Имам нешто да те прашам

Давид Темелков: Скопје е мојата омилена новогодишна локација (Фото+Видео)

Тој е пред се познат манекен и фотнес тренер, но тој е исто така одличен и познат македонски поп пејач кој се прослави како успешен учесник во втората сезона на музичкото шоу „X Factor“. Веќе подолго време живее на релација Скопје-Загреб, и гради успешна кариера во Хрватска и регионот. Во 2015 година тој потпишува десетгодишен договор со дискографската куќа „Хит рекордс“. Пред извесно време ја запроси својата љубена и одтогаш тие се неразделни.

Почитувани, ексклузивно од Хрватска за нашиот музички портал, на нашите новогодишни прашања одговара токму тој, познатиот Давид Темелков.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири, ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш оваа 2021 година?

Давид Темелков: Пред сé би сакал да ги поздравам сите читатели на Музика24. 2021 е една прекретна година за мене, верувам и за сите нас, година во која доживеавме доста големи промени во животните навики. Оваа година ќе ја памтам по убави нешта, 4 нови песни, 4 нови видео спота, неколку големи концерти во време на пандемија и публика од преку 15.000 присутни, за мене беше доста продуктивна година.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од се она што беше понудено оваа година?

Давид Темелков: Не би сакал да коментирам нити да издвојам некоја песна, секој еден од нас го дава својот максимум, секој мој колега или колешка се труди да го даде најдоброто од себе во секоја песна. Можам само да му заблагодарам на Бога што годинава снимив 15 тина песни со што започна изработката на вториот албум.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој секој го прославува на свој начин. Лично како посакауваш да ја дочекаш Новата 2022 година?

Давид Темелков: Скопје е мојата омилена новогодишна локација. Во кругот на најблиските пријатели и семејството. Моето семејство е подоста музички надарено, и нашите прослави се секогаш распеани, а микрофонот во рацете е главно средство за забава!

Музика24: Кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имаш добиено или пак можеби подарено?

Давид Темелков: Најубавиот новогодишен поклон за мене е дефинитивно тоа да моето семејство и најблиските пријатели ми се живи и здрави, на број од прв до последен. Материјалните нешта минуваат, имаат рок на траење, додека спомените со најблиските траат вечно!

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку умее и може истата да те понесе?

Давид Темелков: Од малечки нозе сум се радувал на Новогодишните и Божиќните празници, а се радувам подеднакво и денес. Во моето семејство секогаш постоела една позитивна еуфорија и убаво расположение за Божиќ и Нова Година, кои и ден денес се врежани во мене.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се твоите желби за новото Господово 2022 лето?

Давид Темелков: Да биде мир насекаде, да владеат љубов и слога меѓу луѓето. Да сме здрави и живи, среќни и насмеани. Како одминуваат годините, се повеќе сфаќам дека среќата се мери во духовното, а не во материјалното, во она што е во срцето и душата, а не во џебот…

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатил до твоите фанови, а воедно и читателите на музичкиот портал Музика24?

Давид Темелков: Да уживаат во Македонската музика и да не подржуваат во нашиот пат, бидејќи поддршката од слушателите е главниот двигател кој не мотивира и охрабрува да даваме сé од себе и да вложуваме максимално во музиката. Би сакал да им се заблагодарам за досегашната поддршка и да им ветам дека ќе дадам сé од себе достоинствено да ја представам Македонија каде и да сум!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....