Откажан концертот на Жељко Јоксимовиќ дел од “Охридско лето”

По многубројните и бурни реакции на јавноста и домашните музичари за важноста на “Охридско лето” и високите стандарди на овој фестивал, раководството на фестивалот да го преиспита својот став за концертот на Жељко Јоксимовиќ, и покрај тоа што преговорите со Јоксимовиќ се уште течеа, соопшти директорката на фестивалот Наташа Поповиќ.

“За жал, нацрт-верзијата, која, напоменувам, не е конечна, деновиве се најде на социјалните мрежи, со што одредени личности ја злоупотребија искажувајќи револт и бес без притоа да пофалат или во најмала рака да напоменат дел од другите уметници што се најдоа во истата работна верзија, а се врвни уметнички имиња. Нема да судиме ниту да бараме причина зошто некој пред почетокот на ова јубилејно издание сакаше да ја омаловажи успешната традиција на највредниот фестивал што го имаме. Остануваме посветени на финалните подготовки за почетокот на фестивалот, кој годинава поради пандемијата на ковид 19 ќе биде на 4 август”, изјави директорката Поповиќ.

“Јавноста за брзо време ќе биде известена кои музички имиња и театарски претстави ќе го одбележат “Охридско лето” 2020 година. Она што можам сега да го кажам е дека Жељко Јоксимовиќ нема да биде дел од програмата. Направени беа само првични преговори и не е потпишан договорот. Повторувам, преговорите беа Јоксимовиќ да настапи во дополнителната програма, што фестивалот секоја година ја има покрај официјалната, во која се класичната музика и театарот”, додава Поповиќ.

Јубилејното 60-то издание на “Охридско лето” ќе почне на 4-ти август и ќе трае до 30-ти со почитување на протоколите на Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство и Уредбата на Владата. Сите настани ќе се одржуваат на отворено на сцените на Античкиот театар, Долни Сарај и предворјето на црквата Света Софија. Содржините на фестивалот идната недела ќе бидат објавени на прес-конференција.

Повеќе на Музика24...