Имам нешто да те прашам

Дарио Панковски: За Нова година се претворам во „мало дете” (Интервју)

Се ближи крајот на 2020-та, а 2021-ва година е на прагот. Единствениот специјализиран македонски музички портал – Музика24 и оваа година подготви серија ексклузивни новогодишни интервјуа со музичари, но и други јавни личности од земјава и регионот. Првото новогодишно интервју оваа година го направивме со поп ѕвездата Дарио Панковски. Во продолжение прочитајте како се чувствува Дарио за време на празниците? Како му помина 2020-та и што ја обележа? Но и неговите планови и желби за Новата година.

Музика24: Како се чувствувате кога доаѓа овој период од годината? Дали се радувате како “мало дете” на целата предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак сето тоа за Вас се само обични денови во кои малку повеќе се одмараме, забавуваме и поминуваме време со најблиските?

Дарио Панковски: Буквално сте ја погодиле правата формулација. За Нова година баш се претворам во „мало дете” и максимално уживам во сите претпразнични денови и во самата новогодишна ноќ. Тоа не е некаква еуфорија, туку едноставно уживање во овие денови, поразлични од сите други. Дома сите заедно го украсуваме домот и го претвораме во новогодишна бајка, вечерите се резервирани за расположение со божиќни филмови, а во овој период јас лично ги обожавам и сите светски новогодишни хитови: „ABBA“, George Michael, Mariah Carey… Дополнителен бенефит е интензивното дружење со децата, заеднички ручеци, прошетки пропратени со шопинг итн.

Музика24: Имајќи ги во предвид околносите, како планирате да ја испратите 2020-та, а ќе ја дочекате Новата 2021-ва година?

Дарио Панковски: Без разлика на околностите, јас отсекогаш најмногу сум ги сакал дочеците во топла домашна атмосфера, доколку сум немал некој голем и сериозен новогодишен музички ангажман, а не било каде и по секоја цена. Значи така ќе биде и оваа година и тоа воопшто не ми пречи.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и да се надеваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите планови и желби за Новата 2021-ва година? Што би сакале да Ви се оствари на професионален или приватен план?

Дарио Панковски: Како прво, да се надеваме дека наредната навистина ќе биде многу подобра од оваа. Секако дека имам желби и планови за наредната година и се додека човек ги има, ќе чекори напред. На професионален план се подготвува нешто големо или попрецизно кажано нешто огромно, што дефинитивно ќе биде посластица за сите оние кои ја сакаат и почитуваат мојата музика, но за тоа потоа, а приватни планови секако дека имам и тие веќе почнуваат да ми се остваруваат, но сепак се приватни, па затоа…

Музика24: 
Кој настан од областа на музиката ја обележа 2020-та година

Дарио Панковски: Глобално не би знаел што да одберам, но мене оваа година дефинитивно ми ја одбележа мојата последна песна „Еј животе” која сосема случајно беше промовирана во март, на самиот старт на пандемијата, за која добив фантастични критики. Им благодарам на сите!

Музика24: Кој албум, видеоспот или песна во 2020 година Вас Ви остави најголем впечаток?

Дарио Панковски: Ava Max – „Kings & Queens”.

Музика24: 2020-та посебно ги погоди артистите. Карантини, откажани настапи, рестрикции за публика итн. Како Вие ја поминавте оваа година?

Дарио Панковски: Секако дека не е сеедно, но јас не сум тип на изведувач кој настапува секоја вечер или секој викенд во разни локали. Моите настапи се исклучиво концертни и се случуваат од време на време, така да ја поминав оваа никаква година далеку од добро, но сепак релативно пристојно, пред се* благодарение на мојот минат труд.

Музика24: За крај на ова наше новогодишно интервју, што би им посакале на обожавателите и читателите на музичкиот портал Музика24?

Дарио Панковски: Бидете задоволни од себе и од својот живот, не се споредувајте со никого и не барајте премногу, затоа што убавината на животот е во малите работи. Се надевам дека после ова пандемиско искуство на многумина тоа ви стана јасно. Бидете здрави и весели, чувајте се и радувајте им се на секојдневните работи. Среќна нова 2021 година на сите!!!

Интервјуто го подготви: Филип Етмишовски

Можеби ќе ве интересира: