И покрај тоа што Скопскиот фестивал веќе е зад нас, импресиите од него се уште не стивнуваат. Победниците и добитници на наградите веќе се познати, но како што велат старите, публиката си го одбира својот хит, својата песна. Како една од најзабележливите настапи, можеби и единствениот оргинален настап го имаше младата и секогаш насмеана, позитивна и весела Сара Мејс која што со својата “Градина од цреши” беше морален победник, а се најде на третото место.
Сара Мејс по нејзиниот фантастичен настап кој претставуваше спој на македонската традиционална народна музика и тапан со класичниот звук на харфата, ексклузивно за Специјализираниот македонски музички портал Музика24 даде кратко интервју, во кое видно позитивно возбудена ни одговори на сите прашања кои нашата екипа и ги постави.
Музика24: Колку време се подготвуваше за вечерашниот одличен настап?
Сара Мејс: Да ви кажам искрено, многу време. Оваа песна е стара година и нешто, многу, многу ми беше драга и посебна и некако имав посебно претчувство за оваа песна и решив дека… бидејќи многу добро сите знаеме дека на медиумите и не сме баш промовирани, чекав да има погодна прилика каде што ќе можам пред повеќе луѓе да ја претставам песната. Почнаваме да работиме на аранжманот и тогаш решив оваа песна да ја чувам за Скопски и аранжманот да го направам самата и да биде мое комплетно дело, имав многу точна емоција си реков на самата себе ќе ја чувам за Скопски. Харфа и вокал и требаше нешто сосема малку да се додаде… и знаев дека треба минимално да се доиспипа. Уште пред речиси 8-9 месеци знаев дека токму со оваа песна ќе настапам на Скопски.
Музика24: Интерсно е што цела песна ти самата ја свириш. Колку тоа ти претставуваше проблем со оглед на тоа дека истата и ја пееш?
Сара Мејс: Да, да… незнам колку тоа добро излезе на тв преносот, имавме мал проблем со харфата да ја озвучиме со оглед на тоа дека претставува сложен инструмент за озвучување. Но, мислам дека… јас уште не знам како звучеше, мене ми беше супер тонот на монитор, без разлика што имав голем проблем што до сега ми се нема случено, обично педалите на харфата знаат да прават проблем, затоа и свирев боса не со штикли, бидејќи може да ти се заплетка шпицот на штиклите со падалите и мора внимателно да се свири. Секогаш досега кога сум свирела харфа сум свирела со специјални кондури, за да не ми претствува проблем во текот на свирењето. Имав трема денес, онака… но мислам дека на крајот излезе онаа емоција која што сакав да излезе, најискрено пеев душата си ја дадов, тоа ме прави среќна тоа ми е доволно.
Музика24: Излезе на сцената и одлично го направи она што знаеш и умееш. Но што очекуваш по вечерашниот настап?
Сара Мејс: Искрено, јас секогаш сметам дека ако е емоцијата искрена, ако е тргнато по чиста емоција, ако лесно одела песната лесно за компонирање на пример, некои песни на кои што се враќам сто пати, на крај не е тоа тоа. А песната ако ти протече вака едноставно, просто… оваа песна се сеќавам дека рефренот точно (го пее рефренот) ми дојде онака, требаше да одам на некоја проба, а доцнев веќе и реков нема шанси ова мора да го запишам и седнав на клавир и бам бам… морав да го запишам. Секогаш сметам дека кога има чиста емоција би допрела до луѓето, искрено очекувам и се надевам да допре, бидејќи навистина многу време ја собирав енергијата за оваа песна.
Музика24: Дали сметаш дека “Градина од цреши” ќе биде исто така голем хит како “Врне, врне”?
Сара Мејс: Јас не можам да кажам дали песната ќе биде хит или нема да биде хит, според мене песната може да биде убава или да не биде убава, мислам дека ова е… неможам самата да кажам дека е убава не би си кажала, но е искрена пак ќе кажам. Ако искреноста допира, тогаш тоа е тоа.
Музика24: Како автор и изведувач на “Градина од цреши”, дали песна ја имаш посветено некому и кому, ако не е тајна?
Сара Мејс: Значи јас не лажам во песна, значи песнава е пишувана за некој, но нема сега да откриваме (се смее). Се расоблеков на сцена, уште емоциите да ги расоблечам целосно, нема смисла. Тоа нека остане мистериозно.
Музика24: По настапот на Скопски, кои се твоите планови? Ќе издадеш ли можеби нова песна, подготвуваш ли албум… Откри им ексклузивно на читателите на Музика24 и секако на твоите верни фанови.
Сара Мејс: Веќе со Дамјан Пејчиновски имаме снимено песна која се вика “Немам пари”, ова за прв пат премиерно и ексклузивно го изјавувам за Вашиот ценет музички портал, и искрено многу се радувам за таа песна, таа е заедничка песна моја и на Дамјан, додека аренжманот е на Лазар Цветковски. Песната е готова, и снимена и се… но бидејќи излезе Скопски фестивал, ја чуваме прво оваа фестивалската да се испромовира, по потоа ќе ја пуштиме новата. Инаку, мислам дека и тоа е една интересна и симпатична песна, бидејќи во новата “Немам пари” точно има спомнување на некои имиња, не со посвета, но сепак храбра песна.
Музика24: Кажи ми, дали планираш да снимиш видео спот за фестивалската “Градина од цреши”?
Сара Мејс: Не сум размислувала, сега за сега размислував само да ја интерпретираме добро, па ќе видиме…
Сара во интервјуто за нашиот музички портал Музика24 уште и додава дека одржување на концерт е голем и одличен предизвик за неа, но сепак, таа тоа не би можела сега за сега да си го дозволи, бидејќи нема доволно снимени песни, и секако го очекува и излегувањето на нејзиниот прв албум, а веднаш потоа секако ќе следуваат и многу настапи и концерти низ Македонија, како и голем концерт – проект што досега го реализираа голем број на нејзини колеги и колешки од забавната македонска музичка сцена.
Музика24: Што би направила со финансиите, кој не се малку, доколку на пример би победила?
Сара Мејс: Не сум размислувала. Но мислам дека ќе се поделат со продукцијата и со дечките со кои ја работевме песната. Навистина незнам што би правела. Јас на пример немам харфа и многу би сакала да имам своја харфа, многу, мнооогу. Тоа е иструментот на кој што работам, тоа е исто како да бидеш забар, а да немаш машина на која што ќе ти легне пациентот. Значи од Македонската опера и балет ми ги позајмуваат харфите, ова вечерва беше нивна харфа и сакам да им се заблагодарам. И вежбам нон-стоп на нивните харфи, така да јас немам харфа, мислам харфа е многу скапа работа чини од 15.000 илјади евра па нагоре, па би ги ставила во касичка за да штедам за харфа.
Во продолжение, како јаготка на шлагот, Ви предлагаме да го погледнете видеото кое што е дел од Скопскиот фестивал, односно, изведбата на Сара Мејс и нејзината “Градина од цреши” која што од ден на ден на YouTube добива се повеќе и повеќе илјадна гледаност и публика.
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски