Имам нешто да те прашам

Гордана Цветаноска (Радио Пела): Изборот за организатор на “Пивофест” не беше транспарентен (Фото)

Вчера вечер започна 18-то издание на “Пивофест” во Прилеп, според нас, едно од најконтраверзните изданија на овој познат и единствен пивски фестивал во Македонија, уште од пред самиот почеток. Уште пред самиот старт останаа голем број прашања неодговорени, голем број дилеми и енигми неразјаснети, но веруваме и се надеваме дека сето тоа ќе се открие и дознае по завршувањето на “Пивофест”, кога и организаторот и општината како комплетно целосен помагател на истиот ќе се соочат со реалноста и бројките, многубројните прашања од нашиот медиум, а и колегите новинари од локалните и регионални портали, радио и тв станици. А сега нека слават и нека се радуваат.

Во текот на вчерашниот ден пред стартувањето на “Пивофест”, екипата на музичкиот портал Музика24 поразговара со Главната и одговорна уредничка на Радио “Пела” од Прилеп, Гордана Цветаноска, и со неа поразговаравме за и околу фестивалот кој што Општина Прилеп и продукцијата “Арт10” годинава го организираат, како прилепски медиум како тие ги гледаат нештата и организацијата, а и многу повеќе околу самиот “Пивофест”.

Музика24: Кажете ни според вас, каква е организацијата на овогодинешното издание на “Пивофест” и што е она што вие како медиум, односно, како личност, очекувате од “Пивофест” годинава?

Гордана Цветаноска: Ќе почнам од вториот дел од прашањето, ние како медиум во однос на она што го очекуваме од овогодинешниот “Пивофест” е прв чекор за враќање на оваа манифестација на старите патеки што беше од пред пет – шест години кога навистина беше центар на Балканот за музички манифестации, бидејќи имаше навистина познати музички балкански имиња кои што беа врв на балканската музичка сцена. Тоа е значи првиот чекор. Во однос на организацијата, сметам дека она што и Општината Прилеп го прави и организаторот кој што се јавува во името на “Арт 10” продукција најмногу што може во моментов да се понуди, бидејќи со оглед на општата клима во која што живееме и економска и здравствена и финанска криза и сите тие кризи кои што ги имаме, мислам дека е најдоброто што можеше да биде со локални луѓе што работат во тој дел на естрадата, што можеше да биде и подобро во однос на понудата, но во моментот тоа е што најдобро може да биде. Очекувањата се дека ќе има гости, најмногу од соседните градови можеби еве да речеме и од Скопје, но не верувам дека ќе има странски гости како што годините наназад имало, бидејќи јас лично го следам “Пивофест” наназад можеби 12 години. Со оглед на ситуацијата реков, бидејќи порано само ќе напоменам Паркот на Могилата беше преполн со кампери кои што доаѓаа од цела Европа, но добро е прв чекор да се направи за да се врати на старата слава овој фестивал.

Музика24: Дали сметате дека годинава организацијата на овој голем македонски и прилепски бренд “Пивофест” е дадена на погрешна личност? Оваа година имаме впечаток дека Општината Прилеп и Градоначалникот формално топката ја фрлаат на страна на т.н. организатор кој што има зад себе два музички фестивали, но колку се тие успешни тој самиот си знае, а за се останато се грижи Општината и Јавните прилепски претпријатија без кој ништо не би било. Што мислите вие, дали “Пивофест” оваа година ќе го достигне тој т.н. врв, напоменувајќи дека немаме ништо против македонската музика напротив сите работиме за промоција и популаризирање на истата, меѓутоа сепак, во минатото познати балкански музички имиња од рангот на Брена, Ковачевиќ, Карлеуша и многу други со гостувањето во градот допринесуваа за повеќе гости, гости од Европа и светот, а со самото тоа и подигнување на економијата во самиот град.

Гордана Цветаноска: Во однос на тоа за избор на организаторот не би сакала да коментирам, бидејќи самиот избор за организатор на “Пивофест” не беше транспарентен. Затоа не сакам да кажам дали е тоа грешка или полн погодок, тоа ќе кажеме откако ќе заврши “Пивофест”. Во однос на имињата кои што се избрани јас само ќе кажам дека без оглед кој и да дојде, општата клима е таква што сметам дека годинава ќе има помалку гости од она што можеби организаторот очекува. Кога ќе речам организаторот, еве ќе речам и домаќините – прилепчани, заради тоа што, да бидеме искрени, пред себе во оваа финсиска криза и општа клима многу малку луѓе има што му е дојдено до забава, но е голема храброст да се превземе една ваква организација за да се направи една манифестација од типот на “Пивофест”. Лично мене ако ме прашате јас да би била на нивно место не би се нафатила ниту за организација, ниту пак за реализација на “Пивофест”, бидејќи ситуацијата е таква, но ќе се повторам, тоа е храброст да се превземе еден ваков чекор. Во однос на имињата кои што ги спомнавете се сложувам, можеби требаше да има повеќе имиња од балканската естрада кои што ќе привлечеа повеќе гости, но изборот е тој и во една прилика деновиве имаше одредени изјави дека финансиските сретства се толкави, или толку чини буџетот со кој што се располага, иако се уште јавноста не знае колку изнесува реално буџетот со кој што се располага. Не би сакала да бидам негативна и затоа не сакам да коментирам нешто за кое што директно не сум била инволвирана. Инаку да, организаторот Пеце Стоикоски прави неколку фестивали, тоа го направи и годинава непосредно пред Пивофестот.

Музика24: Велите дека Општина Прилеп нема пари. Меѓутоа, интересна е една работа, имаме впечаток дека оваа година и годините наназад фестивалите кои што ги организира Пеце, сега организатор на “Пивофест”, се финасирани од Општината, односно, од општинските народни пари. Прашуваме, ако самата Општина нема пари за трошење на разно-разни активности за кои во јасноста вели дека нема, тогаш нема да има финансии нити за финансирање на фестивали кои се во приватна сопственост.

Гордана Цветаноска: Не знам во однос на тој дел. И тие финансии се чуваат во тајност.

Музика24: Дали досега организаторот излезе со некој договор потпишан со пејач, изведувач, договор колку чини озвучувањето, бината, површината која се користи од страна на градот… транспарентно да им покаже на новинарите да не се создаваат сомнежи или пак шпекулации околу настапот на учесниците или било што друго поврзано со фестивалот?

Гордана Цветаноска: Се уште нема никакви договори излезени во јавност за она колкави се сумите, барем ние новинарите не сме виделе. Секој ден има прес-конференции кои се одржуваат, се надевам дека организаторот ќе излезе со некои од тие суми кои што се во игра, со кои што се шпекулира, но се уште никој не знае. Сето тоа се чува во тајност.

Музика24: Во времето кога Градоначалник беше Г-нот Марјан Ристески, не споменувајќи го тој после него бидејќи реално како да не постоеше, се случуваа навистина големи фешти, фама која траеше месеци пред стартувањето на “Пивофест”, сите македонски локални и национални медиуми пишуваа и зборуваа за тоа што треба да се случи и едноставно се однапред се знаеше, сите сакаа, планираа и се радуваа кога ќе дојде терминот за “Пивофест” во Прилеп. Што е она што годинава никој не знаеше до самиот старт дека Пивофестот ќе се одржи, дека има музичка програма, кои се учесници и апсолутно никој ништо не знаеше. Што мислите, на што се должи таа непрофесионалност и аматеризам од страна на организаторот и делумно Општина Прилеп, оваа година?

Гордана Цветаноска: Факт е дека прес-конференциите, изјавите од страна на организаторот јас би рекла на некој начин билдањето на атмосферата пред Пивофестот годинава навистина недостигаше. Ние сме навикнати со месеци да се зборува за “Пивофест” кој пејачи ќе бидат во игра, кој се ќе настапува, кој која вечер ќе настапува и слично. Се организираа и хотелите да се приберат гостите кои што доаѓаа буквално од цел свет. Годинава тоа изостана. Не знам зошто, можеби до последен ден, такво чувство јас имав а можеби и моите колеги што се дел од локалните медиуми, велам до последен ден не се знаеше дали ќе се одржи Пивофест или не. Заради тоа се чекаше до последен момент да се знае информацијата на одржувањето. Но, факт е дека тоа е недостаток што ќе се рефлектира пак на крајниот ефект врз манифестацијата.

Музика24: Лично, како новинар, како уредник и личност што живее и работи во Прилеп, дали мислите дека годинава ќе биде успешен Пивофестот со оглед на тоа дека ја знаеме музичката фестивалска програма. Што мислите вие?

Гордана Цветаноска: Успехот ако се мери според она колку гости пристигнале во градот, бидејќи порано на таков начин се мереше, 20.000 – 30.000 илјади гости се случуваше во една вечер да има кога имаше навистина големи ѕвезди во Прилеп. Ако се мери според тоа, сметам дека нема да има ни приближно толкав успех, но добро е со оглед на ситуацијата Пивофестот да живее. Ќе има посетеност, бидејќи традицијата во Прилеп се почитува, ние сме од тој тип на прилепчани, сме и добри домаќини имаме и добри угостители кои што знаат како да ги угостат оние што ќе допатуваат од другите градови. Организаторот и Градоначалникот кажаа дека имаат обезбедено и паркинг. Се е обезбедедно, но пак ќе речам, никој не знае како ќе биде со оглед на ситуацијата бидејќи навистина треба и расположение.

Музика24: Како седма сила во Македонија која треба да ги поместува работите, дали мислите дека без нас медиумите самите концерти, манифестациите, “Пивофест” или било кој друг настан од ваков тип ќе биде само настан кој некаде некогаш се случил и ништо повеќе. Годинава организаторот освен нашиот медиум кој години наназад е дел од “Пивофест” како медиумски покровител, не испочитува ниту еден друг портал,. радио или пак телевизија во вистинска смисла на зборот.

Гордана Цветаноска: Сосема сте во право. Од искуство искрено ќе кажам дека медиумската промоција на нештото без разлика на каков настан и да е всушност е првото и основно правило за успешност. Оваа година тоа недостига со Пивофестот, исто така јас не знаев дека вашиот медиум е одбиен и дека нема да присуствувате ниту вие ниту големиот број на новинари кои вообичаено доаѓаа од Скопје, а и другите градови од Македонија. Тоа сигурно ќе се рефлектира. Не треба така да биде, но за жал новинарите овие неколку години се во таква незавидна положба, не само за вакви настани и манифестации, туку и воопшто за сите настани. Јас сум на ставот дека новинарите пополека ја губат битката со својот авторитет во оваа држава. Треба да се врати тој авторитет и треба да се држиме заедно. Во моментов разговараме за забава, но ако разговараме за економија, земјоделие, политика… и сами знаеме каде се новинарите во тој случај, бидејќи искрено ова го кажувам од душа, се чувствувам како топовско месо. Никако поинаку. Уште повеќе за вакви забавни манифестации каде што не станува збор за некои големи сретства што треба да се обезбедат за таа промоција, за обезбедување на престој на новинари за да може да дадат поголема промоција на настаните. Вие од Музика24 сигурно ако бевте тука ќе направевте разговори, интервјуа, ќе имаше други ваши активности… но мислам дека челната гарнитура не само на локално, туку и на централно ниво некако новинарите ги става зад врата и тоа е голема грешка што се рефлектира во секојдневието во Македонија.

Музика24: Се надеваме и искрено веруваме дека “Пивофест” годинава нема да биде “селска и локална приватна забава” без погрешно да бидеме сфатени, и дека ќе имате убави и весели неколку празнични фестивалски вечери со македонска музика.

Гордана Цветаноска: И јас се надевам, макар што не знам ни дали ќе присуствувам, затоа што тоа пред се зависи од расположението. Колегите новинари како и нашата редакција ќе го следи “Пивофест”, а како сето тоа ќе се одвива, ќе видиме. Надежта последна умира.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: