Фестивали

Општина Штип распишува конкурс за избор на композиции за 39-то издание за Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“

Во текот на денешниот ден на официјалната Фејсбук страна на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ е објавен конкурсот за избор на композиции за овогодинешното 39-то издание Музичкиот портал Музика24 објавата за конкурс во целос ви ја пренесува:

Фестивалот „Макфест 2024“ ќе се одржи вo втората половина на месец октомври 2024 година во Штип. Во деновите на одржувањето на Фестивалот предвиден е директен телевизиски пренос на фестивалските вечери. Општина Штип во својство на организатор и покровител, на крајот на натпреварувачката вечер ќе додели три афирмативни музички награди без паричен надоместок, односно:

  • Награда за највпечатлив спој на мелодија и аранжман “Драган Ѓаконовски – Шпато” ќе се додели согласно одлуката донесена од страна на Стручната жири комисија и присутната публика.
  • Награда за највпечатлива вокална интерпретација, ќе се додели согласно одлуката донесена од страна на Стручната жири комисија и присутната публика.
  • Награда за највпечатлив дебитантски настап на Фестивалот, ќе се додели согласно одлуката донесена од Стручната жири комисија и присутната публика.

Услови за учество на „Макфест 2024“

  • На Конкурсот може да учествуваат сите заинтересирани домашни и странски автори и изведувачи кои ги поседуваат потребните квалификации и кои сакаат да се истакнат со својот квалитет, способност и креативност.
  • Еден изведувач или музичка група може да учествува на Фестивалот најмногу со една композиција.
  • Еден автор на музика или текст може да учествува на Фестивалот најмногу со две авторски дела.
  • Еден автор на аранжман може да учествува на Фестивалот најмногу со три авторски аранжмани.
  • Материјалите на Конкурсот задолжително треба да се пратат под шифра.
  • Организаторот нема обврска да им ги врати материјалите на авторите и изведувачите од композициите кои нема да бидат прифатени на Конкурсот.
  • Учесниците на Конкурсот на кои ќе им бидат избрани композициите ќе бидат информирани за исходот најдоцна до 10-ти мај 2024. Организаторот презема обврска најдоцна до наведениот датум да го истакне списокот со имињата на сите примени композиции на интернет страната makfest.mk. Организаторот нема обрска поединечно да ги информира оние автори чии композиции нема да бидат примени на Конкурсот.
  • Организаторот го задржува правото заради несоодветни и недоволно квалитетни предлози пристигнати на Конкурсот, да нарача композиции од домашни или странски автори.
  • Организаторот со авторите и изведувачите чии дела ќе бидат избрани на Конкурсот, ќе склучи договор и ќе им исплати надомест во износ нето 61.500 денари на сметка на лидерот-носителот на тимот. Со склучување на договорот, авторите и изведувачите имаат обврска на организаторот да му ги пренесат правата за прво јавно изведување, за радиодифузно емитување, за тонско и видео снимање, умножување и продажба на носачи на слика и звук, објавување на тонските и видео записите на интернт и друго, како и право организаторот некои од овие права да ги пренесува на трети лица.
  • Организаторот ќе стане сопственик на фонограмот што ќе биде снимен.
  • Постпродукцијата на сите примени композиции ја реализира организаторот.
  • Изборот на композициите што ќе бидат премиерно изведени на Фестивалот на забавни мелодии Макфест Штип – 2024 ќе биде направен од страна на Селекциона комисија-Уметнички совет.

Услови за изготвување композиција

Авторите се должни да достават оригинални композиции со испишана мелодиска линија и хармонски симболи во духот на македонскиот евергрин – шлагер, и на новосоздадената забавна македонска песна. Композицијата треба да биде оригинална и досега неизведувана. Композициите доставени на Конкурсот не треба да се подолги од 3’.30”. Текстот на композицијата треба да биде на македонски јазик. За интернационалните изведувачи, ќе им биде дозволено да вметнат само еден рефрен на јазик различен од македонскиот.

На Конкурсот нема да бидат земени на разгледување оние композиции во кои се промовира говор на омраза, расна или верска нетолеранција, во кои се кршат човековите права или се заговара употреба на недозволени средства.

Упатство за испраќање на материјалите на конкурсот

Конкурсниот труд треба да биде доставен во затворен плик на кој од предната страна ќе биде испишан следниот текст:

До Општина Штип
ул. „Васил Главинов“ 4В
2000 Штип, Р.С. Македонија
За Фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2024“

Конкурс

Конкурсниот труд треба да ги содржи следните материјали:

  1. Композицијата треба да се достави со испишана мелодиска линија отпечатена на А4 формат;
  2. Текстот за песната треба да се достави испишан со кирилско писмо и отпечатен во еден примерок на А4 формат;
  3. Демо снимката од композицијата треба да биде снимена на ЦД или USB

Важно правило:

На погоре наведените материјали треба да стои само насловот на песната. На ниту еден од нив НЕ СМЕЕ да бидат наведени имињата на авторите или изведувачите. Материјалите на кои ќе биде забележано отстапување од наведеното правило, нема да бидат земени на разгледување.

Податоците за авторите и изведувачите задолжително треба да бидат доставени во посебен затворен плик во стандардна димензија. Ковертот од предната страна треба да има назнака:

ПОДАТОЦИ ЗА АВТОРИТЕ – НЕ ОТВОРАЈ! Веднаш под назнаката треба да се наведат: шифрата и насловот на композицијата. Пример:
ПОДАТОЦИ ЗА АВТОРИТЕ – НЕ ОТВОРАЈ!
ШИФРА: МАКФЕСТ 2024
НАСЛОВ НА КОМПОЗИЦИЈАТА: ИДИЛА
Податоците за секој автор поединечно треба да се отпечатени на посебен лист и треба да ги содржат следните информации:

  • Име и презиме на носителот на проектот (лидер);
  • Вид на дело/дела кое го има изготвено авторот (музика, текст или аранжман);
  • Наслов на композицијата;
  • Адреса;
  • Мобилен телефон;
  • Емаил;
  • Предлог од страна на авторот за изведувач на композицијата (конечната одлука ја донесува организаторот).

Секој автор / лидер на проектот е должен да достави нотарски заверен документ, во кој ќе биде содржано:

  • Изјава дека композицијата е лично авторско дело кое претходно не било изведувано;
  • Изјава за согласност за процентуална распределба на паричните средства од надоместокот;
    Изјавите од авторите задолжително треба да бидат доставени во посебен затворен плик во стандардна димензија, или електонски на наведениот линк. Ковертот од предната страна треба да има назнака: ИЗЈАВИ ОД АВТОРИТЕ – НЕ ОТВОРАЈ! Веднаш под назнаката треба да се наведат: шифрата и насловот на композицијата.
    Пример:
    Изјави од авторите – Не отворај!
    Шифра: Макфест 2024
    Наслов на композицијата: Идила

Напомена:

Материјалите кај кои ќе бидат забележани недостатоци или неуредна достава, нема да бидат земени на разгледување.

Рок на учество:

Последен рок за учество на конкурсот е 2 мај 2024 година. Во предвид ќе бидат земени материјалите кои ќе бидат испратени по пошта најдоцна последниот ден од Конкурсот и ќе содржат валиден поштенски жиг, материјалите кои најдоцна последниот ден од Конкурсот ќе бидат уредно заверени во архивата на Општина Штип до крајот на работното време или електонски на наведениот линк www.makfestfestival.com .

Можеби ќе ве интересира: