Фестивали

„Охрид фест 2024“ најавува големи музички имиња годинава меѓукои Јелена Томашевиќ, Дадо Топиќ, Гоца Тржан… (Фото)

Подготовките за претстојното 31. издание на популарниот „Охрид фест – Охридски трубадури“ се во полн ек: годинава фестивалот ќе се случува на 30-ти и 31-ви август на добро познатата, величенствената сцена на Долни Сарај.

„Охрид фест“ е еден од најпознатите музички фестивали кои низ својата историја оставија сериозна трага во нашата музичка индустрија, но е познат и надвор од границите: изминатите три децении допре до над 200 милиони гледачи, се емитуваше во педесетина земји во Европа и низ светот, во фестивалската биографија е запишано дека на него настапија пејачи од 37 земји, но тој е и значаен симбол на градот Охрид.

„Токму затоа „Охрид фест“ широко ги отвара вратите за сите охриѓани и за оние што во тој период ќе бидат во убавиот Охрид, бидејќи влезот е слободен“, информира Григор Копров, првиот човек на фестивалот

„Што се однесува до ова издание, со целото искуство што го имам и со здружени сили на тимот со кој работиме со години, не очекува одличен фестивал, со многу добри песни, со настапи на нашите докажани имиња, гости од странство, ѕвездите од екс – ју, но и многу млади пејачи. Новината е што од годинава имаме соработката со Канал 5, соработка на која искрено се радувам“, заврши Копров.

Традиционално фестивалот ќе започне со Фолк вечер низ која ќе води шармантната Ирена Спировска и каде покрај докажаните Благоја Грујовски, Катерина Танева, Благица Павловска, Петар Нечовски, Милица Кузмановска, група „Биоритам“…, шанса за убав старт ќе имаат и нови музички надежи.

Интернационалната вечер е резервирана за поп – музиката и младите, но и за етаблирани имиња од Србија, Хрватска, Босна, Словенија, Бугарија… Омилената водителска двојка Марјана Станојковска и Васил Зафирчев ќе бидат на своите позиции, а на фестивалот ќе ги видиме Јелена Томашевиќ, Дадо Топиќ, Гоца Тржан, Срѓан Марјановиќ, Брано Ликиќ, Тони Мишел, Принцот од Врање и многу други.

Како и секоја година, така и оваа, единствениот македонски музички портал во Македонија – Музика24.мк, ќе биде еден од медиумските партнери на „Охрид фест“.

„Охрид фест“ ги подржува младите, но е познат и како фестивал кој има долга меморија и ги почитува уметниците кои оставиле трага во музиката, не го заборава квалитетот на уметниците кои за адутот го имаат траењето. Во тој контекст, за безвременска песна е прогласена „Одисеја“ што маестрално ја пее Лео Мартин, композиција која го издржа тестот на времето од 1973 година.

Организаторите најавуваат уште изненадувања, а директниот пренос на „Охрид фест“, на 30-ти и 31-ви август, од 21 часот годинава ќе се случува на телевизија Канал 5.

„Охрид фест“ останува доследен на себе си, да слушате, гледате и уживате во музиката!

Можеби ќе ве интересира: