Изминатиот викенд, односно, на 1 и 2 септември во нашиот најубав и најголем туристички центар Охрид, се случуваше едно од најубавите, најгламурозно, а истовремено и скромно јубилејно 30-то издание на Интернационалниот летен музички фестивал „Охрид Фест – Охридски трубадури“.
На ова фестивалско издание настапија повеќе од 40 изведувачи што на првата фолк вечер, што на интернационалната кога освен млади изведувачи на сцената се појавија и познати балкански музички имиња.
Но да започнеме по ред.
На првата или т.н. Фолк вечер настапија голем број на познати музички имиња од македонската музичка сцена. На оваа вечер присутната публика, и тв гледачите имаа можност да слушнат 19 нови фолк песни, 19 изведувачи меѓу кои ќе ги споменеме Душко Ѓеоргиевски, Нино Величковски, Татјана Лазаревска и Новица Василевски кои изненадија со својата нова хит песна која ја размрда и разигра публиката, Зуица Лазова која отпеа емотивна песна, Благица Павловска која и овој пат не изненади со својот стајлинг, Ансамбл „Билјана“, Петар Нечовски, Катерина Таневска, Перо Христов… и уште многу други. Сузана Спасовска беше задолжена за ревијалниот дел додека жири-комисијата, а и присутната публика не одлучат кому ќе му се даде глас. Кога сме веќе кај наградите на оваа прва вечер, тие се распоредени на следниот начин:
- Наградата од акредитираните новинари им припадна на Татјана Лазаревска и Новица Василевски,
- Првата награда на фолк вечерта од публиката ја доби Катерина Таневска со групата „Сарај“ која ја отпеа песната „Носиме на Долни Сарај“,
- Втората награда им припадна на Наум Петрески и гостинката од Бугарија Лили Семкова кои заедно го отпеаа интересниот и впечатлив дует „Посилни од се“ и
- Третата награда пак од публика, заслужено ја доби Перо Христов кој пред присутната публика ја отпеа одличната „Добри луѓе“.
- Првата награда од стручното фестивалско жири ја доби Душко Ѓеоргиевски кој ја отпеа песната „Златна риба Струшка“,
- Втората награда му припадна на Даце Николовски кој ја отпеа песната „Ние сме љубов“,
- Третата награда од стручното фестивалско жири му припадна на Мирко Вретеноски кој на сцената ја отпеа „Рибарска“,
- Наградата за најдобра интерпретација и припадна на Зуица Лазова која ја отпеа песната „Галебе“,
- Награда за најдобар аранжман доби Дамир Имери за песната „Рибарска“,
- Ѓорги Калајџиев ја доби наградата за најдобар текст за песната „Лебедице моја“,
- Наградата за најдобар дебитант отиде кај Марко Трпчевски и неговата „За тебе замена нема“,
- За најтрубадурска песна беше прогласена „Песна за Кузман Поп Стефанија“ во изведба на Ансамбл „Билјана“.
- Награда „Аце Ангеловски“ која што ја доделува Сенатор Рекордс му припадна на Ристе Наумовски со песната „Охриде Самуилов“,
- Награда за сценски настап доби пејачката Јуле Николовска со песната „Жена кралица“.
На крајот од фолк вечерта, уметничкиот директор Г-нот Љупчо Соколовски на наградените лично им ги врачи наградите. Сите беа презадоволни.











За разлика од годините кога во текот на еден фестивалски ден имаше многу активности, прес-конференции, промоции и слично, оваа година за време на фестивалските денови не беше организиран ниту еден прес, информативна средба како би се запознале однапред со музичката програма, учесниците, како и гостите кои ни доаѓаат од многу балкански и европски земји. За интервјуа и изјави да не пишуваме, тоа остана пуста желба.
И оваа година, за жал, пилотот Кики Лесендриќ го прелета Охрид, а и покрај големите најави за учеството на 30-то јубилејно фестивалско издание на познатата хрватска пејачка Алка Вуица, таа поради се уште непознати причини не беше дел од фестивалот.
По првата фестивалска вечер, малиот одмор и прошетката низ преубавиот Охрид, вечерта на 2 септември стартуваше и втората – Интернационална вечер каде беа најавени голем број на познати музички имиња од Балканот. Со музички перформанс на водителскиот пар маникенката Маријана Станојковска и актерот Васил Зафирчев стартуваше вечерта и директниот преност на МРТ.


И на оваа фестивалска вечер, присутните, а и тв гледачите имаа можност и ретка привилегија да ги слушнат и видат мега популарните Дадо Топиќ кој на фестивалската сцена ја отпеа безвременската „Македонија“, која на овој или оној начин стана химна во Македонија и одличната и секогаш позитивна и насмеана Неда Украден која и овој пат изгледаше совршено и на сцената го отпеа во живо хитот на сите времиња, евергринот „Зора је“… песна која нема кој не ја знае. Тие добија награда за специјални гости на јубилејното издание. А освен нив, на фестивалската сцена како музички гости се појавија и Гоца Тржан и младиот и одличен Стефан Здравковиќ познат како Принцот од Врање со кој што Музика24 направи интервју кои во следните денови ќе имате прилика да го прочитате. Тие ја отпеаа новата, одлична и певлива песна „Мирно“. А во продолжение погледнете го нивниот настап на „Охрид Фест“:
Смешно и навистина непотребно беше појавувањето на „бекстејџ-водителот“, некогаш познат „кулинар“ а денес водител на утринска програма. Без никаква поента беа разговорите со изведувачите. А самиот стајлинг на истиот беше во стилот „појдов до пазарче“.
На оваа втора интернационална вечер, освен млади нови музички лица, на сцената се појавија и музичари и од Србија, Црна Гора и Хрватска, а имавме прилика да слушнеме и два прапева-преработки за кои искрено сметаме дека реално не им беше местото.
На самата завршница на вечерта, Г-нот Глигор Копров додели неколку награди, помеѓу нив наградени беа:
- Првата награда од публика му припадна на младиот Анџело кој ја отпеа песната „Заувјек моја“. Ова момче кое што доаѓа од Словенија има тажна животна приказна, а неговото потекло е од Македонија, од Скопје,
- Втората награда од публика ја доби Емил Фетаховиќ од Црна Гора кој на сцената ја отпеа интересната песна „Љубомора“,
- Додека пак третата награда од публика и беше доделена на Бојана Арсовска за песната „Гласна тишина“.
- Првата награда од стручното фестивалско жири му припадна на Давид Миладинов кој пак на сцената ја отпеа песната „Како денот да го претворам во ноќ“,
- Втората награда отиде кај Мила Николовска – Ѓумар која ја отпеа песната „Шепни ми“,
- Трета награда пак од стручното фестивалско жири му беше доделена на Ален Хрбиниќ за песната „Ночима“.
- Награда за интерпретација доби хрватското трио „Гушт“,
- За најтрубадурска песна на Интернационалната вечер беше прогласена песната „Мајко, кажи ми“ во изведба на Марија Цветановска,
- Наградата која ја доделува „Сенатор рекордс“ отиде кај Блаж Маротов кој ја отпеа песната „Забораваш“,
- Награда за дебитант доби Христијан Проданов за песната „Лавиринт“.

Не доби награда, но вреди да го споменеме Jimmy Sion кој гостуваше од Грција и на сцената со неговата „Fly“ направи вистинско шоу.

По завршувањето на официјалниот дел на фестивалот, со одлична забава во летниот клуб „Кадмо“ се стави крај на уште едно фестивалско издание кое што ќе се памети по многу нешта, по анегдотите, смеата која ние новинарите често ја правевме, по одличната музика, дружењето како и по фестивалските вечери кои беа исполнети со интересни и забавни моменти. На самата завршница, кога всушност Дадо Топиќ го прославуваше својот 74 роденден, Неда Украден запеа неколку песни во свој препознатлив стил.
И на крајот да резимираме. 30-то јубилејно издание помина одлично, со одлични песни од кои веќе се надзира која песна ќе биде хит. Одлични беа и двете вечери каде слушнавме убава и квалитетна македонска, но и балканска музика. Празник за сите сетила.

Музичкиот портал Музика24 упатува голема благодарност до Г-нот Глигор Копров како идеен творец на „Охрид Фест – Охридски Трубадури“, како и на ПР тимот составен од нашата колешка Вања Тодоровска и Јованка Јанкоска што години наназад веруваат во единствениот музички портал во Македонија Музика24 и секоја година нашата соработка е на повисоко и повисоко ниво. Годинава, нашиот музички портал како еден од медиумските покровители доби Благодарница, со што само се зацврстува, докажува и продолжува соработката со „Охрид Фест“ и следната 2024-та година, кога искрено очекуваме поголемо ниво на професионализам, повеќе и поексклузивни музички гости и се разбира многу повеќе интервјуа и дружење.
До следниот „Охрид Фест“, слушајте квалитетна и убава македонска музика!