Имам нешто да те прашам

Интервју на Музика24: Здравко Остојиќ – Долго сум тука, а сега се појавив!

Музика24: Неодамна на “Канео фест” од публика победи Ваша песна. Како е создадена оваа песна?

Здравко Остојиќ: Песната “Огнени ноќи” беше целосно напишана специјално за новинарката Валентина Ѓоргиевска-Парго, што се однесува почнувајќи од текстот на Цане Трајчевски, мелодијата што ја напишав јас и аранжманот на Игор Узунов, кој ги отпеа и придружните вокали, а проф. Ќазим Асотиќ ги отсвире делниците на саксофонот и воедно е продуцент на песната. Најпрвин, добро ги проучив сите досегашни песни и настапи на Вале, и појдовната замисла ми беше да се создаде една таква песна која на некој начин ќе се надоврзе на целата таа досегашна приказна, но воедно и ќе отскокне со својот стил, ентузијазам, и темперамент од сето останато што се прави на македонската естрада. Сакав да направиме нешто, што целиот авторски тим ќе ужива да го создаде, Вале ќе ужива да го изведе, а публиката ќе ужива да го види и слушне. Така, да елементите на лежерност и забава, целиот проект ги доби уште од самиот почеток, како главна насока со помош на која постапно се изгради карактеристичноста и впечатливоста на песната. Би сакал да напоменам, дека токму аранжманот на Игор Узунов и саксофонот кој го отсвире проф. Ќазим Асотиќ, во најголем дел се заслужни, зошто песната звучи онака, како што треба да звучи: модерно и светски. Многу ме радува, тоа што целиот тим застана позади песната со навистина еден срдечен и креативен ентузијазам, така да соработката со сите беше голема чест и задоволство. Верувам, дека тоа и публиката го препозна, и затоа ја закити песната со прва награда, која беше сосема праведно и колегијално освоена, без вообичаените лобирања и потплатувања, што не ретко се случуваат на фестивалите. Токму поради тоа, воедно искрено благодарам на сите за поддршката, што ја искажаа за песната.

Музика24: Зошто одлучивте оваа песна да ја пее новинарка Парго, а не пејачка? Колку сте задоволен од пласманот на прво место во поп жанрот на сајтот ревербнејшн?

Здравко Остојиќ: Со Вале заедно одлучивме да го реализираме проектот “Огнени ноќи”, бидејќи на неа и требаше некоја нова интересна и впечатлива песна, а мене ми требаше поддршка подобро да се афирмирам како автор. Тука некако се најдовме на иста бранова должина со нашите идеи и почнавме да соработуваме, на обострано задоволство, и особено се радувам дека соработката уште веднаш се покажа успешна, со тоа што кога песната беше премиерно изведена на “Канео фест 2015”, освои прва награда од публика, а исто така многу брзо откога песната беше поставена на веб-страницата www.rеvеrbnation.com, дебитираше на 5-то место, а набрзо стана и прворангирана песна за Македонија во поп жанрот, според нејзината слушаност. Исто така, песната на You Tube за само една недела од поставувањето, веќе достигна гледаност од преку 500 прегледи, што е одличен успех имајќи ги во предвид сите околности и темпото на досегашната промоција. Зошто новинарка? Затоа што една новинарка во Македонија имаше доволно осет и храброст, искрена човечност и слобода, срдечно и без традиционалните естрадни предрасуди, со одлучност и доверба да застане зад еден интересен и несекојдневен проект, и да укаже дека се на македонската естрада и не мора да биде црно-бело и само дел од некаков сосила наметнат аудио-визуелен шаблон и долгогодишен еден те ист медиумски калап, туку дека може и малку поинаку да се размислува и делува, и некои нешта можат да бидат идејно решени и сработени вон очекуваното и на некаков повпечатлив, и не во толкава мера предвидлив начин, каде збор и простор ќе му се даде на креативниот елан и ентузијазам, наместо на веќе видената и вообичаената рамка наметната од етаблираната и крајно нетранспарентна естрадна политика. Изведувачите во Македонија воглавно и веќе наголемо работат со своите долгогодишни авторски и менаџерски тимови, и во глобала искуството покажа дека од многу причини, реалните услови, и наметнатите правила кои владеат на естрадата, повеќето и да сакааат, не се во позиција ниту состојба, според нивните постоечки договори да се впуштаат во нова соработка со некој автор, кој не е доволно афирмиран. А, другата страна на мечот со две острици е плимата од млади пејачки таленти, кои нашироко се обврзуваат со договори кон популарните талент-шоуа, најчесто надвор од земјата, каде најголемиот дел од нив се всушност обврзани да функционираат како имитатори и караоке изведувачи, и да ја пополнуваат програмата, од која телевизиите убаво си заработуваат. Ама на крајот, кога завесите ќе се спуштат и светлата ќе се угаснат, најголемиот дел од тие деца, порано или подоцна се шутнати во позадина и оставени практично на улица и самите на себеси. Не е никаква тајна, дека тоа во минатото се случувало и со победниците на таквите шоуа, а камоли со оние кои пред време ќе испаднеле. Тоа е цената на “проституцијата” со млади таленти на естрадата, која широко-медиумски владее и строго и сурово ги дефинира нештата денеска, од аспект на бескрупулозното и стратешко остварување на нечии лични интереси. Едноставно, медиумите се заинтересирани брзо и еднократно да заработат на талентите, а не навистина и сериозно да застанат зад нив и да вложат во здравото и постапно развивање на нивната кариера. Тие така размислуваат, бидејќи сметаат дека секогаш ќе има некоја нова будалетинка, која со големо задоволство ќе игра точно според нивните правила. Сето тоа се случува, од проста причина што по некој непишан и чуден автоматизам поддржувањето и вложувањето, и најмногу од се развивањето на нечија кариера, било на нов изведувач или нов автор, најчесто се гледа и се смета како огромен и непожелен ризик, или барем таквото однесување така постојано се оправдува. Со таков еден однапред зацртан и крајно неконструктивен став, повеќемината на естрадата тивко се откажуваат од храброста кон предизвиците и достигањето на повисоките креативни дострели, цврсто држејќи се претежно до некоја веќе одамна изодена и добро издлабена патека. Така, од многу потенцијали оригинали прават високо вкалапени копии, бидејќи највисоките структури воопшто не сакаат и не почитуваат визионери, ниту вистински лидери, туку бараат и регрутираат само пиони кои можат многу лесно да ги програмираат и манипулираат, за свои лични цели.

Музика24: Дали досега имате создавано и други мелодии, зошто поточно не сте се појавиле на нашите фестивали досега?

Здравко Остојиќ: Покрај песната “Огнени ноќи”, за која ја напишав музиката и која е првонаградена од публиката на “Канео фест 2015”, моето досегашно фестивалско искуство како автор, во најголем дел беше како текстописец на Григор Копров. Од таа наша некогашна соработка, на фестивалите во Македонија се појавија повеќе песни, меѓу кои: “Ни времето, ни мислата, ни окото…” во изведба на Ѓорѓи Ѓорчев на “Охридски трубадури ’97”. Многумина не знаат, дека тој текст е всушност посветен на принцезата Дајана, веднаш по нејзиното трагично загинување, и песната освои 2-ра награда од публика. “Таги бескрајни” во изведба на Константин Тино Кајшаров, кој токму со таа песна ја освои наградата за најдобар дебитант на “Охридски трубадури ’98”. “Не ме лажете ноќи” во изведба на Јасмина Мукаетова со група Виделина, на “Цветници ’98”. “Зошто Боже да тагувам” во изведба на Ибуш Ибраимовски на “Тетовски филиграни ’98”. На “Гоце фест ’98”, групата Адути ја изведоа песната “Еј, соколе”, за која ја напишав музиката.

Музика24: Кои се Вашите следни планови во музиката? Ќе соработувате со некои пејачки имиња?

Здравко Остојиќ: Минатата година започнав авторска соработка како текстописец со композиторот Оливер Глигоров, кој досега напиша прекрасна музика за пет мои текста. Од тие песни, скоро беше снимена “Година по година” во изведба на Вики Филипова од Германија, која летово би требало да снима спот во Охрид со ИН продукција и да се промовира песната во Македонија и во дијаспората. Би сакал екслузивно за ова интервју, да ја најавам песната “Св. Јован Бигорски”, со текст кој беше првонаграден уште 1996 година, во радио-емисијата “Поетски магазин” што ја водеше Драгица Стефковска-Дракче. Имено, по сите овие години, текстот малку го доработив и му го доверив на Оливер да напише музика. Песната е посветена на македонскиот најголем и најбесценет духовен бисер — Бигорскиот Манастир, како и на чудотворната икона на Св. Јован Крстител, која се наоѓа во Манастирот и со Божја сила го укрепува и исцелува верниот народ. Инаку, песната е веќе договорена и допрва треба да ја снима Јулија. Можам да кажам, дека се очекува тоа да биде еден во секој поглед и во секоја смисла посебен и голем проект, се со цел на најубав начин да се претстави и прикаже Бигорскиот Манастир во сиот негов сјај, прекрасно обновен и доизграден по трагичниот пожар, навистина како еден жив и свет симбол на македонскиот непокор и духовен препород. За останатите три песни, заедно со Оливер се уште сме во преговори и ги бараме вистинските изведувачи, за да бидат реализирани можеби токму на некои од следните фестивали.

Музика24: Накусо, што и недостига на македонската музичка сцена?

Здравко Остојиќ: Верувајте, колку и да сакам, мојот одговор на ова прашање не може да биде кус. Недостасува да се дозволи поголем проток на креативниот ентузијазам и да се поддржи едно високо ниво на флексибилност, како и секое едно визионерско гледање на нештата во македонската музика, за да има повеќе квалитет, поголема разновидност, и оригиналност. Недостига да се вложи во квалитетни идеи и дела, без разлика од кого доаѓаат, а не само по некаков слеп автоматизам во познати имиња. Како пример да кажам, македонска ѕвезда се фалела дека има песна од друга екс-ју ѕвезда, а што таа песна е сосема посредна, тоа никој не го ни спомна. За жал, на повеќето им е поважно да се пофалат дека имаат песна од познато име, а не да се пофалат со квалитетна песна, без разлика од кого е. И тие познати, некогаш биле анонимуси, и нивниот квалитетен материјал го направил познато нивното име. Сега се оди претежно на тоа само името да е познато, а всушност воопшто и не е важно каков е материјалот. Тоа според мене е сериозен парадокс, поради кој ситуацијата на македонската естрада е таква каква што е — анемична и предвидлива, наместо оригинална и креативна. На македонската естрада е доста од “лажно” реномирани автори, бидејќи вистински реномирани автори, не се плашат од конкуренција и не ја избегнуваат и сосема потиснуваат, туку напротив во најголема мерка ја помагаат и поддржуваат, бидејќи тоа за нив е само прилика повеќе не само вистински да го докажат, туку и да го оправдаат и задржат своето стекнато реноме. Вистински реномираниот автор верува во своите песни, а не гази по другите, особено не младите автори, од страв да не го засенат, или авторски предизвикаат за создавање на нешто поинакво и поквалитетно. Недостига да се поддржат многу поголем број на нови автори, кои со години чекаат шанса, а не само на реномирани неколкумина, бидејќи на сиот тој наплив на млади и квалитетни пејачи им требаат оригинални песни кои ќе ги пеат, а не во најголем дел ова да биде не некоја оригинална и вистинска, туку имитаторска и караоке естрада. Ситуацијата е таква, што веќе со години наназад македонската музичка сцена во најголем дел ја окупираат истите луѓе, кои всушност и немаат да донесат нешто навистина свежо и ново, туку помалку или повеќе наголемо се повторуваат во однос на сето она што досега веќе го постигнале и оствариле. Тука, особено мислам на авторите и продуцентите, бидејќи тие се тие кои од сите елементи прават една дефинирана и финална целина. На македонската естрада, често се заборава дека треба да постои вистинска причина за да се појавите, а не само да ве има туку така, затоа што ви се може и ви се сака, затоа што сте направиле или имале некој хит пред 10-20 години, или едноставно ги имате финансиите да го откупите и по лична желба потполно да го узурпирате медиумскиот простор. Направете и сега една таква квалитетна и одлична песна, па појавете се, тоа секако е најмал проблем. Ама, да снимате средни песни и потполно да го окупирате етерот, тоа не е колегијалност и во тоа нема никаква логичност, туку само преголема доза на дрскост и премала доза на самокритичност. Најголемите професионалци се и најсамокритични во однос на себеси. И во светот, многу добро разбираат дека еден навистина квалитетен и во секоја смисла издржан албум, не се прави за една година. Токму затоа, значителен е бројот на светски ѕвезди кои издаваат албуми на 4-5 години, и тоа се вистинските и сериозни професионалци кои работат најстудиозно на нивниот нов материјал, со цел тој долго да трае, бар малку да ги помести границите, и да биде квалитетен и баран и со децении потоа, а не да се штанца и биде актуелен една година, и потоа да падне во потполн заборав.

Музика24: Дали посакувате и ќе се обидете Ваша песна да се најде на Евровизија?

Здравко Остојиќ: Она што најискрено посакувам е вистинската песна да ја претстави Македонија и да и донесе најдобар пласман досега. А, дали тоа ќе биде моја песна, или од некој друг автор, сметам дека тоа е најмалку важно во целата работа. Верувам дека треба навистина да се сконцентрираме да го направиме, и праведно и несебично да го избереме она вистинското и најдоброто, што ќе ја претстави надалеку прочуената особено препознатлива музикалност и навистина богат сензибилитет на душата на Македонија, во едно модерно стилизирано и најдобро светло. Македонија на Евровизија ја замислувам како еден три-минутен незаборавен музички огномет од мелодии и ритмови со раскошна динамика, кој ќе се види и слушне, и памети засекогаш. Знам дека во Македонија постои кадар тоа да се оствари, само треба сите да бидеме пофлексибилни како соработници, и да гледаме визионерски и на долги патеки, а не само тесноградо и на куси патеки. Песната што вистински ќе ја претставува Македонија на Евровизија, не треба да биде само една песна, туку комплетно музичко-сценско ремек-дело. А, за тоа да се случи, треба да се собере тим од вистински креативни и флексибилни соработници, на кои целта нема да им биде себичното и меѓусебното препукување, туку вистинското и најдоброто претставување на Македонија. Проблемот е во тоа, што во Македонија има малкумина кои поседуваат состојба на умот за една вистинска тимска работа, а повеќето на тоа гледаат како лична победа, и совршена прилика да ги омаловажат и да им удрат клоца на другите. Едноставно, општо гледано на естрадата во Македонија не постои доволно развиено чувство за тимска и колегијална соработка, туку барем според најчестите искуства, главно се се сведува на крајно поделени мислења и бесцелни препукувања, кои на крајот на никого не му одат во прилог, а најмалку не на целта, што треба да биде вистинското и најдобро претставување на Македонија. Најмногу недостасува едно визионерско гледање на работите, и воедно согледување на сите елементи поединечно и на целиот проект, од перспектива на тоа како најшироката публиката го восприема и доживува сето она што се претставува и одигрува на сцената. Така да, тоа ја изискува неопходноста на нештата да се гледа многу пошироко и целосно, а не само ограничено и делумно, а пристапот мора да биде крајно креативен и најдетален, каде ништо не е оставено на случајот. Евровизија веќе си бара едно највисоко ниво на студиозност, која треба мајсторски да делува така од страна на публиката да биде восприемена како една незаборавна впечатливост, но и разбирлива едноставност. Несомено е дека, навистина да се постигне и донесе на сцената нешто од тој калибар, неопходно е сериозно искуство, особено чувство за флексибилност, како и врвна креативна вештина, а воедно и совршено организирана и синхронизирана тимска работа. Само ако сето тоа функционира онака како што треба, на сцената ќе се случи и публиката ќе сведочи едно ремек-дело, кон кое никој нема да може да остане рамнодушен.

Интервјуто го подготви: Редакција на музичкиот портал Музика24.мк

Можеби ќе ве интересира: