Од 17-ти октомври стартува 38-то издание на “Скопски Џез Фестивал”

Скопскиот џез фестивал годинава, со исклучително силна програма и специјален фокус – ECM Records, ќе ја одбележи 50-годишнината од постоењето на култната германска издавачка куќа. Фестивалот ќе го отворат две легендарни светски гитарски појави: еден од најживописните и најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во последните 40 години – Дејвид Торн, како и триото на ултимативниот гитарски херој, неприкосновениот иноватор, композитор и импровизатор Фред Фрит.

Неодоливите мириси на Ориентот и Медитеранот ќе прострујат низ музиката на Ануар Браем – волшебникот на инструментот ут, автентичниот визионер и една од најголемите ѕвезди на дискографската куќа Esm, кој со својот квартет годинава прославува 10-годишнина од објавувањето на прославениот албум “The Astounding Eyes of Rita”, како и низ звуците на грчкиот мајстор на лирата Сократис Синопулос кој ќе настапи со својот уникатен квартет во чии дела се испреплетуваат фолклорните форми, византиската и класичната музика, како и бројните облици на импровизација и џез.

50-годишнината на Esm годинава се совпаѓа и со 50-годишнината на еден од најзначајните, највлијателните и најреволуционерните бендови на 20-от век – “Art Ensemble of Chicago”, кои, предводени од основачите Roscoe Mitchell и Don Moye, ќе го одбележат овој јубилеј со славеничка светска турнеја, чиј европски сегмент ќе финишира во Скопје. Едновремено, норвешкиот пијанист, клавијатурист, композитор, аранжер и перкусионист Јон Балке ќе и го претстави на публиката на 38-от Скопски џез фестивал својот исклучително интересен и оригинален проект Batagraf во едно специјално, есклузивно издание.

И конечно, последниот фестивалски датум е резервиран за настапот на најпоетичниот пијанист на денешницата, норвешката џез-сензација Торд Густавсен со неговото трио, како и за концертот на квинтетот на новата голема американска саксофонистичка ѕвезда Џејмс Брендон Луис и контрабас рециталот на француската басистка, импровизаторка и композиторка, една од најдоминантните фигури на современата европска музика Жоел Леандре.

Програмата на фестивалот годинава опфаќа и диџеј сет на италијанскиот иновативен џез ентузијаст Никола Конте, концерти на домашните Esm вљубеници Next To Silence и еклектичниот “магичен оркестар” на Џијан Емин, филмска проекција на документарниот филм посветен на Esm “Sounds and Silence: Travels with Manfred Eicher”, промоција и презентација на книгата “Cloud Arrangers” на словенечкиот фотограф Жига Коритник, како и доделување на наградата “Златен Орикс” за најдобар млад џез-музичар во 2019 година.

Програма на 38-то издание на “Скопски Џез Фестивал”:

17 октомври,  Почеток: 20 часот, Македонска опера и балет, David Torn (САД) и Fred Frith Trio (САД)

18 октомври, Почеток: 20 часот, Македонска опера и балет, Sokratis Sinopoulos Quartet (Грција) и Anouar Brahem Quartet (Тунис/Германија/Шведска/Либија), Почеток 00 часот, Клуб Епицентар, Nicola Conte dj set (Италија)

19 октомври, Почеток 20 часот, Македонска опера и балет, Jon Balke Batagraf (Норвешка) и Art ensemble of Chicago (САД), Почеток: 24 часот, МКЦ Дансинг сала, Dzijan Emin & The Magical Orchestra (Македонија)

20 октомври, Почеток 18 часот, МКЦ-Кино Фросина, Joelle Leandre (Франција), Почеток 20 часот, Македонска опера и балет, Tord Gustavsen Trio (Норвешка) и James Brandon Lewis Unruly Quintet (САД)

Програма плус на “Скопски Џез Фестивал”

15 октомври, МКЦ клуб и ресторан, Почеток 20 часот, Награда “Златен орикс” за најдобар млад џез музичар во 2019-та година.

16 октомври, МКЦ Кино Фросина, Почеток 20 часот, Sounds and silence: Travels with Manfred Eicher – Документарен филм, Почеток 22часот, Next to silence (Македонија)

17 октомври, МКЦ Кино Фросина, Почеток 14 часот, Cloud Arrangers на Жика Коритник (презентација на книга)

Сите детали околу програмата може да ги најдете на www.skopjejazzfest.com.mk или во програмскиот каталог на фестивалот.

Повеќе на Музика24...

Остави коментар

Вашата маил адреса нема да биде објавена.