Имам нешто да те прашам

Благојче Трајковски: Единствен новогодишен подарок кој нема да го заборавам е мојот најверен пријател – кларинетот (Фото+Видео)

Својата љубов кон музиката, посебно македонската традиционална и кон кларинетот ја пренесува со сета своја позитивна енергија и емоции при што дава се од себе, а кларинетот како инструмент блеснува со сиот свој сјај. Неговата безусловна предаденост на музиката го однесе на светските сцени каде што како инструменталист предизвика внимание. Темелниот пристап, постојната едукација и надоградување во својата област беа клучни фактори за тој да биде составен дел од музички формации кои предизвикуваат возхит и внимание на современиците.

Уште од самиот старт во својата матична група “Фортуна” од Битола, инсистираше на професионални стандарди кои подоцна му го диктираа и опкружувањето, па така тој започна да музицира и соработува и со групата “Љубојна”, потоа со бендот на прославената и надалеку позната Каролина Гочева, а нешто подоцна и со Џамбо Агушев… од неодамна го гледавме и на најновата српска телевизија К1 како дел од специјално формираниот бенд на музичари кои во музичката емисија “Coke Studio” ги пратат најголемите балкански ѕвезди на нивните шоу настапи.

Почитувани, во денешното новогодишно интервју ви го преставуваме Професорот и м-р Благојче Трајковски, а што тој одговори на нашите новогодишни прашања, прочитајте во продолжение.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири, ковид вакцинацијата, сертификатите… По што вие лично ќе ја паметите оваа 2021 година?

Благојче Трајковски: Факт е дека последниве две години на сите нас ќе ни останат во длабоко сеќавање по сите овие работи што ги споменавте, затоа што ние за прв пат се соочивме со нешто кое целосно ни го промени животниот ритам, како и животните и професионални навики. Покрај сите овие тензични и негативни моменти, изминатава година кај мене донесе пред се‘ минимална концертна дејност, но многу работа во студио, многу музика и создавање на значајни музички документи, кои кај мене ќе останат во сеќавање, а се надевам и кај сите добри познавачи и љубители на музиката.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е вашиот избор од она што беше понудено?

Благојче Трајковски: Кај нас во континуитет се создава многу музика, но никако не можеме да се најдеме во оној вистински професионализам и да го зацврстиме тој вистински критериум на вредности. Така беше и оваа година која што изминува. Јас сега не би зборувал за селектирање на песни, но би ги генерализирал случувањата. Кога е во прашање народната музика, ние се повеќе и повеќе го зацврстуваме дното и сме единствени на Балканот кои покажуваме многу големо незнаење и сме во целост „залутани“. Тоа моќно го потврдивме и годинава, преку фестивалите и преку емисиите за фолк музика. Сето тоа е крајно разочарувачки и не гледам некаков спас и добри денови во блиска иднина. Поп музиката донесе малку една посвежа слика. Пред се‘ се појавија некои нови и свежи изведувачи кои начелно наговестуваат дека сакаат да бидат вистински професионалци, а со нив донесоа и неколку нумери кои можат да се носат со повисокиот критериум. Во никој случај не смееме да ја изоставиме пофалбата на македонската џез продукција, затоа што единствено тука се гледа еден вистински професионализам и желба да се биде рамо до рамо со светот. Впрочем доказ за тоа е и работата на Биг Бендот на ЗЏМ кој има неверојатни музичари. Нивната работа годинава кулминираше со прекрасниот концерт во Загреб заедно со Курт Елинг.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакувате да ја дочекате новата 2022 година?

Благојче Трајковски: Кога треба да се зборува за прославувањето на Новата година, моето досегашно искуство е навистина оскудно. Минатата година за прв пат после 23 години настапување, Новата година ја дочекав во кругот на семејството. Искрено, тоа многу ми се допадна и ми донесе некои убави и пријатни емоции. Па затоа уште годинава би сакал да го искусам тоа, да ја искористам целава нестабилност која ја предизвика пандемијава и да си останам во кругот на семејството. Се надевам дека ќе биде така.

Музика24: А кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имате добиено или можеби подарено?

Благојче Трајковски: Нова година и празниците потоа се навистина добар повод да се покаже почит, љубов, емоции кон сите оние драги луѓе кои се во нашето опкружување. А за облагородување на моментот, секако многу придонесуваат подароците. Досега сум добивал многу убави и драги подароци, но единствен новогодишен подарок кој никогаш нема да го заборавам е кларинетот кој го добив на подарок од моите родители во 2000-та година. Тој кларинет ми остана мојот најверен пријател до ден денес и се што имам реализирано во мојот професионален живот, е направено со тој кларинет.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствувате таа празнична еуфорија и колку умее истата да ве понесе?

Благојче Трајковски: Секако дека таа празнична еуфорија ми делува многу убаво на целокупното расположение. И секогаш е тажно кога ќе заврши. Иако не сум некој голем иницијатор или пак фанатик кон украсување, тука ги имам мојата сопруга и сестра ми како личности кои целосно се внесуваат во украсувањето и разубавувањето на тој празничен впечаток и енергија. Па така придонесуваат за многу убава енергија во текот на цел месец декември. Благодарение на тоа, мене целосно ме понесува празничната еуфорија. Тука јас безрезервно ги поддржувам во нивните активности, секако дека помагам, а најмногу уживам во сето тоа што тие ќе го изработат.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се вашите желби за новото Господово 2022 лето?

Благојче Трајковски: Секако дека моите желби се фокусирани на доброто здравје, мир и благосостојба. Но во овие би рекол тешки времиња, би посакал Бог да ни даде што повеќе памет и желба за благородност и добрина. Мораме да сме подобри и помудри луѓе. Така ќе дадеме добар придонес во се што нас не‘ опкружува.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатиле до вашите фанови и читателите на музичкиот портал Музика24?

Благојче Трајковски: Ја користам приликава срдечно да се заблагодарам на Вашиот портал Музика24, да Ви ги честитам Новогодишните празници кои следат, да Ви посакам многу здравје, уште многу успешни години и да продолжите да сте сериозен фактор во нашата најубава професија. А на сите фанови и читатели им посакувам добро здравје, мир и среќа. Кон оваа порака нема да го употребам клишето „да слушаат македонска музика“, туку да слушаат секаква и сечија музика. Со тоа се повеќе ќе им се ослободува и облагородува духот. А од друга страна ќе имаат многу поцврст критериум и вкус за нашата музика. Да ми сте здрави, живи и среќни!!!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....