Имам нешто да те прашам

Ангела Влинтовска: Младите да си ја негуваат и да си ја сакаат народната музика (Фото)

„Фолк Фест Валандово” е нејзин прв настап. Таа има само 19 години, а толку големо музичко искуство зад себе. Со музика се занимава од дете и сето ова за неа не е непознато. „Темјана” е песната со која што токму таа победи на овогодинешното 37-мо издание на овој надалеку познат фолк фестивал во Валандово.

Како и секогаш и овој пат музичкиот портал Музика24 направи интервју со победничката Ангела Влинтовска, а што таа кажа за нашиот музички портал прочитајте во продолжение:

Музика24: Прв пат настапуваш на „Фолк Фест Валандово”, дали досега имаш настапувано на други музички фестивали или воопшто ова е твојот прв настап?

Ангела Влинтовска: Ова е мој прв фестивал и досега не сум настапувала на никаков настан или музички фестивал. И мило ми е што „Фолк Фест Валандово” е мојот прв фестивал каде се претставувам со „Темјана” која што всушност претставува мојата прва песна.

Музика24: Песната „Темјана” е твоја авторска песна или зад истата стои добар музички тим?

Ангела Влинтовска: Оваа песна е дело на повеќе познати музички имиња. Музиката е дело на Ванчо Димитров, текстот го напиша Огнен Неделковски, додека пак аранжманот е на Љупчо Соколовски.

Музика24: Освен што вечерва настапи на „Фолк Фест Валандово”, дали Ангела има претходно музичко искуство?

Ангела Влинтовска: Јас се занимавам со музика веќе 13 години. Од 5-6 години јас свирам виолина, 9 години имам поминато во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј”, потоа имам продолжено во средното музичко училиште и сега сум прва година на факултет каде што се префрлив на виола. Сега свирам виола. Така да јас сум запознаена со музиката од малечка.

Музика24: Што е она што те привлече и зошто се одлучи да настапиш на фолк фестивал? Дали фолк музиката толку многу те привлекува?

Ангела Влинтовска: Да, тоа е точно. Фолк музиката ме привлекува и многу ми е мило што еве јас имам 19 години и има многу млади што ја почитуваат и сакаат македонската народна музика и јас навистина се пронаоѓам во таа музика. Јас ја сакам и забавната, но некако многу повеќе ме привлекува македонската народна музика и би сакала да ги потикнам младите да си ја негуваат и да си ја сакаат народната музика.

Музика24: Знаејќи дека годинава си дебитант, што очекуваше од твојот прв настап… дали можеби громогласен аплауз, песната да биде одлично прифатена, реакција од публиката…?

Ангела Влинтовска: Видете, песната навистина според мене, а и според реакциите на публиката е навистина преубава, премногу е трогателна… текстот, музиката, мелодијата така што јас очекувам дека публиката навистина би ја прифатила „Темјана” и мислам дека многу луѓе ќе се пронајдат во оваа песна бидејќи текстот си кажа се…. „Темјана” се кажа. Така што мислам дека публиката одлично би ја прифатила песната, тоа искрено го очекувам.

Музика24: А што би се случило доколку од нигде никаде освоиш награда, трето, второ а зошто да не и прво место?

Ангела Влинтовска: Би била навистина пресреќна, искрено. Навистина многу голема желба ми, но ќе видиме… тоа што е. Нема разочарување и да има и да нема награда јас најважно е дека сум задоволна од мојот настап, се надевам дека и останатите се исто така задоволни. Така што и да има и да нема награда најважно е што јас сум презадоволна.

Музика24: После настапот на „Фолк Фест Валандово” што е она што може следно да го очекуваме од тебе?

Ангела Влинтовска: Се уште не сум размислувала што би било следно… јас настапувам со свој бенд, имам бенд со кој настапуваме на секакви пригоди и веселби така да сега сум со нив, а понатаму за фестивали секако размислувам, но сеуште немам некој фестивал конкретно на кој би сакала да настапам. Сигурно би настапила повторно, бидејќи чувството е преубаво да се биде на сцена пред преубава публика и навистина тоа многу ме исполнува така што нема да застанам, ќе се појавувам на уште многу вакви наши фестивали.

И за крај на ова кратко интервју, каде може македонската публика, твоите фанови и идни обожаватели да те видат. Каде настапуваш со твојот бенд?

Ангела Влинтовска: Мојот бенд е „Идеал Бенд”. Настапуваме на секакви забави, прослави… млади сме, нови сме и веќе една година сме заедно и цврсто газиме а така и ќе продолжиме.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: