Фестивали

Славниот Ник Кејв во фокусот на фестивалот „Скопје Синема Сити“

Со изложбата на фотографии од Ник Кејв на белградскиот фотограф Немања Ѓорѓевиќ на 29 јуни, во галеријата на Културно информативниот центар (КИЦ) , со почеток во 19  часот ќе биде означен стартот на 8-то издание на филмскиот фестивал Скопје Синема Сити.

Артист во фокус на фестивалот е славниот музичар, пејач, поет, изведувач Ник Кејв и на 30  јуни, во летното кино „Мирно лето“ на Кинотека на РСМ, фестивалот ќе се отвори со проекција на документарниот филм „Ник Кејв: 20,000 денови на земјата“  на Јан Фoрсајт и Џејн Полард.

Немања Ѓорѓевиќ е рок фотограф, видео режисер и уредник на порталот Балканрок, и зад себе има бројни самостојни изложби „Расчекор“ (2012) како дел од турнејата на бендот Blockout, „Сенките на звукот“ (2015), „Небесна тема“ (2016) посветена на Влада Дивљан, „Искреност“ (2017), „Beating Drum is a Heart“ (2020) и „Марк Ланеган: Ланегановиот пат кон утрешницата“ (2022).

Учествувал и на бројни групни изложби меѓу кои се истакнуваат традиционалните „Рок моменти.“ Исто така имал изложби во рамките на фестивалот Егзит во Нови Сад, Арсенал Фест во Крагуевац, Демофест во Бањалука и Дум Дум фест во Лесковац. Неговата изложба насловена како „They Long For the Light of Your Touch” со фотографии од бројните концерти на Ник Кејв во Белгрд, Загреб и Нови Сад и ќе биде премиерно поставена во регионот.

Оваа година Кејв е лауреат на фестивалот и традиционално ќе добие признание за животно дело. Тој годинава замина на турнеја откако во изминатите две  години поради пандемијата таа беше двапати одложувана. Во рамките на истата ќе настапи во јуни во Загреб на Ин фест и на Егзит на 8 јули.

Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт Скопје. Изложбата ќе се отвори во 19 часот, додека проекциите во летното кино во Кинотека ќе започнуваат во 20 часот. Програмата на фестивалот „Скопје Синема Сити“ е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура, Кинотека на Северна Македонија, Културно Информативниот Центар, Навигаторс ПР агенција и здружението на Србите во Македонија, „Спона.“

Можеби ќе ве интересира: