Со концерт на Хели Сиекинен од Финска се отвори Фестивалот на музика од светот

Вчера вечер во полната голема сала на Центарот за култура – Битола со концертот на финската музичарка Хели Сиекинен на бандонеон (инструмент сличен на хармоника), се отвори овогодинешното издание на Фестивалот на музика од светот.

Настапот на Сиекинен беше виситинско музичко разгалување и уживање за сите присутни. Уникатниот звук на бандонеонот на Хели беше придружуван од сега веќе многу познатиот Камерен оркестар на Битола и вокалот Марија Димитријевиќ. Оркестарот е под диригентската палка на маестро Владимир Димовски, кој воедно е и селектор на овој фестивал. Фестивалот за отворен го прогласи заменик министерот за култура, Владимир Лазовски.

“Фестивалот скромно почна пред единаесет години, но со својот квалитет се избори на мапата на земји со високопрофилирани уметници од целиот свет, поддржувајќи ги домашните изведувачи, кои можат да се пофалат исто така со своите европски стандарди. Министерството за култура во овој фестивал препозна свој партнер кој се профилира во настан кој се истакнува со својот квалитет, ексклузивност. Ова е настан кој со своето значење и прогресивен концепт на афирмација на најразличните музички жанрови даваат свој придонес за регионален развој на културата”, рече заменик министерот за култура.

Подготви: Филип Етмишовски

Повеќе на Музика24...