Имам нешто да те прашам

Блага Петреска: Најсреќна сум кога сум со семејството (Фото+Видео)

Таа е една од најпознатите македонски фолк пејачки на изворни и новокомпонирани песни. Родена е во Прилеп на 6-ти април 1947-та година. Нижо музичко училиште завршува во Прилеп, додека средното музичко училиште и Вишата педагошка академија во Скопје. Снима голем број на песни, плочи, ЦД и други носачи на звук со разни оркестари и групи. И покрај тешките животни предизвици, таа секогаш е насмеана на тв екраните и секогаш кога ќе ја застанете барем на 5 минути е позитивна и секогаш расположена. За својот живот многу ретко зборува во јавноста, бидејќи смета дека за тоа нема потреба. Задоволна е и горда на своите деца. Има три внуки и еден внук. Вели дека е заљубена во нашата мила Македонија и дека тоа е најубавото место за живеење.

Почитувани, со задоволство во петото интервју од серијалот новогодишни интервјуа ви ја преставуваме нашата најпозната македонска фолк дива Блага Петреска. Што таа одговори на нашите прашања, поврзани со и околу новогодишните празнични денови, прочитајте во продолжение.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири,  ковид вакцинацијата, сертификатите… По што вие лично ќе ја паметите 2021 година?

Блага Петреска: Одговорот се состои во прашањето. Оваа година ќе ја паметам по многу изгубени пријатели, а најмногу ме погоди смртта на мојот сакан брат од оваа опака болест.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е вашиот избор од она што беше понудено?

Блага Петреска: Незнам на кои песни мислите, бидејќи јас не забележав некој да понуди нешто што би ми оставило впечаток. Имаше само on-line концерти кои јас лично не ги преферирам.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакаувате да ја дочекате Новата 2022 година?

Блага Петреска: Најсреќна сум кога сум со семејството, бидејќи можам слободно да кажам дека ретко сум имала можност сите да сме заедно, затоа што секогаш сум имала настапи.

Музика24: Кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имате добиено или можеби подарено?

Блага Петреска: Љубовта од моите деца и внуци ми значат многу повеќе од поклоните.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствувате таа празнична еуфорија и колку умее да ве понесе?

Блага Петреска: Јас сум секогаш расположена и позитивна, мислам дека тоа чувство треба секогаш да ни биде присутно, па таа еуфорија не само што не ме понесува туку и ми пречи.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се вашите желби за новото Господово 2022 лето?

Блага Петреска: Мојата желба е да заврши оваа епидемија, да видам насмеани лица и да се изгушкаме без страв. Да се вратиме на животот пред короната.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатиле до вашите фанови и читателите на музичкиот портал Музика24?

Блага Петреска: Забележувам по социјалните мрежи многу нетрпение и омраза. Тоа ме загрижува и искрено сакам да порачам на сите да имаат трпение. Македонија не е многу голема, сите ние сме како едно семејство кое треба да се негува со една почит, трпение и проштевање.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....