Фестивали

Со рок евергрини започна фестивалот „Балкан гала“ (Галерија)

Вчеравечер на Ракометното игралиште во Битола започна 2-то издание на фестивалот „Балкан Гала“. Фестивалот оваа година е во две вечери, а се отвори со Рок симфонија. Битолчани но и публика од околните градови два часа уживаа во најголемите рок евергрини во изведба на неколку популарни рок изведувачи од земјата и регионот. Рок симфонијата започна со настапот на Жарко Јакимоски а по него следуваа: Ружица Брчиоска од „АРЕА“, Петар Младеновски од „Суперхикс“, Срѓан Гојковиќ – Гиле од „Електрични оргазам“, Михајло Трајковски – Сак а рок вечерта ја затвори македонската рок легенда Ристо Вртев.

Камерниот оркестар на Битола, кој е организатор на фестивалот а кој Рок симфонија изведувал на многу сцени во земјата и регионот, се потруди и овој пат да подготви нов и богат репертоар на кој му гостуваа легендарни рок ѕвезди. Очекувано најголем интерес предизвика настапот на Гиле, фронтменот на култните „Електрички оргазам“. Тој отпеаа песна од неговиот пријател Влада Дивљан,  песната „Light My Fire“ на „The Doors“, неговата „Дебела девојка“ а се разбира и култната „Игра рокенрол цела Југославија“. Голема еуфорија предизвика и настапот на Ристо Вртев, кој во Битола настапи после подолга пауза.

Веднаш по Рок симфонијата, сцената ја превзедоа британскиот ди-џеј и екс фронтмен на „Underworld”, Darren Emerson заедно со Goran Kan и Herzel кои забавата ја продолжија со електро звук.

 

Можеби ќе ве интересира: