Имам нешто да те прашам

Џамбо Агушев: Секоја Нова година во мене буди среќни чувства, емоции и сеќавање на убави моменти (Фото+Видео)

Тој важи за еден од најдобрите и најуспешните музичари во регионот. Досега има освоено бројни музички награди и признанија низ целиот свет, а на ромска манифестација во Бугарија е прогласен за „Крал на ромската музика“. Има настапувано на Би-Би-Си со своја авторска музика, во Мексико пред 50.000 публика, а во Лондон кога ја засвирел “Македонско девојче” имал впечаток дека во публиката сите се македонци, сите ја пееле оваа позната македонска песна.

Џамбо Агушев е следната македонска музичка ѕвезда која одговараше на нашите новогодишни прашања. Каде и со кого тој ќе ја дочека Новата 2022 година, кои се неговите идеи, замисли и желби, прочитајте во продолжение.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, долгите полициските часови, забраните за масовни собири, ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш 2021 година?

Џамбо Агушев: Оваа година која изминува за разлика од претходната не беше толку лоша и непродуктивна. Колку-толку имавме можност да реализираме концертни настапи и некои патувања во поблиските дестинации. Иако бевме далеку од нормално функционирање, сепак барем во одреден период имавме можност да ја почувствуваме магијата на сцената и да размениме енергија со нашата публика која до бескрај ни недостасуваше. Оваа година јас лично ќе ја паметам по доста реализирани проекти, како мои солистички, како и заедно со многу мои драги соработници. А од друга страна, во оваа година успеав да подготвам многу музика и многу нови проекти кои ќе бидат промовирани во наредната 2022 година.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од се она што беше понудено?

Џамбо Агушев: Јас мислам дека продуцирањето на нова музика не изостана воопшто. Можеби генерално заостануваме во квалитетот, но тоа не се случува само оваа година, туку тоа не следи повеќе години наназад. Сигурен сум дека излегле многу песни оваа година, но сепак мислам дека се уште е рано да бидат забележани, затоа што третманот од медиумите е слаб и затоа треба повеќе време за одредени песни да станат хитови.

Музика24: На само неколку часа и не очекува дочекот на Новата година, кој секој од нас го прославува на различен начин. Лично како посакауваш да ја дочекаш новата 2022 година?

Џамбо Агушев: Јас обично настапувам за Нова Година и секогаш кога настапувам сум некаде надвор од Македонија. Таков е планот и за дочекот на оваа 2022 година. Ако се биде во ред, јас треба да бидам во Швајцарија. Но, ако нешто се случи, заради целокупнава ситуација да имаме одредени рестрикции, можеби ќе настапуваме на некоја друга локација низ Европа. А да бидам искрен, мене најсреќен ме прави дочек на Новата година заедно со моето семејство и најблиските, затоа што таквите дочеци ми се најретки во животот.

Музика24: Кој е досега најинтересниот и најкреативен новогодишен подарок што го имаш добиено или пак можеби подарено?

Џамбо Агушев: Сум имал многу ситуации каде што сум подарувал, но и многу ситуации каде што сум примал многу убави подароци. Не можам да издвојам нешто конкретно сега, но отсекогаш ми се драги подароците од мојата сопруга или пак од моите деца. Многу често тие знаат да ме изненадат и тогаш ме прават многу среќен. Затоа и јас никогаш не ги изоставувам изненадувањата за нив.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку умее и може истата да те понесе?

Џамбо Агушев: Секако дека таа новогодишна атмосфера ме понесува и влијае многу позитивно на мене. Досега во животот сум имал многу прилики да ја почувствувам таа празнична атмосфера низ многу места во светот. Имам прекрасни впечатоци, импресии и доживувања. И секоја Нова година во мене буди среќни чувства и емоции, сеќавање на убави моменти, љубов и ширење на позитивна енергија во целото мое опкружување.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....