Фестивали

“Пивофест” заврши, изведувачите ги чекаат хонорарите, а организаторот се лекува (Фото)

Фестивалот на пивото и скарата во Прилеп – “Пивофест” заврши пред една недела, но се уште има превирања, реакции и негодувања во однос на организацијата од која беше незадоволна седмата сила.

Годинава, и покрај тоа што новинарите од останатите градови и медиуми не присуствуваа (немаше обезбедено сместување, акредитации, секојдневни пресови…), екипата од музичкиот портал Музика24 самоиницијативно токму на затворањето на фестивалот, на 17-ти јули недела, го посети градот Прилеп и на неколку часа лично ja почувствува фестивалската атмосфера, но и непрофесионалниот однос на организаторот Пеце Стоикоски.

Неговиот ПР тим секојдневно и редовно ги “труеја” медиумите со набилдани бројки и пропагандни материјали за успешноста и посетеноста на фестивалот. Но, бидејќи лично се уверивме и ја почувствуваме фестивалската атмосфера, може да потврдиме документирано дека посетеноста беше далеку помала од бројките што тие ги прикажуваа во јавност. Дури и настапот на групата “Меморија” кој имаше публика не ја надмина бројката од 10.000 илјади посетеност распоредени пред стејџот. Замислете, 100.000 публика во град кој има само 70.000 илјади жители?! Или што би рекол покојниот Џумерко, ако лажеме да лажеме до крај.

Но да се вратиме на нашето искуство со ПР-от на организаторот, Ване Маркоски, кој патем беше задолжен да ни ги предаде акредитациите како би можеле да присуствуваме и позади сцената и да направиме професионални фотографии, бидејќи годинава секако изјави од изведувачите немаше. И наместо да добиеме акредитација, ние добивме класична манипулација. Ване не ни одговараше на повиците, ниту пак на смс пораките, каков ми ти е тој ПР?!

Кога сме кај оваа “професија”, некои од претставниците на ПР службата на Градоначалникот Борче Јовчески претходно не контактираа за да не одоброволат во критичкиот пристап на фестивалот со нагласување дека треба да го подржиме бидејќи се воозобновува оваа година, а тоа беше предизвикано од критичкиот став кој го зазеде Музика24 како единствен македонски музички медиум во Македонија кон организаторот Стоикоски поради неговиот непринципиелен однос кон медиумите. Всушност се прашуваме Градоначалникот Јовчески по кој принцип го одбра овој организатор за кој не беше спроведена транспарентна објава во форма на конкурс, па претпоставуваме дека во прашање е некоја пријателска релација.

Бидејќи “Пивофест” заврши, ексклузивно дознаваме дека дел од изведувачите немаат потпишано договори, односно, преку усмен договор веруваат дека ќе им биде платен ветениот хонорар за настапот на “Пивофест”. Другиот дел изведувачи пак, кој потпишале договор очекуваат на два пати да им биде хонорарот исплатен. Но, заедничко и за едните и за другите е дека се особено незадоволни од односот на организаторот и неговата упорна желба да им ги преполови хонорарите на македонските изведувачи. Многу од нив се спремни да проговорат за своето лошо искуство со организаторот Пеце Стоикоски, така што наскоро можеби и ќе пренесеме дел од нивните искуства.

Кога сме кај потпишувањето на договорите кај овој фестивал, стара практика беше договорите пред месец дена да бидат потпишани со изведувачите, а не како што се случувало со одредени изведувачи, дури после настапот да се потпише договорот.

Дел од македонските учесници на годинешниот “Пивофест”, за Музика24 го изјавија следново:

“Не би сакале да зборуваме за хонорари и договори, се што можеме да кажеме е дека сме среќни што за време на настанот немавме допирни точки со Пеце организаторот, туку директно комунициравме со луѓе од општинскиот кабинет кои не пречекаа и угостија како што доликува на едни домаќини. Уште кога дознавме дека Пеце е оној со кој треба да преговараме, бевме недоверливи од причина што тој пред неколку години ни има останато должен за еден настап, така да не сакавме повеќе да имаме со него допирни точки. Односот негов кон македонските артисти е катастрофален и постојано се обидуваше да им ги спушти хонорарите. “Пивофест” во Прилеп е сериозен настан кој треба да го организираат луѓе со кредибилитет и високи менаџерски способности, ентузијасти, пред се чесни, но и луѓе кои ги почитуваат нормалните барања на македонските артисти кои во голем дел од случаевите се третирани многу полошо од “странските” колеги”, изјавија дел од учесниците на “Пивофест” за Музика24.

Интересно е што македонските артисти и покрај тоа што беа во поголем број годинава, не остварија големи хонорари за разлика од гостите од надвор кои секогаш биле исплаќани со високи суми на пари. Дека овие тврдења не се шпекулации потврдуваат изјавите кои ги имаме во нашата редакција како доказ. Последната информација за организаторот Стоикоски е дека после “Пивофест” се поболил и дека има температура, но не била предизвикана од корона, од што ли ќе да е?!

Само ќе нагласиме дека фестивалската програма постојано се менуваше, многу изведувачи отпаднаа како на пример Владо Јаневски кој не се ни појави, потоа Четкар за кој се крена огромна прашина, не го видовме ни Тифа кој беше споменат, а ни Влатко Стефановски. Она што последно публиката ја нервираше беше менувањето на термините, па така обожавателите на “Суперхикс” го гледаа Ламбе Алабаковски и слично.

Со еден збор, на годинашниот 18-ти “Пивофест” има многу пропусти за кој би можеле во продолженија да пишуваме, затоа што реакции има и за алтернативната сцена која била временски органичувана, што значи ништо не беше сјајно ни бајно како што сакаше организаторот да го претстави на јавноста. Дали сите овие пропусти ќе го освестат Градоначалникот Јовчески вгодина да размисли кому ја доверува улогата со-организатор на “Пивофест” останува да видиме… ние битно како и досега, така и одсега ќе го следиме развојот и случувањата на овој фестивал на кој сме секогаш присутни и покрај опструкциите.

Подготви: Иван Јосимовски

Фото: Инстаграм/Фејсбук

Можеби ќе ве интересира: