На 31-ви октомври во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи четвртото издание на „Skopje Drum Festival”, кој е единствен од овој карактер во Македонија. Оваа година програмата опфаќа перформанси на одредени музички изведувачи, работилници и изложба и презентација на рачно изработени ударни инструменти.
Освен Војтек Дереговски и младиот Јан Стефановски, во делот од програмата предвиден за перформанси ќе настапат и Павел Ренџов Трио.

Павел Ренџов, по завршување на средното музичко училиште во Скопје, заминува на студии во Келн (Германија), каде дипломира на отсекот ударни инструменти – тапани кај професорот Keith Copeland. Во Германија има можност да настапува во разни џез формации, заедно со поминентните џез музичари како Martin Lillich, Scott White, Martin Sasse, Mark Wyand, Jesse Miliner, Martin Auer и многу други.
Од 1997 до 2008 година настапува како перкусионист и тапанар со “Cirque du Soleil” со преку 2000 настани во цела Европа. Во 2023 година се враќа во Македонија, каде го формира триото со Петар Марков – Маруш на гитара и Simeon Boudreau на бас. На “Skopje Drum Festival”, триото ќе настапи со специјалниот гостин, проф. Трајче Велков на труба.
Покрај музичкиот дел, на „Skopje Drum Festival” ќе се одржат и неколку работилници и тоа:
- Радослав Шутевски – Шуте, Тема: Животот низ призмата на тапаните и
- Драган Теодосиев, Тема: Примена на македонскиот традиционален ритмички јазик во современите жанрови
Доколку барем малку Ве заинтересиравме и имате желба да бидете дел од четвртото издание на „Skopje Drum Festival”, Вашите билети можете да ги обезбедите на веб сајтот на Младинскиот културен центар по цена од 400 денари.