Имам нешто да те прашам

Интервју со јапонскиот амбасадор Казуја: Јас сум голем љубител на класичната музика

Амбасадорот на Јапонија во земјава, неговата екселенција г-дин Оцука Казуја вчера престојуваше во  посета на Битола по повод концертот на јапонскиот оперски пејач Казухиро Котетсу на „Интерфест“. Во таа прилика поразговаравме со амбасадорот на Јапонија за културната соработка на двете земји и прославата на јубилејот од воспоставување на дипломатските односи, а дознавме и дека неговите вештини за свирење на класична гитара се рамнат со професионалците во областа.

Музика24: Амбасадоре Оцука вечерашниот гостин на „Интерфест“ Битола, јапонскиот оперски пејач Казухиро Котетсу и е веќе познат на македонската јавност со неговата љубов кон македонската народна песна. Ова му е прв настап во живо во нашиот град. Дали и вие по прв пат ќе го гледате во живо?

Н.Е. г. Оцука Казуја: Да, по се изгледа по прв пат, но можно е дека сум имал шанса да го слушам пред 30 години. Не сум сигурен. Во секој случај мило ми е што уметник од Јапонија, кој веќе има настапувано во Јапонската опера, исто така настапувал во Скопје пред неколку години, сега ќе настапува и тука во Битола . Исто е интересно тоа што ќе настапува со изведба на јапонски и македонски песни.

Музика24: Дали сметате дека има и други јапонски уметници заинтересирани за Македонија и нашата култура?

Н.Е. г. Оцука Казуја: Мислам Да. Има љубители на македонски ора и танци и други љубители на македонската музика. Соработката помеѓу овие две земји на културно ниво е подолга од соработката на дипломатско ниво за која и следната година славиме 30 години. Исто така има доста македонски граѓани кои се заинтересирани за јапонската култура и ние, како Јапонска амбасада, се обидуваме да ја приближиме колку што може повеќе до овој народ.

Музика24: Дали подготвувате нешто за обележување на тој јубилеј следната година?

Н.Е. г. Оцука Казуја: Да, веќе сме во подготовка на повеќе настани и случувања со кои ќе се обележи овој значаен јубилеј. И кога сум веќе гостин во вашиот град и во „Центарот за култура“ би сакал да ја најавам овогодинешната „Недела на јапонски фим“. Со помош на Јапонската фондација ја организираме „Неделата на јапонски филм“ веќе 16 години, а оваа година по четврт пат и во Битола во ноември. Неделата на јапонски филм ќе започне во Кинотеката на Македонија во Скопје на 3-ти ноември, а ќе заврши со две проекции во Битола на 9-ти и 10-ти ноември.

Музика24: Какви филмови ќе може да види нашата публика на неделата на јапонски филм?

Н.Е. г. Оцука Казуја: На јапонската филмска недела вообичаено прикажуваме филмови кои се со социјални теми и обработуваат секојдневните борби со кои се соочуваат луѓето во Јапонија, но кои се исто така универзални за човекот. Преку овие филмови македонските граѓани можат на момент да се приближат кон нашата култура и начин на живот и да ги воочат точките на пресек, односно заедничките особини и однесувања, но и разликите кои ги збогатуваат една култура и менталитет. Двете нешта се потребни за развој на дијалог и разбирање помеѓу народите на двете земји и пред се културна размена и обогатување.

Музика24: Дознавме дека вашите вештини за свирење на класична гитара се рамнат со професионалците во областа. Така што претпоставуваме дека сте правиот човек да го посети овој фестивал. Што мислите за годинешната програма на фестивалот „Интерфест“?

Н.Е. г. Оцука Казуја: Ова е 32 издание на овој интернационален фестивал на класична музика и има прилично богата програма со разновидни изведби на интернационални изведувачи, но и изложби и поезија. Како голем љубител на класичната музика почестен сум што сум поканет да присуствувам и да уживам во овој настап и жал ми е што не можам да ја проследам целата програма поради обврските.

Музика 24: И на крај можете ли да ни ги споделите импресиите од нашиот град? Како ви се допаѓа Битола?

Н.Е. г. Оцука Казуја: Ова ми е трет пат да ја посетам Битола и секое доаѓање е поврзано со некој интернационален културен настан. Првиот пат беше во мај, на Малиот битолски Монмартр, а вториот, претходниот месец на фестивалот за кинематографија Браќа Манаки. Самото ова кажува дека овој град има доста културни настани и случувања што претставува еден богат душевен живот на градот. Битола е позната како град на конзулите од минатото, но со вакво темпо на културни размени мислам дека е достојна на тоа име. А тоа е и една од причините што дел од неделата на јапонски филм се одржува тука.

Можеби ќе ве интересира: