Имам нешто да те прашам

Интервју на Музика24: Деспина Царева

Посебна чест ми е што една прекрасна личност издвои време да си помуабетиме т.е. да ми одговори на неколку прашања, околу нејзината работа и пред се, музиката. Луѓето ја препознаваат од малите екрани. Тоа е онаа висока, убава девојка која до сега водеше многу емисии на Ирис Телевизија. Сега за сега, таа преку емисијата “Утринско будење”, секогаш внесува позитивна енергија во Вашите домови и Ви го разведрува утрото со цел поубаво да го започнете денот и со леснотија да ги извршите работните обврски. Иако сега ќе си ги замениме улогите, сепак, не се сомневам дека ќе ми биде прекрасен соговорник исто колку што е и одличен водител, а тоа е Деспина Царева.

Музика24: Поради тоа што и ние имаме рубрика именувана “НА КАФЕ СО…” и поради причината што водиш утринска емисија, морам да те запрашам дали си зависник од кафе, потребно ли ти е претходно да го испиеш за да се расониш?

Деспина Царева: Хм, да, морам. Секое утро го започнувам со филџан кафе. Еве ќе ви откријам една тајна… постојано за време на емисијата велам дека ми претставува огромна чест и задоволство што моето прво утринско кафе го пијам во друштво со гледачите на Ирис Телевизија, меѓутоа тоа е една голема лага, затоа што тоа ми е веќе второ кафе. Првото кафе го пијам пред огледало, додека се шминкам, правам фризура, пред емисија.

Музика24: Од каде желбата за оваа професија, во кој дел е сокриена страста?

Деспина Царева: Желбата ми е од мојата тетка. И се восхитував кога ја гледав на телевизија, да изгледаш совршено, да ги привлекуваш луѓето со твојата харизма, начинот на изразување, да бидеш елоквентен. Ја гледав како се подготвува за емисија, учев од неа и со само 5 години тоа го вежбав пред огледало.

Музика24: Дали си задоволна од емисиите што ги водиш, бидејќи се во живо, правиш ли грешки? Од каде црпиш идеи за нови содржини, дали лесно се справуваш?

Деспина Царева: Лесно ми е, затоа што тоа е она што ме исполнува, содржините се претежно за настани што се актуелни и теми од секојдневниот живот. Грешки… хаха, ги има и најчесто сама си ги правам. Тоа е неизбежен дел од оваа, па и од било која друга работа. Често правам миксови од зборови… чафе, кај… Ќе си се насмеам и ќе си продолжам понатаму. Секоја емисија е посебна приказна за себе. Најважно е што споделувам со другите, обожувам да ги смеам луѓето.

Музика24: Се сеќаваш ли на првото интервју, имаше ли трема, која беше интервјуираната личност?

Деспина Царева: Првото интервју ми беше со Д-р Златко Стојменов. Нема да заборавам, имав премногу трема. Се сеќавам на неговите зборови пред емисијата, ми рече: “Ќе видиш, ќе биде супер”. Малку е поразлично кога емисијата е во живо, потребна е огромна концентрација, но кога станува збор за одличен соговорник се е премногу лесно. На музички план првото интервју ми беше со Ристо Самарџиев во 2007 година на Макфест, кој всушност беше и тогашниот победник.Деспина Царева - водителка во ТВ Ирис, Штип

Музика24: Раскажи ни некоја интересна случка при интервјуирање или пак можеби по малку чудна, сигурно ги има.

Деспина Царева: Можам да издвојам една случка која се случи на снимањето на последното издание на емисијата “City of Angels” која ја снимаме во Angels Cafe во Штип. Додека правев интервју со момците од No End со кабелот од микрофонот го уништив десертот кој беше на масата, хаха, не реагиравме никако, продолживме со снимањето, затоа што тоа всушност и никој не го забележа. Дури откако завршивме, кога го видовме микрофонот и десертот, ни стана јасно што се случило и слатко се изнасмеавме.

Музика24: Која личност ти оставила посебен впечаток како добар соговорник?

Деспина Царева: Секој мој соговорник или гостин во емисија е посебен на различен начин. Можеби затоа што не сум ограничена, еве на пример само на областа музика, спорт, култура и слично. Затоа не би можела да издвојам, ги има многу.

Музика24: Постојат ли познати ликови, да речам ѕвезди со кои се дружиш и приватно?

Деспина Царева: Имам одлична комуникација и соработка со сите, но најчесто се се сведува на работа. Тие со свои обврски, јас со мои. Снимање на емисии, предавања на факултет, колоквиуми, испити, кога се ќе се сумира, останува многу малку слободно време, но не се жалам, тоа е животот кој сакам да го живеам, постојано да сум активна и верувај, никогаш не ми е здодевно.

Музика24: Се случило ли некој да те одбие или некултурно да се однесува при барањето за интервју, дали можеби се случило и тебе да те испровоцира?

Деспина Царева: Да ме одбие, да! Не им замерувам заради тоа на луѓето затоа што сум свесна дека секој си има свои обврски, без разлика, на факултет, на работа и слично. А да ме провоцира или некултурно да се однесува, не, досега ми се нема случено за понатаму ќе видиме.

Музика24: Што мислиш за музичката сцена? Кој највисоко котира според тебе (издвој ми неколку имиња), мислиш ли дека тие истите заслужено се таму?

Деспина Царева: За музичката сцена нема многу да коментирам, ќе кажам дека има нови имиња кои треба да се докажуваат, тоа ме радува, но ќе кажам дека постои и квалитет и квантитет. Се најквалитетно беше од Тоше, нашиот ангел, но, Калиопи Букле и Каролина Гочева сеуште се на врвот, дефинитивно е заслужено, според мене.

Музика24: Морам да те прашам за “Макфест”, бидејќи веќе неколку години по ред интензивно се дружиме таму, кое е твоето мислење за нашиот најголем музички настан?

Деспина Царева: “МАКФЕСТ” – фестивал кој со нетрпение го очекувам секоја година. Дружење, смеење, едно прекрасно доживување, што и да кажам ќе биде малку. Кој бил – знае.

Музика24: Што ќе им посакаш на нашите читатели и на нашите музички ѕвезди?

Деспина Царева: Уживајте во животот, бидете секогаш насмеани, среќни и весели, сакајте се и верувајте дека како што се доживувате самите, така ве доживуваат и другите.

Подготви: Сања Неткова

Можеби ќе ве интересира: