Фестивали

ОФФ-Фест од 6-ти до 9-ти јуни

Дваесет и третото издание на нашиот најголем и најзначаен фестивал на музиката на светот ќе се одржи од 6-ти до 9-ти јуни во Македонската опера и балет, Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија, со осум концертни настапи и два документарни филма.

ОФФ-Фест 2024 ќе го отворат две големи имиња на африканската музика: Бомбино, еден од најреномираните претставници на прославениот „пустински блуз“, и јужноафриканските ѕвезди БИ-СИ-ЈУ-СИ, познати по својот афро-психоделичен транс и импресивните настапи во живо.

Вкусниот микс од меланезиски, индиски, африкански влијанија и европски фолк со елементи на импровизирана музика на холандскиот секстет Бои Аки, во комбинација со оригиналниот и моќен звук на француско-етиописката супер-група Куту, ветува беспрекорно фестивалско доживување.

Висенте Амиго, најголемата ѕвезда на фестивалот, се смета за наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист Пако де Лусија. Со две Греми награди зад себе, придружуван од музичари од највисока класа, тој ќе го претстави своето фасцинантно творештво, коешто му донесе светска слава и придонесе неговото име да се стане референца за фламенко гитарата денес.

Последната вечер на ОФФ-Фест ќе биде во знакот на три извонредни европски состави: фуриозниот полски гудачки квинтет Волоси со својот оригинален микс во кој се вкрстуваат влијанијата на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, потоа домашните нео-фолк миленици во подем Калата, како и познатиот српски модерен етно колектив Нејкид.

Во рамките на предфестивалската „програма плус“ ќе бидат премиерно прикажани и документарните филмови „Сезарија Евора” и „Агадез, музиката и отпорот“.

Можеби ќе ве интересира: