата Blue, Драгана Јовановска, Јасмин Алиевски и Тијана Периќ.

Петте натпреварувачи кои добија гласови за учество во втората фестивалска вечер

По одличниот фестивалски петок, следеше и фестивалската сабота односно втората фестивалска вечер каде што на сцената настапија познати македонски музички имиња кои вредат и се почитувани.

Преубавиот Штип

А вториот ден од „Макфест“ започна со прес за новинарите во хотелот „Оаза“ каде што уметниочкиот директор Роберт Саздов, кординаторот на фестивалот Александар Арсовски и ПР-от Антонио Димитриевски ги споделија сите потребни информации за втората вечер. Меѓудругото, на овој прес се постави и прашањето зошто македонските музички имиња, нашите музички ѕвезди не сакаат натпревар и не би учествувале на „Макфест“ онаков каков што сите ние го знаеме и сме навикнати, со доделување на награди, адреналин меѓу изведувачите и т.н. музичка борба – кој има подобра песна и поголем хит. На ова и самиот уметнички директор Роберт Саздов кажа и воедно призна дека освен она што музичарите се суетни и не сакаат да бидат „победени“ од некој друг поголемите музички имиња едноставно не сакаат да учестуваат на некакви си натпревари – и можеби и поради тоа и оваа година се турка новиот концепт на „Макфест“ каде нема награди и натпревар кој од кој е подобар. А дали тоа е добро или не, во друга прилика.

Прес – конференција на вториот ден на „Макфест“

Веднаш по пресот имавме привилегија и можност да ја погледнеме генералната проба каде што не се знаеше кој од кој е подобар. Навистина, од овогодинешното макфестовско издание ќе излезат најмалку 10-на, па и повеќе хитови кои реално ќе се слушаат, а и гледаат нивните видеа на музичките мрежи.

Додека сите новинарски екипи ги известуваа своите редакции, фотографираа, земаа изјави или интервјуа со дел од изведувачите, нашата колешка Маја Крстиќ, новинарка од Телевизија24 замина на вечното почивалиште на за жал прерано починатиот Душан Љубисављевиќ или попознат како Дуле од Дуле и Коки. Таа во име на сите новинари запали свеќа и однесе свежо цвеќе, да му е вечна славата и засекогаш да се слушаат песните кој тој ни ги остави во сеќавање на него. Тие, Дуле и Коки ја понесоа победата на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ во 1996-та година со песната „Виолина и гитара“ и во 2009-та година кога заедно со Ристо Самарџиев ја отпеаа песната „За милион години“. Макфест има учесници кои што победувале и по два пати, Биба Додева, Бојана Скендеровски, Зоран Илиев, Јован Јованов, Александра Јанева, што не се има случено на нитуе еден друг познат европски фестивал. Пејачот Ристо Самарџиев го држи рекордот како седумкратен победник и изведувач и во дует и како автор на победничка песна, музика, текст или комплетен автор.

Вечното почивалиште на Душан Љубисављевиќ или попознат како Дуле од Дуле и Коки

Како и минатата вечер и втората фестивалска вечер започна точно со вклучување од црвениот тепих и разговор со изведувачите учесници како и со дел од одговорните на фестивалот. На црвениот тепих помина и градоначалникот на Штип Иван Јорданов со својата поубава половина, а и познати македонски изведувачи и водители кои во текот на вечерта ги најавуваа дел од песните. Официјалното стартување на „Макфест“ пак започна со појавувањето на музичката група која на сцената отсвири неколку познати макфестовски хитови. Веднаш потоа на сцената се појави водителскиот пар, Маријана Станојковска и Димитар Атанасовски. Тие фестивалот го започнаа со првиот блок на композиции, односно, оние пет композиции кои од минатата вечер според поените и гласовите од публиката и неколку члената стручна комисија влегоа директно во втората фестивалска вечер.

Вера Јанковиќ годинава дел од „Макфест“

По првиот најавен блок, на сцената се појави Вера Јанковиќ. Таа пак како и секогаш, и овој пат во само нејзин препознатлив стил излезе на сцената и отпеа дел од најпознатите макфестовски рефрени. Пееше во живо, и без матрица. Не врати на едно убаво време кое сите ние се надеваме и веруваме дека некогаш повторно ќе биде дел од „Макфест“. Се заблагодари на единствениот и засекогаш незаборавен и често споменуван, Стојан Троицки, како што ние велиме мозокот на „Макфест“. Троицки иако можеби веќе е повозрасен со заслужена пензија, тој се уште може да биде дел од „Макфест“ и со своите предлог идеи да придонесе фестивалот да се врати на онаа некогашна патека која со години сигурно, но пополека ја негуваше и функционираше. И беше успешен фестивал. Јанковиќ воедно го најави првиот блок од 5 композиции меѓу кој беше и првата композиција „Златни години“ во изведба на Владо Јаневски. Одлична композиција, Не врати и не потсети на едно преубаво време. А што и друго можевме да очекуваме од неговото појавување на „Макфест“. Вистински хит.

Владо Јаневски после многу години пауза се појави на „Макфест“ со песната „Златно години“

Вечерта продолжи со одлична позитивна и убава макфестовска енергија и музика, Андријана Јаневска, Таско, Симона Поповска, Панче Касапски, Љубојна, Бојана Скендеровси, Ламбе… беа сам дел од композициите кои навистина од прва влегува во уво и го задржаа нашето внимание, вниманието на присутните а веруваме и на гледачите пред тв екраните.

Инаку, освен Вера Јанковиќ, како презентери-водители на сцената се појавија и тв водителот Миро Кацаров и познатата маникенка и тв презентар Светлана Црнокрак.

Пајак и Лара – награда за најслушана песна помеѓу двата фестивали

Единствената награда на овогодинешното издание на „Макфест“ заслужано ја добија Пајак и Лара со препознатливата и веќе надалеку познатата песна „Бела“, која беше изведена на минатогодишното макфестовско издание. Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов им врачи 120 илјади денари награда за најслушана композиција помеѓу двете изданија на „Макфест“. Заслужено и со право. Секоја чест. А веднаш потоа уште еднаш имавме привилегија и можност да ја слушнеме и видиме изведбата на „Бела“ во која верувајте – сите уживаа.

По официјалното завршување на 38-то издание на „Макфест“, освен фотографирање и земање изјави и интервјуа од дел од учесниците, сите ние се упативме на последната макфестовска забава која што се одржуваше во Coffee Lab сместен во штипскиот сити мол. Новинарите, изведувачите и сите оние кои беа дел од годинешниот „Макфест“ наздравивме за одлично поминатиот фестивал, се забавуваме а и годинава не изостана макфестовската торта која рака на срце беше превкусна па вашиот новинар-репортер мораше неколку пат да зема репете.

Последната забава на „Макфест“ по повод завршувањето на фестивалот, и традиционалната торта

И на крајот да резимираме. Помина уште едно одлично фестивалско издание, помина уште еден „Макфест“. Не велиме дека се беше совршено, но дека беше одлично и добро спакувано за разлика од минатата година, дека се трудеа да биде се под конец беше така и навистина е грев тоа да не се признае. Веруваме и искрено се надеваме дека следната година, следното 39-то издание на „Макфест“ ќе имаме уште поголем број на македонски познати изведувачи и дека ќе има борба за квалитетна македонска музика, борба за што поголем број на хитови од „Макфест“.

До следната година да сме живи и здрави и слушајте ги вашите омилени макфестовски рефрени.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: