Имам нешто да те прашам

Горан Милошески: Дедо Мраз ми донесе прекрасно семејство (Фото+Видео)

Тој е познат музичар, композитор, продуцент… одличен пејач кој зад себе има голем број на хитови. “Кактус студио” е неговото омилено катче каде што ги создава најубавите музички дела, песни кои ги пејат познати македонски и балкански музички имиња. Личност со која што секој би сакал да биде пријател, да се дружи и да биде во негова близина, знаејќи дека освен што има што да научи, непосреден мајтапчија, директен или со еден збор типичен прилепчанец. Иако повеќе години е натурализиран скопјанец, тој со себе го носи препознатливиот прилепски темперамент. Како Горан Милошески ги празнува новогодишните празници, што вели тој за новогодишната атмосфера и еуфорија… прочитајте го новогодишното интервју со оваа позната македонска музичка легенда.

Музика24: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, како се чувствувате секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радувате на целата предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за Вас се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?

Горан Милошески: Како мал се радував на овие новогодишни празници. Сега да бидам искрен, се помалку се радувам, затоа што целава ситуавија во нашата земја не ти дозволува да уживаш, да ги славиш и да се чувствуваш сигурен и расположен.

Музика24: Дали и после толку години верувате во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Горан Милошески: Никогаш не сум верувал во таа приказна. Живеев и растев во мошне сиромашно семејство заедно со мојата мајка и постар брат. Немавме многу услови за подароци и се радувавме на мали нешта. Секогаш кога ќе посакав нешто од Дедо Мраз за подарок, јас не можев да го имам. И одтогаш не верувам во легендата дека постои Дедо Мраз.

Музика24: Како вообичаено се подготвувате за дочекот на Новата година? Подготвувате специјалитети, сакате да уживате во прошетките со најмилите, купувате подароци за своите деца?

Горан Милошески: Да, секоја година купувам подароци за моите најблиски и сакам со тие подароци да ги усреќам и да им ги видам лицата насмеани и среќни. Новогодишната трпеза јас ја подготвувам да биде богата, а со песни и игри ја дочекуваме Новата година. А секако, ден потоа одиме на прошетка.

Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се Вам ви е битно добро друштво, забава и музика… или пак онака домаќински во опуштена адмосфера со малку повеќе храна, пиење, шала, смеа и потоа секако некој добар новогодишен филм?

Горан Милошески: Порано за дочекот на Новата година често настапував и не ја доживував Нова година, сите славеа само јас не. Бев осамен, живеев долго време сам и за мене дочекот на Новата година беше само една обична работна вечер. Но сега е многу поинаку. Веќе неколку години по ред ги дочекувам со моето ново семејство и заедно со нив низ песни, игри и насмевки преубаво ја дочекувам Новата година.

Музика24: Како и на кој начин ги изненадувате Вашите сакани за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакате да го подарите, и што е она што Вам би Ве изненадило како подарок?

Горан Милошески: Па ете, како за пример, минатата година на сите мои најмили им спакував подароци во колетчиња (пакетчиња) и точно во 00 часот на сите им ги подарив, а најсреќна беше мојата вереница на која и подарив златен прстен и ја побарав раката од нејзините родители и нејзиното синче. Така да Дедо Мраз ми донесе едно прекрасно семејство во 2019-та година и можам да речам дека тоа беше мојата најубава Нова година во мојот живот. Ете тоа беше мојот најубав новогодишен подарок.

Музика24: Што всушност за Вас претставува сета таа празнична предновогодишна еуфорија, дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?

Горан Милошески: За мене славењето на тие празници е сплотување на семејството со желба Новата година што ќе ја дочекаме да ни биде поубава, во домашна адмосфера во хармонија, со многу здравје, љубов и среќа.

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратите 2019-та, а ќе ја дочекате Новата 2020-та година?

Горан Милошески: Новата година ќе ја дочекам со семејството во домашна адмосфера со богата трпеза и тогаш целата моја опрема ја поставувам, 3-4 микрофони, и сите ќе пееме и играме до сабајле.

Музика24: Кој е според Вас настанот од областа на музиката кој што ја одбележи 2019-та која што пополека си заминува?

Горан Милошески: Веќе споменав, Дедо Мраз ми донесе сопруга и нејзиното прекрасно семејство. Настан за паметење беше моето успешно работење како уметнички директор на “Охрид фест – Охридски трубадури 2019” на која донесов доста хитови на македонската естрада. Тука дебитираа учениците од мојата школа за пеење, Дамјан Димевски и Деспина Спасовска. И оваа година која пополека си оди, беше успешна за сите мои ученици кои вредно се трудеа и се секогаш вредни и дисциплинирани и секако ја сакаат музиката. Тука ќе го споменам Душко Пуцковски со неговите успешни настапи на “Канео фест” и “Еврофест” каде доби големи награди. Да резимирам, годинава што изминува на полето на музика ми беше многу успешна.

Музика24: А кој е пак според Вас хит песната која што на некој начин ја одбележа 2019-та година и видео спотот кој што Вам Ви остави најголем впечаток изминатата година?

Горан Милошески: Според мене за оваа година има два хита. Песната на Александар Митевски и Дац “Цреши” и песната на Лени Партикова “Каде си ти”, и двете отпеани на “Охрид фест – Охридски трубадури 2019”.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите планови, замисли и идеи за Новата 2020-та година? Што би сакале да Ви се случи, оствари и реализира на приватно поле и во полето на музичката кариера?

Горан Милошески: Како и минатата година, и во Новата година моите планови се во музиката. 2020-та година ќе биде година на моите успешни ученици. Во план сме следната година да го издадеме албумот на мојот ученик Душко Пуцковски. А што се однесува до мојата музичка кариера, планирам да пуштам неколку композиции и видео спотови како пилот од мојата нова ризница, за моите фанови да знаат дека тука сум и дека сеуште пејам и снимам нови песни.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакале на Вашите фанови, подржувачи, како и читатели на музичкиот портал Музика24?

Горан Милошески: За крај на сите мои фанови им посакувам многу здравје, љубов и среќа и поголема заработувачка. Да се сакаат луѓето меѓу себе, омразата и непочитувањето е само лоша енергија. Да ги заборавиме лошите нешта што ни се случиле во текот на оваа година и да чекориме напред. Слушајте македонска музика и читајте го најдобриот и единствен музички портал во Македонија – Музика24.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: