На 11-ти декември во Скопје, во Македонската филхармонија ќе се случи вистинско чудо. Ќе се одржи првиот солистички концерт на светски познатите и едни од најдобрите во она што го работат, Barcelona Gipsy Balkan Orchestra. Музичкиот портал Музика24 пред концертно имаше привилегија и чест да направи ексклузивно интервју со оваа наделеку позната група.
А што тие велат за македонската музика, инспирацијата и желбата за преработка на балканската музика, за концертот во Скопје и многу повеќе… прочитајте во продолжение.
Музика24: Ве знаат како што би кажале тука – од Балкана до Триглава, насекаде низ белиот свет… Како воопшто дојдовте до идеја да го формирате овој интересен интернационален состав и во суштина кој беше иницијаторот за сето тоа?
Barcelona Gipsy Balkan Orchestra: Се се случи некако сосема случајно. Двајца музичари кои повеќе и не се во овој состав, започнале со собирање на музичари кои на некој начин во тој момент биле заинтересирани за балканската музика. Започнале со jam session во барселонските клубови, што набрзо тоа се претворило во идеално место за запознавање луѓе од различни култури, националности и со музички искуства. Најверојатно тој музички склоб доведе до карактеристичен пристап на балканската музика која што и ден ден ја одржуваме.
Музика24: Вашето име е насекаде препознатливо и секој пат кога ќе се чуе за Barcelona Gipsy Balkan Orchestra се знае што и како може да се очекува – спектакл во секоја смисла. Кој е основач на Barcelona Gipsy Balkan Orchestra, зошто токму тоа име, кој е кумот?
Barcelona Gipsy Balkan Orchestra: Бендот на самиот почеток се викаше Barcelona Gipsy Klezmer Orchestra, a три години подоцна е променето во Balkan од музички причини. Првото име на бендот донесе две промени, двајца музичари, Робиндро Николиќ и Матиа Схироса. Покрај нив двајца музичари од почетокот останаа непроменети, гитаристот Julien Chanal, перкусионистот Stelios Togias и јас.
Музика24: Постоите долги години, знаејќи дека во Barcelona Gipsy Balkan Orchestra членуваат музичари од повеќе земји, како се согласувате што и како да свирите и создавате и од кои се земји имате досега снимено и направено преработки на песни? Што се случува со Вашата авторска музика во овој период?
Barcelona Gipsy Balkan Orchestra: Се се менува и се тече, единствено она што останува е ширењето на музичкиот спектар за истражување на јазикот на музиката на балканските земји и пренесување на публиката на наш препознатлив начин. Во знакот на 10 годишното постоење и после изведбите на песни од земјите како што се Бугарија, Романија, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Турција, Унгарија… запловивме во матни води на компонирање на авторска музика. Секако, секогаш сме пееле и авторска музика, авторски песни, но досега тој дел беше само инструментален. Да се пишува текст на повеќе јазици е пред се ризик за кој е потребна огромна храброст, знаење и искуство што ние со годините наназад го имаме стекнато.

Музика24: Халите и Салите каде настапувате речиси секогаш се преполни, а настапувате буквално насекаде низ светот, секаде каде ќе ве повикаат и сакаат да слушнат добра и квалитетна музика. Како реагира публиката која што за прв пат слуша балканска музика на Ваш концерт… дали играат, пејат?
Barcelona Gipsy Balkan Orchestra: Балканот е набиен со емоции, и добри и лоши. Балканската музика е онаа која го вообличува се она што е позитивно и што се наоѓа во различноста на секој народ на така мало географско подрачје. Ние тоа го пренесуваме и тоа е она што нашата публика го чувствува, а можеби и воопшто не знае што е точно тоа.
Музика24: Во Македонија станавте познати и буквално вирални преку ноќ после преработените “Море сокол пие”, “Македонско девојче”… Од каде ви дојдоа идејата и инспирацијата токму овие познати македонски народни песни да ги отпеете и спакувате така што ќе се задржи македонскиот мелос, а се останато да биде светски и модерно?
Barcelona Gipsy Balkan Orchestra: Вашата земја, Република Македонија одсекогаш имала посебно место во нашето срце. Мелодичноста која ја има и постои е над се што може да се чуе. Работиме на многу македонски песни, а оние на кои постигнуваме да им дадеме нешто ново и единствено, влегуваат во нашиот репертоар, и во срцето на публиката ширум светот каде и да настапуваме.
Музика24: Какви се реакциите од Вашите фанови и публика кога ќе ги слушнат македонските песни? Дали можеби Ве контактираат македонските фанови на социјалните мрежи и што велат тие?
Barcelona Gipsy Balkan Orchestra: Секако, најдобрите реакции се кога свириме низ светот, низ различните градови и места каде што има многу дијаспора од поранешните ЈУ републики. Тие песни сите ги погодуваат во срце, бидејќи во нас постои некоја заборавена носталгија и тоа секогаш се забележува. Имаме многу обожаватели и фанови од Македонија, што е верувајте неверојатно со оглед на тоа дека тоа е една од ретките европски земји во која што досега немаме настапено. Тоа е моќта на социјалните медиуми.

Музика24: Дали сте размислувале досега да снимите и создадете нешто ново, карактеристично, оргинално и авторски со некој познат македонски вокал? Дали ја познавате нашата македонска музичка сцена?
Barcelona Gipsy Balkan Orchestra: Секако дека ја познаваме македонската музичка сцена, ја следиме колку што можеме. Една од нашите идни идеи, планови е да снимиме нешто со познат вокал од Македонија, но за жал, немаме време ниту пола од идеите кои што ги имаме да ги реализираме и станат реалност. Имавме едно навистина прекрасно искуство кога го снимавме нашиот втор албум, “Balkan Reunion” кога имавме чест да соработуваме со македонскиот саксофонист Ферус Мустафов. Од него многу научивме и се надеваме дека иднината ќе ни донесе слични или исти такви искуства.
Музика24: За околу петнаесетина дена доаѓате во Скопје, доаѓате со голем солистички концерт. Освен веќе познатите преработки, што може македонската публика да очекува од Вас и дали можеби подготувате нешто ново, можеби некое мало музичко изненадување?
Barcelona Gipsy Balkan Orchestra: Секако, подготвуваме изненадувања но тоа засега не го откриваме. Инаку, нашиот репертоар трпи промени на секои три до четри месеци, со тоа можеби публиката песните кои ги очекува и нема да бидат на репертоарот. Наша неопходна потреба за промени е она што не прави свои…
Музика24: Кога сме кај македонската музика дали имате омилена македонска песна, пејач, пејачка… Нешто што го сакате и секогаш со задоволство и полно срце го слушате и пеете?
Barcelona Gipsy Balkan Orchestra: Секогаш кога станува збор за музика, кога ќе се спомене некое големо музичко име од македонската музичка сцена како што е на пример Виолета Томовска или покојниот Тоше Проески, да не зборуваме пак за големата кралица на ромската музика Есма Реџепова Теодосиевска, атмосферата секогаш е посебна и убава.
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски