Фестивали

„When in Krusevo“ обединува музика, спорт и култура

Планинарење, велосипедски и параглајдинг тури се само дел од активностите кои оваа година ќе се одржат во рамки на Фестивалот за надворешни активности „When in Krusevo 2022“. Шестото издание на фестивалот ќе започне на 24 јуни и ќе трае до 26 јуни,  со програма која обединува музика, спорт и култура.

„Целта на фестивалот е промовирање на крушевските убавини преку будење на адреналинот и желбата за слободно дружење“, велат организаторите.

Фестивалот ќе започне на 24 јуни со диџеј сет на  Estephano, а за текот на фестивалот посетителите ќе може да ги слушнат и настапите на  DJ Bapchu, „Day Off“, Dj Гоце САФ, DJ Memba Quinn, „Паркети“ и „Cyrillic“. Деталната фестивалска програма е достапна онлајн.

„Меѓу адреналинските спортови кои ќе се одржат на фестивалот, се вброени искачување на вештачка карпа, јавање на коњи, кајак, планински велосипедизам со тури од 15 и 30 километри, како и тури за планинарење од 10 и 12 километри, тандем параглајдинг од Мечкин Камен кратка и долга планинарска тура од 10 и 20 километри. За прв пат оваа година во склоп на фестивалот ќе се одржи и трка од 5 километри како и trail трка“, велат организаторите.

Оттаму додаваат дека за фестивалот ќе биде поставена и камп зона на Крушевското Езеро.

Картите за фестивалот се достапни онлајн, а со секоја карта се обезбедени влезници за музејот Тоше Проески, Македониумот како и Галеријата Мартиновски.

Можеби ќе ве интересира: