Имам нешто да те прашам

Андреа: Сите сме возбудени да видиме што не чека во Новата година (Фото+Видео)

Андреа е родена на 14 февруари 2020 година, а љубовта кон музиката се раѓа на нејзина 5-годишна возраст додека престојува во Харлем поради работните обврски на нејзините родители. Таму се запознава со госпел, соул и RnB звуците кои ја прават доживотен вљубеник во музиката. Како ќерка на професор и доктор, нејзините родители од неа очекувале да одбере слична „респектирана“ кариера. Андреа го одбира патот кон музичката индустрија. Блоговите ширум светот ја нарекуваат „водечки инди уметник во Македонија“. Нејзините синглови “I Know, I Don’t Know Your Name”, “Betting on You” и “Heartbreak” се емитуваа на преку 200 радио станици низ целиот свет во над 40 земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Германија, Холандија, Италија, Швајцарија, Норвешка, Франција, Мексико, Канада, Сингапур, Јужна Африка, Грција, Македонија , Бугарија и други.

Во новогодишниот серијал на интервјуа на музичкиот портал Музика24, свое учество зема и младата Андреа. Што таа одговори и кажа за себе и како и на кој начин ги доживува претстојните новогодишни и божиќни празници, прочитајте во продолжение.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири,  ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш оваа 2020 година?

Андреа: Оваа година јас ќе ја памтам по тоа што станав подобар музичар. Ниеден ден за мене не беше потрошен без разлика каква и да беше ситуацијата. Свирев, пеев, пишував, вежбав… Решена сум да бидам најдобрата верзија од себе. И со тој менталитет стигнав до луѓе што веруваат во мене. Сега сите заедно работиме кон една иста цел. Но се разбира пред сѐ оваа година ми придонесе многу успеси и многу сум благодарна што имам прилика да го правам тоа што го сакам ден.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од она што беше понудено?

Андреа: Од нашата музичка сцена ќе си ја издвојам мојата драга колешка Дина Јашари, она извади ЕР со име “Дома” и тотално ме воодушеви. А од странската музичка сцена моментално многу ја слушам Ama Lou, има некако свој печат околу како ја креира својата музиката и тоа ме инспирира.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакуваш да ја дочекаш Новата 2022 година?

Андреа: Искрено сѐ уште не сум одлучила хахаха… има време. Не сакам да си ставам притисок и очекувања за Новата година, бидејќи има шанси да се разочарам, така што ќе оставам да биде спонтано.

Музика24: Кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имаш добиено или можеби подарено?

Андреа: Лани кога славевме Нова Година со друштво, една од моите другарки ми подари чорапи. Толку беше рандом, ама толку кул во исто време што ќе го памтам до крајот на животот. P.s. Многу сакам чорапи.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку умее да те понесе?

Андреа: Да, секако дека има, некако сите зрачиме со позитивна енергија и сме возбудени да видиме што нѐ чека во Новата година. Од мали на нeкој начин “учиме” дека овој период е магичен и дека сѐ е можно. Тоа дополнително ни дава елан, позитивна енергија, и најважно, надеж дека следната ќе биде подобра година од оваа.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се твоите желби за Новата 2022 година?

Андреа: Ооохххооо… многу желби хахаха, ама ќе ја кажам само најважната. Посакувам да сум чекор поблиску до остварување на сопствениот сон. А за во Господовото лето сакам да имам безброј свирки, да има само забава затоа што мислам дека ја заслуживме.

Музика24: Која е новогодишната порака која што би ја упатила до твоите фанови и читателите на музичкиот портал Музика24?

Андреа: Живејте го секој миг како последен и излезете од зоната на комфор, зашто само така ќе успеете во она што вистински го сакате. Имавме многу тежок период… и уште трае, но живи сме, па да живееме во вистинска смисла на зборот.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....