Фестивали

Сите патишта ќе водат кон Валандово – 26-ти мај „Фолк Фест Валандово” по 37-ми пат (Фото)

Триесет и седмото издание на „Фолк Фест Валандово” ќе се одржи на 26-ти овој месец во Фестивалската сала „Јанко Узунов“, а ќе бидат исполнети 20 новосоздадени македонски песни. Ова беше соопштено на вчерашната прес-конференција што се одржа во Валандово, на која беа споделени информациите за фестивалот и до каде се подготовките за ова издание.

Според градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, подготовките течеле во најдобар ред.

„Фолк Фест Валандово“ не е само валандовска гордост, туку и национална, македонска вредност, а нема македонска веселба која поминува без песни кои се испеани и коишто што почнале на оваа фестивалска сцена во Валандово. Затоа, како градоначалник на Општина Валандово ги повикувам пред се граѓаните на Општината за да бидеме, пред се, гостопримливи, но и сите наши гости од целата држава да присуствуваат и да му дадат еден посебен шарм на нашиот водечки фестивал во државата“, рече валандовскиот градоначалник.

Тој информираше дека пред главната фестивалска вечер е планирано да се одржат две предфестивалски вечери на Градскиот плоштад на 24-ти и 25-ти мај.

„На овие вечери ќе настапат Драган Мијалковски, Перо Христов, Влатко Лозановски, Кирил Џајковски, Игор Џамбазов и „Ареа“ и имаме програма за сите вкусови“, рече Костадинов.

Уметничкиот директор на фестивалот, Живоин Глишиќ, информираше дека на Јавниот конкурс пристигнале повеќе нови песни, а жирито одбрало 20.

„Сметам дека тоа што го направивме и од тоа што го нудиме е само продолжување на сето што го направивме досега на фестивалот, односно ова е петта година како овој уметнички и директорски состав го правиме фестивалот и сметаме дека направивме едно големо искачување на одредено ниво на Фестивалот“, рече Глишиќ.

На вчерашната прес-конференција со жрепка беше одреден редоследот на настапите на исполнителите, а наградите се доделуваат со гласање на публиката во салата и стручното жири.

Со извршување на жрепка се определи распоредот на песните и изведувачите на „Фолк Фест Валандово” и тоа по следниот редослед:

  1. Раде Младеновдки – Усни ти љубам
  2. Оливер Алексовски – Мирисот на дома
  3. Мишко Крстевски – Само ќе ти пејам
  4. Александар Здравков – Проклета биди
  5. Јованка Јо – Одаја за нас
  6. Ивана Стојановска – Скарана со љубовта
  7. Анастасија Митровска – Тропни ми на порти
  8. Ангела Влинтовска – Темјана
  9. Борче Наумовски – Благи думи за Благица
  10. Бојан Палиќ – Маре душо
  11. Драган Николовски – Мерак живот балкански
  12. Сашо Башевски – Спомени
  13. Живе Мешуревски – Еј мешано
  14. Габриела Новевска – Го чекам аберот
  15. Марио Петрушевски – Лична Македонка
  16. Методија Столевски – Земи ме
  17. Иван Стојанов – Љубов невозвратена
  18. Софија и Никола – Љубовта е оган
  19. Лени Партикова – Искрена љубов се бара
  20. Игор Ангелов – Удрете ајде

Музичкиот портал Музика24 и оваа со своја екипа ќе биде дел и од ова валандовско фестивалско издание, инаку водители и годинава традиционално на „Фолк Фест Валандово” се Ирена Спировска и Ѓорги Калајџиев. Македонската радио и телевизија на своите програми директно ќе го пренесува „Фолк Фест Валандово”.

Можеби ќе ве интересира: