Имам нешто да те прашам

Габриела Новевска: Кога веруваш во чуда – чуда се случуваат (Фото+Видео)

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Габриела Новевска: Оваа година ми ја обележаа многу нешта, но ете ќе издвојам само неколку. Оваа година започнав на уште едно работно место. Имам рубрика која е наречена “Гугутка гуга”, по истоимената песна, отпејана од Вања Лазарова. Рубруката е со мала минутажа, информативна и обработува разни теми од областа на фолклорот. Се емитува на новата скопска телевизија В-ТВ. Потоа, настапот на „Фолк Фест Валандово“. Овој настап за мене беше премиерен, т.е. за прв пат настапив со новокомпонирана македонска песна, чиј комплетен автор е Ристо Краповски. Песна се вика “Доста беа твоите лаги”. И секако, најголемото нешто што ќе ми ја запечати оваа година е издавањето на мојот прв самостоен албум “Те кажувајет, Илино моме”. Албумот има 8 преработки на преубави македонски песни, песни кои ми оставиле белег или барем во некој период ми биле омилени и сум ги слушала на повторување. Музичката обработка е малку поинаква од она што до сега сум го изведувала. Направена е со цел да ги привлече сите генерации и е фузија од фолк и рок. Аранжманите на сите композиции ги направи Александар Јовевски. Композициите се снимаа во ХЛ студио со музичкиот продуцент Дејан Момироски. Бендот, т.е. тимот кој стои позади мене е составен од исклучително одлични музичари:

  • Александар Јовевски – пијано
  • Зоран Костадиновски – електрична гитара
  • Горан Гешовски – бас гитара
  • Дарко Илиевски – хармоника
  • Виктор Филиповски – тапани
  • Ратко Даутовски – перкусии

Како гости на албумот ми се појавуваат:

  • Гоце Димовски – гајда
  • Дамјан Пејчиноски – електрична гитара
  • Дејан Теодосиевски – виолончело

И како придружни вокали, моите колеги од “Танец” со кои сме и одлични пријатели:

  • Ристо Новевски
  • Гоце Цоневски
  • Драган Николовски
  • Петар Механџиски

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која песна според Вас ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Габриела Новевска: Оваа година, како што кажав, имав можност да бидам дел од „Фолк Фест Валандово“ и морам да признаам дека скоро сите композиции ми се допаднаа. Од нив би ја издвоила песната на Елена Андоновска “Ни седум неба, ни седум гори”. Потоа, “Сам по калдрма” песна која ја изведе Димитар Андоновски на битолскиот фестивал “Ех, таа седенада”. Во однос на забавната музика, оваа година прв пат по 10 години, седнав пред ТВ и гледав „Макфест“ и забележав и пријатно се изненадив, дека има многу млади лица кои одлично газат на сцената. Но целокупно, сметам дека на фестивалите пеењето треба да биде во живо, за да се добие вистинскиот впечаток. Бидејќи песната има многу фактори кои ја оформуваат: музика, аранжман, текст, извор на пејач, способности, сценски настап, изглед и сл. Не можам да одберам една песна, а хитот секако го бира масата/публиката.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Габриела Новевска: Никогаш не престанав да се радувам на целиот празничен период. Ги обожувам и Новата година, посебно Бадник и Божиќ, Водици… Овие празници ми будат топли чувства на сплотеност, искреност и потсетуваат колку малку ни е потребно за радост. Детето во мене е сеуште присутно и се надевам дека никогаш нема да ме напушти оваа еуфорија. Сега, кога имам мало дете го воспитувам и него да ги цени малите нешта и да им се радува, затоа што со нив ќе ги создава спомените низ животот.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Габриела Новевска: Повеќе сакам да подарувам практични нешта. Секому она што му е потребно. Но најважно, подарокот го бирам според личноста, каков карактер има, што сака и сл. И многу, многу повеќе сум среќна кога ќе подарам некому нешто, отколку кога ќе добијам подарок.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Габриела Новевска: Секогаш. Колку и да звучи клише, но знаеме дека ако нашите ближни се среќни, задоволни, среќни ќе бидеме и ние. Туѓата среќа, на моите сакани, ме исполнува и мене. Се трудам, колку што можам да помогнам.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Габриела Новевска: Апсолутно ништо! Верувам дека сѐ се случува со причина. Некогаш ни е потребно повеќе време да ги согледаме нештата и резултатот на нашите или туѓите постапки, но на крајот сѐ си доаѓа на свое место.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика?

Габриела Новевска: Секој ден го започнувам со музика. Вообичаено, поради тоа што сум со мало дете, слушам детска музика и заедно си пееме со синчето. Но, во последниве 2 месеци, бидејќи интензивно работев на мојот албум, постојано се слушаа само тие песни. Така да, песната што ми се “мота” низ глава се наоѓа на мојот албум.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Габриела Новевска: Јас многу доцна дознав дека Дедо Мраз не постои и дека подароците ми ги даваат мама и тато 🙂Тогаш можеби бев лута што ме лажеле, но сега сум бескрајно благодарна за тоа затоа што тоа ме научи дека кога веруваш во чуда-чуда се случуваат. Сега, на истото го учам и моето синче. Така да, мојата порака е да го прочита писменцето што ќе му го напишеме со Алексеј.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Габриела Новевска: На крајот од оваа година се исполни една моја долго посакувана желба, т.е. издавањето на албумот и сум пресреќна поради тоа. На 11.12 (вечерва) ќе се случи негова промоција, во кафе-бар “Мартини” од 20 часот. Наредната година планирам малку поактивно да го пласирам и промовирам преку живи изведби, но за секоја поголема активност додатно ќе известувам. Секако, тука се и активностите со мојата примарна институција, Националниот Ансамбл “Танец”.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Габриела Новевска: Новата година ќе ја дочекам со мојот сопруг и синчето Алексеј, кој има три години, значи во семејна атмосфера. Имаме куќа во село Гари, па таму се кити елката и го чекаме Дедо Мраз, веќе неколку години по ред. Мислам дека ми помина времето кога сакав и што е најважно, кога можев да бидам опкружена со премногу луѓе, гласна музика и седење до утринските часови. Најверојатно и професијата си го носи тоа, бидејки музичарите сме постојано со гласна музика околу нас. Но ете, доаѓа време кога сакаме мир и спокој, а јас си го наоѓам во семејството. И во Гари.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Габриела Новевска: Да бидеме здрави. Без здравје, ништо не можеме. Да бидеме посвесни за околината и за луѓето околу нас. Да имаме повеќе емпатија. Да превземаме одговорност за зборовите кои ги кажуваме и за постапките. Такви нешта мислам дека ни недостигаат. Другото, ќе си дојде.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Габриела Новевска: Ќе препорачам да слушаат македонска музика. Мислам дека не си ја цениме доволно нашата сцена, без разлика дали е фолк, поп, џез… Секогаш ги издигнуваме музичките имиња од соседните држави, на нашите се гледа со потсмев. Имаме многу квалитетни и вокали, музичари, групи кои имаат што да понудат. Да ги следат објавите на Музика24 и секако, да си го набават мојот албум.

Посакувам секому, секое добро. Ваша, Габриела Новевска

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: