“Троицки, врати се!”

Се сеќавам уште кога пишував за МММ или новинарите и постарите музичари ќе речеа: “Пишуваш кај Бечковиќ” или попопуларно Македонска Музичка Мрежа која денес за жал веќе не постои, на неколку наврати имав прилика да бидам дел од макфестовските вечери, да бидам акредитиран новинар и лично да учествувам во сето она што тогаш не само за мене, туку за многумина беше голем предизвик. Да бидеме реални, да пишуваш за МММ и кај Бечковиќ, во тоа време… беше чест и секогаш и секаде вратите ни беа отворени.

Со душа го чекавме октомври и “Макфест” и дури однапред со колеги од други редакции (кои рака на срце тогаш на прсти се броеа) се договаравме кога и како да појдеме во Штип. Освен преубавата песна и музика, секогаш ќе ги паметиме одличните пастрамајлии, ноќните долги забави заедно со учесниците на фестивалот, онаа гужва на дечиња кои буквално се тепаа за да дојдат до некој познат пејач или пејачка и нивниот автограм на ливче хартија кој во тој момент многу им значеше, големиот број на новинари кои едниот го гледаш зема интервју со една пејачка, другиот потскриен во друго ќоше од друг изведувач и се така се чекаше ред за изјава или интервју од дел од учесниците. Сите бевме пријатели, секој секому сакаше да помогне, да биде претставен, да се пишува за него.

Денес, октомври 2019-та, “Макфест” помина, Македонската телевизија како-така си го сработи она што и беше договорено, а за она останатото, па верувам дека многумина не ни знаат дека во Штип се одржуваше фестивал на забавни мелодии, ниту пак кој е прво, второ или трето место.

Верувајте да не ми беше пријател и лично да не го познавав Мартинијан кој е исклучително предобар вокал, и кој зад себе имаше и има предобри композиции, да не погледнев на Инстаграм дека победил, ниту ќе имав претстава дека токму тоа младо, интелегентно и интересно момче победило, ниту пак ќе знаев нешто повеќе. Годинава “Макфест” не победи, годинава победија новинарите.

Како никогаш досега новинарите беа толку сложни што ниту размислуваа барем на час да се појде до Штип и да се погледне што и како се случува таму, иако сите ние бевме акредитирани. Фестивал е нели. Но тоа не се случи. А зошто, дали можеби се прашувате зошто?

Како што вели новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго: “Макфест” не е приватна своина! Таа во својата најнова колумна посветена на “Макфест” ќе рече за некогаш и сега:

“Првиот фестивалски човек се однесуваше на највисоко ниво. Оваа година, не сакам ни да поверувам дека лично директорот на барањето на новинарите за услови за следење на фестивалот (сместување), на новинар му одговорил: “не сум јас туристичка агенција, ако сакаш дојди си, а и без тебе фестивалот ќе се одржи”. Одбивам да поверувам, зошто ако е така тој директор нема ниво да е директор на најреномиран фестивал, и не е ова пијана дискусија на двајца другари во кафесна, ниту па дури и да е кафеански изведувач кон гостин во кафеана, ова е професионална релација. Решение мора да бара, со својата екипа. По таа логика догодина и директорот нека не доаѓа на Макфест, и без него фестивалот ќе се одржи”, вели Парго притоа додавајќи:

“За мене и ден денес остана непознато како и кој ги избира директорите, по првиот директор Стојан Троицки, по кој критериум и заслуги, и дали заслужиле или не, а некои години беа сосема чудно узурпирано тие места, поставени луѓе и приватни продукции што беше рамно на катастрофа, но сето тоа не ја намалува нивната општествена одговорност и нивото и критериумите по кои треба да се однесуваат. Зошто “Макфест” не е приватна своина, “Макфест” е национално богатство во него на свој начин има вложено секој од нас, и како публика, и како организатори, и како новинари, и како автори и изведувачи”, пишува новинарката Валентина во својата најнова колумна за блогот Infedream.

А по завршувањето на фестивалот, се појави и првата дамка, Оле Здравковска сестрата на пејачот Огнен напиша интересен Фејсбук статус:

“Макфест?!? Мизерија од фестивал е станато!! Ако платиш ќе си земеш награда… Уште пред да почне фестивалот се знаеа наградите 😉Присутна бев таму и со свои очи видов како се даваат плик од карти на изведувач за да се стават гласовите од публиката… еее моја Македонска музичка естрадо!”, напиша Оле на својот Фејсбук профил.

Makfest?!? Mizerija od festival e stanato!! Ako platish kje si zemesh nagrada… Ushte pred da pochne festivalot se…

Gepostet von Ole Zdravkovska am Samstag, 12. Oktober 2019

И ние тука веднаш стапивме во контакт со Оле Здравковска, сакавме од прва рака да ни даде изјава и да ни го потврди она што веќе таа го имаше напишано на Фејсбук статусот. Таа веднаш не удостои со своја изјава, и уште еднаш го потврди она што го имаше напишано на својот Фејсбук статус.

Оле Здравковска: Жално е што е тоа така и што се изгуби вистинскиот сјај на фестивалот од пред многу години каде што едвај се чекаше да дојде денот за да биде преполна салата, а сега?!?! Сега празна сала, а наводно карти нема продадено е се… Оваа година за прв пат настапив на сцената на Макфест како изведувач со мојот брат Оги и искрено се каам за тоа… Одсекогаш се зборувало дека наградите се наместени, но оваа година се уверив дека е тоа навистина така… Бев сведок на момент каде што еден од организаторите на изведувач дава плик со многу карти за во публика… А за “небитни” изведувачи им следуваа само 2 карти и тоа дадени со тешко срце… како може за некој да се среди тоа без разлика дали се купени или дадени картите, а за некој неможе… Макфест од година во година се надолу и надолу оди, но оваа година го достигна “врвот”.

Музика24: А дали можеш да ни откриеш која личност од организацијата на Макфест даваше карти, и кој изведувач истите ги зема?

Оле Здравковска: Не, не спомнувам ничие име.

Тука ќе се надоврземе и на (поранашната) новинарка Соња Неделковска која што во свој Фејсбук статус упатува низа прашања до уметничкиот директор на “Макфест”, како и до останатите кои се дел од организацијата, таа ги прашува:

-Организаторот во ниеден момент не објави кога и каде се продаваат билетите кои одлучуваа за победникот. Потоа се дозна дека сите се карти се продадени. На првото полуфинале имаше повеќе од 50 места слободни. Која е таа математика?

-Зошто членовите на жирито јавно не ги споделија гласовите? Ако до завршувањето на настанот членовите на жирито се држале во тајност, што е за почитување, зошто не ги објават сега?

-Зошто додека се бројат гласовите нема претставници на медиуми и авторски тимови?

А ние само ќе се надоврземе на прашањата на новинарката Неделковска и ќе прашаме:

-Кој и од кога дозволува автори да учествуваат со т.н. псевдоними на “Макфест”, кој стои зад нив и на чија трансакциска се префрлаат средствата кои фестивалот ги префрла после завршувањето на фестивалот?

-Дали би можеле да ни откриете кое се Иво Горов, Слободан Стојанов, Саша Николиќ, Филип Цветков, Ангел Петиќ, Петар Василев, Столе Аврамовски…, би сакале да добиеме изјава или интервју од нив.

Годинешната лекција од новинарите ќе треба да им биде за ум на организаторите како до вгодина не би се коцкале повеќе со реномето и кредибилитетот на фестивалот на сметка на новинарите. Веруваме дека 2020 година “Макфест” ќе го добие она што го заслужува.

Повеќе на Музика24...