По една фантастична 2014-та година, во која колективот BTKRSH приреди низа журки за паметење и го одржа првиот BTKRSH-фестивал, како големо финале и влез во новата година ќе се одржи 10-часовен маратон на кој ќе настапат 10 BTKRSH-диџеи со најразновидна музика, како бас, драм’ен’бејс, техно, електро и хаус-музика на голем саундсистем во клубот “Капан-ан”.
Во годината што измина колективот BTKRSH успеа да ги организира настапите на музичките артисти Vatican Shadow, SHXCHCXHXCXSH, Ancient Methods, NHK’Koyxen, Polar Inertia, Florian Kupfer, Vakula, Ness, Deepbass, Bas Mooy, Brando Lupi, Lag, Jan Nemecek, WhyBaneWhy, Tijana T, Jona Plumbi. По три години постоење на платформата, во текот на 2014 година беше реализиран и првиот BTKRSH-фестивал. За настапот на новогодишниот маратон се најавени Baltronic, Tecktone, Hypertech, Дарко Степич, D.Lite, Puk’kan, Ulterior, Martchin, Lowdown и Ogie, додека за визуелизациите ќе бидат задолжени “Lazy kidz visualz”. За суштината, потребата, начинот на дејствување и опстојување на колективот BTKRSH разговаравме со Martchin (Мартин Чанаќевиќ) и Andreas Hz (Андреј Анчевски).
Што беше клучниот момент кој донесе до основањето на платформата BTKRSH пред три години?
Конструктивното незадоволство, веројатно… тенденцијата работите да се заглавуваат во вечно статус кво, проблесоците на генијалност да се враќаат насилно во океанот на медиокритет, а храбрите идеи и сонувачите полека да умираат оставени на цедило или да бараат самореализација далеку од Скопје. Потребата да се прават подобри настани, да се промовира подобра музика, да се негува локалниот талент и сето ова да се прави со професионален и уметнички интегритет, кој е реткост за нашата средина.
Почетоците, всушност, беа многу скромни, но никогаш не паднавме во замката на продавање на квалитет за квантитет, така што со текот на времето квалитетот привлече повеќе квалитет и BTKRSH нарасна до степен на фестивал и наскоро – издавачка куќа.
Што во суштина значи BTKRSH?
BTKRSH е само едно едно чудно име зад кое има толку дефиниции, анаграми и акумулирани слоеви на значење што веќе оригиналното значење може и да е загубено… и тоа е сосема во ред! Тоа е име зад кое се крие колектив од диџеи, продуценти, изведувачи и промотери, кои ги спојува и поврзува заедничката страст за врвната уметност и посветеноста кон совршенството. Ставајќи ги во прв план уметничкиот интегритет, високиот квалитет и колективниот и поединечниот напредок, лесно се забележува дека во текот на изминатите неколку години BTKRSH стана жариште на нова електронска музика и мултимедијалната заедница во Скопје, во коja гордо се пушта, промовира и се издава нова музика, но и се организираат најдобрите забави во градов.
Култните BTKRSH забави ја имале честа да бидат домаќини на бројни афирмирани артисти. Внимателно и цврсто ги култивираат локалните таленти и градат препознатлив соничен идентитет, кој е бескомпромисно посветен на нивната визија за квалитет и интегритет.
На кој начин и каде досега се одвиваа настаните што ги организира платформата?
Тргнуваме од самиот настан и делото кое треба да биде презентирано, дури потоа ја бараме оптималната форма и локација за негово одржување, заедно со носењето на одлуките околу деталите како дизајнот, просторното планирање во самите локации и естетиката на промотивните материјали. Досега нашите настани нашле на гостопримство во над 20 локации низ Македонија, не сме врзани со ниту еден простор како матична локација.
Што практично донесе првиот фестивал на BTKRSH, што се одржа во ноември 2014 година, и зошто го избравте “Дамар” за место каде беше изведен дел од програмата?
Настаните од фестивалот се одвиваа во места каде што и редовно се случуваат BTKRSH настаните… “Дамар” има посебно место во нашите срца како еден од локалите-пионери при возобновување на културниот дух на скопската чаршија и место кое одигра клучна улога во воспоставувањето на културниот идентитет на Скопје од повеќе аспекти.
По немилите настани и насилството како производ на културата на дискриминација, се надевам дека целата авангардна младина, уметниците и прогресивните сили на овој град нема да чекаат заштита од институциите кои зад кулисите го спонзорираат и поттикнуваат насилството и дискриминацијата, туку заедно ќе се обединат за заштита на нашата чаршија, нашите пријатели и нашата култура на толеранција, прифаќање и љубов.
Според кои критериуми го правите изборот на програмата и на артистите на настаните што ги организирате?
Да бидат светски релевантни, да бидат автори на актуелни дела и нивните настапи да бидат уникатни и ексклузивни (барем за Скопје). Дури и од локалните диџеи бараме нешто различно, прогресивно и уникатно – токму оваа филозофија резултираше во голема креативна слобода и настапи кои во најдобра можна смисла нѐ изненадија и нас како организатори!
Колку скопската средина е подготвена да ја восприеми таквата програма?
Воопшто не е, токму затоа се наметнува потребата од токму таква програма. Електронската музика и особено артистите кои BTKRSH ги третира се легитимни уметници со највисок артистички кредибилитет и време е посетителите да ги третираат настаните како проблесоци на висока култура во ноќниот живот, или барем да станат свесни за таа димензија на електронската и клубската музика. Во таа смисла, BTKRSH е потребен на Скопје и на секој кој држи до себе и своите вкусови на малку повисоки стандарди од околината. Без добро образувана и музички едуцирана авангарда не можеме да очекуваме некој посериозен напредок во целокупната средина, нели!
Автор на интервјуто: Тони Димков
Извор: МКД