Со Поп симфонија вчеравечер на Ракометното игралиште во Битола заврши второто издание на фестивалот „Балкан Гала“. Камерниот оркестар на Битола во придружба на осум истакнати вокали од земјава и регионот пред преполното Ракометно игралиште изведоа десетици поп нумери. Втората фестивалска вечер ја отвори битолчанецот Виктор Апостоловски со популарната „Супермен“ а по него своите најголеми хитови и светски познати песни изведуваа: Александра Јанева, Викторија Лоба, Ламбе Алабакоски, Ристо Самарџиев, Горан Каран, Гоца Тржан и Тони Цетински. Посебно емотивна беше изведбата на „Игри без граници“ на Тоше, од страна на Гоца Тржан која беше негова голема пријателка а која и овој пат со солзи во очите ја отпеаа нејзината омилена песна од Тоше.
Камерниот оркестар на Битола под диригентската палка на маестро Владимир Димовски, како и секогаш беше брилијантен во својата изведба која во комбинација со познатите вокали беше вистинско музичко-сценско уживање и спектакл.
После повеќе од два часа квалитетен поп репертоар вечерта заврши со дуетска изведба на даламтински и италијански нумери од страна на гостите од Хрватска, Горан Каран и Тони Цетински за потоа групно сите изведувачи да ја отпеаат „Битола, мој роден крај“
Уште еднаш се потври дека Камерниот оркестар на Битола заслужено ужива големо реноме и популарност а фестивалот „Балкан гала“ е уште еден во нивната низа успешни проекти. Со ова второ издание фестивалот веќе станува традиционален а со сигурност и еден од најпопуларните фестивали во градот.