Во исчекување на 35 јубилеј на “Макфест” Панајотов признава: Штип пари има – сместувачки капацитети нема (Фото)

Сведоци сме дека во изминатиот период поради коронавирусот многу културно-забавни манифестации, фестивали и веќе закажани настани се одложија, а повеќето од нив воопшто не се ни одржаа. “Фолк Фест Валандово”, “Пивофест”, “Охрид фест”… прашање на време е кога, како и на кој начин истите ќе бидат реализирани.

Со голема надеж дека ситуацијата од есен ќе се промени, ние од музичкиот портал Музика24 стапивме во контакт со можеби еден од најрелевантните што се однесува до Фестивалот за забавни мелодии “Макфест” кој што годинава го прославува своето 35 годишно постоење, јубилеј кој заслужува посебно внимание.

За разлика од минатата година, според резултатите кои се јавно достапни, Фестивалот за забавни мелодии “Макфест”, односно, Општина Штип како организатор на фестивалот годинава од Министерството за култура добива 2 милиони денари, а Општина Штип за овој најстар и нареномиран музички фестивал ќе одвои 4,5 милиони денари од својот буџет, така изјави техничкиот директор на фестивалот Кирил Панајотов на прес-конференција одржана во декември минатата година, наш денешен соговорник.

“Ние работиме на “Макфест”. Од јануари наваму како се објави конкурсот кој што течеше, избрани се композиции, се нарачуваат сега други песни… при крај сме. Со тоа што ако е не дај Боже ситуацијата стани-падни, ќе видиме, на крајот на краиштата ќе одиме само како аудио издание, двојно ЦД на “Макфест”. Ќе го испромовираме колку може, како може. Има многу опции, се разгледуваат секако да се оддржи фестивалот. “Макфест” останува да се оддржи првата недела, првиот викенд од месец октомври. Можеби поради ситуацијата нема да биде три дена, но секако, ако се разлабави сета оваа ситуација ќе се бараат опции, секако ќе се оддржи, меѓутоа во која форма сега во овој момент никој не може да каже”, изјави Панајотов за музичкиот портал Музика24.

Тој меѓудругото споменува дека поради големата бројка која што секојдневно се појавува во Македонија, и покрај тоа што во план се да подготват шоу програми со познати веќе докажани музички имиња надвор од нашата земја, сепак, се плашат незнаејќи што и како ќе се случува во идниот период и сега засега сето тоа е ставено на чекање. Панајотов за Музика24 потврди дека уметнички директор останува Владимир Дојчиновски – Дојчин, кој ќе стои и зад јубилејното 35-то макфестовско издание.

“Ако биде се како што треба, постои опција да има една ревијална вечер затоа што годинава прославуваме 35 години “Макфест”, бидејќи ова претставува авторски фестивал, оваа година ќе ги имаме сите можни автори што ние велиме и стара гарда и младите автори, но овој пат младите ќе бидат помалку застапени. Сите посакаа годинава да бидат дел од фестивалот, говорам за оние веќе докажаните и оние кои македонската публика веќе ги знае, и автори и пејачи. Ќе имаме прилика да видиме, дај Боже да видиме, оти може да одиме и телевизиски. Да одиме од студио, да има телеволтинг, можеби нема да се доделат ни наградите како досега, прва, втора… туку чисто ревијално да се оддржи фестивалот. Важно ќе има продукција од 20-22 нови песни, значи тоа го намалуваме, да нема два односно три дена за да нема контакти и слично”, додава Панајотов објаснувајќи на кој начин би се оддржал фестивалот кога реално поради коронавирусот и во октомври не би било возможно тоа.

Минатата година поради лошиот однос од страна на организаторите, општината и воопшто сите оние кои директно беа засегнати во приказната “Макфест”, речиси сите новинари свесно и со причина го бојкотираа фестивалот и воопшто не информираа за тоа што и како се случуваше за време на неколкуте фестивалски вечери. Г-нот Кирил Панајотов како еден од одговорните на овој познат музички фестивал, за сето тоа изјави:

“Ние пред две-три години направивме отстапка имавме малку повеќе пари, Министерството за култура ни даде, и решивме да ги угостиме и сместиме новинарите, затоа што интересот се загуби и новинарите не доаѓаа, да бидеме искрени. Направивме еден обид, меѓутоа, не се проблем парите во Штип, Штип нема сместувачки капацитети. Тоа е најстрашно”, посочи Панајотов.

“Треба да им се даде шанса на новинарите да се поприсутни на фестивалот, да не се жалиме и ние не бил застапен фестивалот, епа нема да биде застапен. Меѓутоа, мора да направиме ред и во тој дел”, додаде Панојотов на крајот од разговорот со екипата од музичкиот портал Музика24.

Дали со горенаведната изјава Панајотов свесно признава дека минатата година организаторите лошо и непрофесионално се однесувале кон седмата сила што резултираше со бојкот кон фестивалот и слабата медиумска покриеност и информираност? Дали споменатите критики упатени кон раководството на фестивалот годинава ќе бидат прифатени и уважени? Сето тоа времето ќе го покаже и останува да видиме што и како ќе се случува на тој план.

Само едно се надеваме и искрено веруваме, дека “Макфест” годинава ќе биде најсветлата страна на македонската музичка сцена и се она што се случува во овој темен и не толку убав период за сите нас, посакуваме што побргу да помине.

Подготви: Иван Јосимовски

Фото: Фејсбук

Повеќе на Музика24...