Фестивали

Заврши 37-то издание на „Фолк Фест Валандово” – победи младата Ангела Влинтиновска со песната „Темјана” (Фото)

Со песната „Темјана”, музика на Ванчо Димитров, текст Огнен Неделковски и аранжман на Љупчо Соколовски 19 годишната Ангела Влинтиновска победи на 37-мото издание на меѓународниот фестивал за новосоздадени македонски песни „Фолк Фест Валандово”. Публиката присутна во фестивалската сала “Јанко Узунов” со долги аплаузи ја поздрави победата на Ангела.

Второто место припадна на песната „Љубовта е оган“ на дуетот Софија Пуровска и Никола Зацески, додека третото место го освои песната „Го чекам аберот“, а ја отпеа Габриела Новевска.

Стручните награди на фестивалот беа доделени на истите изведувачи. Така наградата за најдобар дебитант ја доби победничката Ангела Влинтовска за „Темјана“, наградата за најдобар текст му припадна на Ѓорги Барбаровски за песната „Љубовта е оган“, за второнаградениот дует Софија Пуровска и Никола Зацески. Наградата за најдобар аранжман замина во рацете на Дарко Илиевски за песната „Спомени“, која ја испеја Сашо Башески. Награда за најдобра интерпретација доби третонаградената Габриела Новевска за песната „Го чекам аберот“.

Освен фестивалската вечер која што се случи вчера вечер во Валандово, претходните две вечери (24-ти и 25-ти мај) валандовската публика и сите добронамерници на Градскиот плоштад во Валандово на фестивалската сцена ги забавуваа: Драган Мијалковски, Перо Христов, Влатко Лозановски, Игор Џамбазов, „Ареа“ и Кирил Џајковски.

Редакцијата на музичкиот портал Музика24 упатува голема благодарност до Општина Валандово, неуморната администрација која и годинава ја заврши организацијата на крајно професионален и сериозен начин, како и до Градоначалникот Г-нот Перо Костадинов кој максимално се потруди и оваа година да бидеме достојно пречекани и испочитувани.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: