На 24-ти август, четврток, на Градскиот плоштад во Куманово во рамки на Кумановското културно лето се одржа 11-то традиционално издание на познатиот музички фестивал на шегобијна песна “Тумба фест”. Екипа на музичкиот портал Музика24 на покана на организаторот Здружението на граѓани “Етно Ризница” и директорот на фестивалот Драган Митевски, присуствуваше на фестивалот и беше дел од истиот и случувањата кои вечерта на 24-ти се случуваа пред и по самото фестивалско издание.
Оваа година честа да го отвори фестивалот ја имаше кумановското Тумбе кафе Бенд, а веднаш по нив се редеа и останатите учесници, младиот и надежен Марио Петрушевски, Методија Столевски, Лилјана Прнаркова, Ристо Краповски, Петар Нечовски, Џони Ани и Бато, Благица Павловска… како и многу други кои беа дел од овогодинешното фестивалско издание.
За разлика од минатогодишното издание кое се одржување во Домот на културата во Куманово, на кое што поради непознати причини се чувствуваше дека нешто недостасува, како со аудио делот така и со останатите детали кои се во моментов и неважни, оваа година пред се ќе ги пофалиме организаторите од “Етно Ризница” како и Општина Куманово која оваа година заедно со Фондацијата за култура и спорт од Куманово и финаниски и логистички го помогнаа фестивалот и со самото тоа допринесоа во центарот на Куманово да се чуе квалитетна и одлична македонска шегобијна песна.
Инаку, на фестивалската сцена, оваа година можевме да слушнеме 21 песна и тоа на струмички, кумановски, прилепски, гевгеличански и уште неколку други дијалекти кои се богатство како за нас, така и за нашата држава Македонија. Освен тоа, на сцената можеше да се види и тутун, банани, да се чујат песни за шоферски маки, за пензионерки тинејџерки, за кумановското корзо, за невестите од куманово, за стумичанецот и кумановската… Со еден збор Македонија во мало.

Наградата за најслушана песна помеѓу два фестивали ја доби познатата фолк пејачка Елена Велевска со песната “Ленче и Зоне”, која и овој пат со својот настап исто како и минатата година остави голем впечаток кај присутната публика.


Наградата за животно дело ја добија познатата македонска фолк пејачка Атина Апостолова, како и фолк пејачот Круме Спасовски.
А што кажаа дел од учесниците за овогодинешното издание на “Тумба фест”, прочитајте во продолжение:

Горан Милошески – продуцент, композитор и пејач: Пред се да кажам дека годинава организацијата на фестивалот е одлична. Супер сцена, супер озвучување, Македонската телевизија го снима ќе го емитува одложно. Јас годинава освен што учествувам на сцената, дел сум фестивалот и како композитор, аранжер, продуцент и текстописец на три композиции. Имам една композиција која што годинава намерно јас ја смислив уште во месец јануари за една Јовка Кумановка заедно со мојот добар другар Џони со кој заедно работиме студио и дојдовме до идеја да се викаме Џони, Ани и Бато (јас сум Бато). Една убава девојка која што ни доаѓа од Кратово и која што годинава е дебитант ќе настапи со нас на сцената со двајца фраери, едниот скопски а другиот од Прилеп. Пееме за неа се додоворуваме, јас со моите прилепски особини… тутун да нижи, со букет од банани, видовте и самите како ја изведовме песната на сцена, а потикнавме и смеа и аплаузи од публиката. Јас мислам дека оваа композиција ќе се најде на многу радиостаници ширум Македонија, а морам да кажам и дека веќе во Австралија, Мелбурн, Сиднеј, Перт, Канада… морам да ги поздравам, веќе таму нашата композиција се наоѓа на првото место. Се пушта, се слуша, а и јас наскоро ќе бидам таму и ќе гостувам. Оваа композиција е веќе слушана. Оваа прилика ќе ја искористам да му се заблагодарам на познатиот наш македонски маестро Сашо Ливрински за неговото големо залагање, за преубавите отсвирени хармоники на песните кои што ги исполнија Марио, Лилјана и нашата “Швалерска рапсодија”.

Катерина Брезева – вокал во Група Соната: Годинава мора да признаеме дека има многу добри песни меѓу кои ќе ја споменам и нашата. Верувајте за прв пат пееме композиција на кумановски дијалект и сум навистина презадоволна. Ако имаме медиумска поддршка и каде би се слушале овие песни, јас верувам дека сите песни би биле слушани и повеќето од нив би биле добри хитови.

Лилјана Прнаркова – позната македонска фолк пејачка: Годинава сум супер задоволна од “Тумба фест”, бидејќи пејам песна на кумановски дијалект и среќна сум. Веќе неколку години по ред настапувам на овој музички фестивал. Минатата година пеев песна на гевгелиски дијалект, претходно со песна на валандовски дијалект бидејки јас сум пред се од Валандово. Баш ми е чест и задоволство дека сум во Куманово и пејам на кумановски.

Марио Петрушевски – млад и надежен пејач: Со оглед на тоа дека ми е прв пат и сето ова е едно големо искуство за мене, задоволен сум од се. И од себе и од луѓето со кои што соработувам на овој фестивал. Прв пат настапувам на фестивал во живо. Јас до 18 години играв фудбал, сега сум 20 години, активно пеам речиси 8 месеци и сето тоа благодарение на Горан Милошески – Бато. Оваа прилика ја користам од срце да му кажам едно големо Благодарам, бидејќи тој ми ги отвори сите врати за да стигнам онаму каде што сум сега. Инаку, на 27-ми во недела настапувам на Лешочкиот фестивал со исто така убава песна, кој сака нека повели во Лешок во очи големиот македонски христијански празник.

Сузана Апостолова – водителка на “Тумба фест”: Како и секое издание сум задоволна од годинешното, меѓутоа секоја нова година одново и одново секој фестивал блеснува во ново светло со нови песни кои што даваат уште поубав шмек на фестивалот, посебно со негувањето на традицијата и шегобијноста на кумановци што треба да се одржува како традиција. Не би требало во идните години да има некои големи промени, меѓутоа ете така помеѓу песните и блоковите освен водителскиот настап убаво е да има некои шегобијни моменти што ќе бидат убаво вкомпонирани во целата концепција на фестивалот, како што беше настапот на Ѓорги Калајџиев вечерва.
По одржување на официјалниот дел на фестивалот, сите учесници се упатија во познатиот кумановски комплекс “Куманово Спа” каде на афтер парти забава сите барем по еднаш се фатија за микрофон и отпеаа по една омилена македонска песна.
На крајот од денот ќе резимираме, на Куманово и Македонија му треба фестивал како што е “Тумба фест”, да си ја негуваме својата музика, квалитет, дијалектите како и шегата која многу добро може да се преточи во одлично отпеана песна.
Овогодинешното 11-то издание на “Тумба фест” го снимаше и реализираше Македонската телевизија која одложно ќе го емитува на својата програма.