Имам нешто да те прашам

Драган Митевски: “Тумба фест” е всушност сочувување на историското и културно наследство преку дијалектите (Фото)

За време на Кумановското културно лето кое што се одржа неодамна, во рамки на истото беше вклучен и Фестивалот на шегобијни песни “Тумба фест”. Оваа година по 11-ти пат пред кумановската и македонска публика на отворено се случи мешавина од емоции, дијалекти и одлично и квалитетно подготвена македонска музика.

Во оваа прилика имавме чест да поразговараме со организаторот и Претседател на Здружанието на граѓани “Етно Ризница” Драган Митевски кој стои зад овој голем музички проект.

Музика24: Годинава се одржа 11-то издание од Фестивалот на шегобијна песна “Тумба фест”. Кажете ми како организатор, како сте задоволен од она што се случуваше на градскиот плоштад и генерално од овогодинешното издание на фестивалот?

Драган Митевски: Овогодинешното издание на “Тумба фест” 11-то по ред, влезе во програмата на Кумановското културно лето и пред се сме задоволни што градот не препозна како сериозни организатори на ваков тип на настани, а особено овогодинешниот фестивал кој што имаше 21 песна, прекрасни сите и каде имавме гости од Швајцарија, Шведска, Бугарија, Србија… Се пееше на струшки, се пееше на кривопаланечки, на струмички, на прилепски, на битолски… На сцената продефилираа неколку сценски адаптации кои ќе останат навистина запаметени. Оваа година реално дел од луѓето некако претенциозно или незнам како да кажам, рекоа дека ова издание е 10 пати, 100 пати подобро од она минатата година. Јас би рекол дека ние од година во година одиме левел погоре и погоре. Така да се надевам дека сите се задоволни како прво, како второ ние како организатори ветуваме дека наредната година 2024-та секако дека ќе биде уште подобро. Сега ако ги прашате луѓето претпоставувам дека дел од нив ќе кажат дека од ова подобро не може, меѓутоа, секогаш може.

Музика24: Колку е тешко да се биде организатор и истовремено директор на фестивал во вистинска смисла на зборот, знаејќи ја тежината и самата организација на овој тип на настани?

Драган Митевски: Фестивалот датира од 1995 година, траеше до 2000-та година. Имаше 6 изданија. Но поради познати причини во 2001-та година, се случуваше распад на системот – распад на државата итн. Цели 19 години не беше одржуван. Ние како Здружение на граѓани “Етно Ризница” фестивалот го организираме по петти пат. Меѓутоа, сепак може да се зборува за една традиција. Така да ние оваа година квалитетот на фестивалот кој испадна вака како што испадна, оваа година нам ни е силен ветер во грб да истраеме во организацијата на фестивалот и да си има своја традиција. Навистина Куманово заслужува еден ваков тип на фестивал, а ние како Здружение “Етно Ризница” во суштина и мисијата ни е сочувување на историското и културно наследство во овој случај преку дијалектите. И ова е навистина еден редок пример, односно, единствен пример во светот кој ги негува дијалектите. Во првите почетоци на фестивалот песните беа исклучиво на македонски јазик и кумановски дијалект, меѓутоа, ние неколку години наназад почнавме да каниме гости од другите градови, бидејќи Македонија има изобилство на многу убави дијалекти така да и овој фестивал ни кажува дека навистина сме на правиот пат.

Музика24: Веруваме дека има голема заинтересираност за учество на овој познат фестивал. Каква е селекцијата од година во година, знаејќи дека има пријавено голем број на песни па по автоматизам правите селекција кој ќе настапи, а кој не би можел да настапи?

Драган Митевски: Да секако, на овој фестивал имаме преку 20 автори. И самите автори, како да кажам, имаат желба да присуствуваат и да прават дела за овој фестивал, бидејќи како што самите велат овој фестивал е некако поинаков од останатите во смисла на тоа фестивалот има една единствена можност авторите да се искажат на еден поинаков начин. Имаат една поинаква слобода на изразување. На пример, нашите песни не ги ограничуваме на три ипол минути (03’30), на овогодинешново издание имавме една песна која траеше дури пет ипол минути, а ги наежи сите во публиката. Кога веќе зборуваме за публиката морам да кажам навистина тоа го пратевме и неколку луѓе кажаа, публиката само надоаѓаше на самиот плоштад, од околните згради луѓето го пратеа фестивалот и немаше одлив на луѓе да си одат од фестивалот, напротив, сите доаѓаа и доаѓаа се повеќе и повеќе.

Музика24: Овогодинешното издание на “Тумба фест” е веќе зад нас. Реално помина одлично. Иако има време до следната 2024-та година и новото фестивалско издание, сепак, какви се Вашите размислувања и предлози околу фестивалот, дали ќе биде на отворено, со повеќе публика и слично?

Драган Митевски: Да… Куманово има редица на културни манифестации и политиката на градот во последниве години одеше во онаа насока која нескромно сега би рекол дека е наша идеја. Значи, Куманово немаше свое културно лето. Тоа беше наша идеја и ние опстоивме во тоа. Јас се надевам дека ако оваа година имавме три настани во рамки на културното лето, до година верувам дека ќе имаме цела недела – секоја вечер настани.

Музика24: Значи, сепак, со право сметате дека градот Куманово заслужува многу повеќе настани од она што имал изминатите години, оваа година… тука мислиме и на изложби, театарски претстави, промоции, забави, концерти и многу повеќе?

Драган Митевски: Апсолутно, апсолутно заслужува. Градот Куманово и има доста голем број на манифестации, меѓутоа, ваков еден тип на организација да се спојат поголем број на манифестации кои би се одржувале да кажеме пет, шест до десет дена итн. ќе создадат ситуација да има забава за различна категорија на луѓе. Тоа беше идејата, на едно место да ги собереме сите генерации. “Тумба фест” всушност и тоа го прави. Вие и самите видовте, на плоштадот имаше и млади, и средна генерација имаше и повозрасни луѓе, така да ние сме сосема задоволни од сето она што се случуваше на годинешното издание на фестивалот. На фестивалот навистина имаше песни кои сигурно ќе останат.

Музика24: Освен организација на Фестивалот на шегобијни песни, кои се останатите активности што Вашето Здружение на граѓани “Етно Ризница” ги реализира во текот на годината?

Драган Митевски: Како што претходно напоменав, мисијата на нашето Здружение “Етно Ризница” е зачувување на историското-културно наследство. Здружението “Етно Ризница” оди на терен и собира стари и досега необјавени песни кои ги аранжира во сега модерни и нови аранжмани и ние на пример досега имаме издадено едно ЦД од осумнаесет песни од кои петнаесет од нив за прв пат се нашле на носач на звук. А имаме собрано преку 200 песни. Ние сме секојдневно на терен бараме стари луѓе – песнопојци кои ни ги кажуваат песните кои ги слушнале од нивните дедовци и баби итн. Така да тоа е основната дејност што ја работи Здружението “Етно Ризница”, а од манифестациите кои ги организираме покрај “Тумба фест” тука би ги споменал и Фестивалот на денови на балканска ризница кој на некој начин е сублимат на активностите на Здружението “Етно Ризница” во текот на годината. Потоа организираме детско фестивалче “Распеано детство” кое е едно од настарите во Македонија и оваа година го одржавме по 18-ти пат. Го организираме и настанот наречен “Вечерен танц на куклите”, кој што се одржува во Куклица, Кратовско. Каде што исто така во ноќен амбиент имаме прекрасни случувања и ја организираме традиционално оваа година по седми пат манифестацијата “Шопска свадба” во селото Куклица, каде што преку свадбени свечености ги прикажуваме адетите и обичаите на нашите предци. Се во интерес младите да го видат сето она што нивните дедовци и прадедовци го имале и на тој начин ете… мисијата на Здружението “Етно Ризница” е зачувување на историското и културно наслетство. А во случајот со “Тумба фест” е дијалектот.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: