Имам нешто да те прашам

Јасмин Алиевски: Се радувам што македонската естрада се буди од зимски сон (Фото+Видео)

Тој е млад и успешен македонски поп пејач. Од неодамна ексклузивец на позната продуценска куќа, а зад себе има голем број на познати хитови. За себе вели дека е среќен секогаш кога најблиските и саканите се среќни и се околу него. Од Дедо Мраз очекува само бомбони, а во овој ладен зимски период од годината ужива во убаво подготвен топол чај или салеп.

Почитувани, Јасмин Алиевски во серијалот на новогодишните интервјуа…

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Јасмин Алиевски: Па како убав белег ми остана тоа што се натпреварував во „Ѕвездите на Гранд“ и што потпишав договор со нив и станав нивни ексклузивец. Стекнав многу познанства од целиот Балкан со кои што се уште соработувам и ќе го паметам издавањето на мојот прв сингл и спот за Гранд и многу многу убави моменти општо во животот.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која песна според Вас ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Јасмин Алиевски: Па искрено сум слушнал многу хитови оваа година што ја одбележија истата, неблагодарно е кон сите мои колеги да издвојувам. Можам само да додадам дека искрено се радувам што некако почнува нашава македонска естрада да се буди од некој зимски сон.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите… Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Јасмин Алиевски: Па со оглед на тоа што сум на некој начин зимско дете поточно роден сум на 10-ти јануари, некако овој период од годината го обожавам и тоа што следува со него, а тоа е снег и многу топли напитоци; чај и салеп. А за подароци хахаха (се смее) се подразбира сакам да подарувам и да ги гледам луѓето околу мене среќни како и да добивам подароци, не мора тоа нешто да е скапо може и некоја ситница што ке измами насмевка на моето лице.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Јасмин Алиевски: Хм па искрено се трудам да го погодам поклонот, со оглед на тоа што ги познавам моите луѓе тоа доста ми помага.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Јасмин Алиевски: Да, точно знам што ги прави среќни моите најблиски. И се трудам секој ден да им измамам насмевка на лицето. Тоа ме прави и мене среќен.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Јасмин Алиевски: Сигурно има меѓутоа би ги задржил за себе.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно дали денот го започнувате со песна и музика?

Јасмин Алиевски: Дефинитивно ги потпевнувам моите најнови синглови оваа година „Се смеам и кога врне’’ и „Па како буде’’.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Јасмин Алиевски: Верувам Дедо Мраз постои и ќе ми подари многи бонбони (се смее).

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Јасмин Алиевски: Па искрено имам многи нови проекти што треба да ги изреализирам да не откривам се отом-потом, прво живи и здрави, па полека се ќе биде на свое место.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Јасмин Алиевски: Со најблиските.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Јасмин Алиевски: Најголема желба е да сум жив и здрав јас мојата фамилија како и сите најблиски и моите пријатели, а другите желби ќе си ги завртиме ракавите и ќе си ги остваруваме лека полека.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Јасмин Алиевски: Да сте ми сите живи и здрави затоа што тоа е најбитно, да се почитувате и сакате како и толерирате и секако да слушате многу музика малку да се одморите од политиката како и да очекувате многу музика од мене и нови проекто кои искрено се надевам дека ке ви се допаднат. Воедно и да се заблагодарам на сите што ме подржуваат ми значи тоа и ми дава елан да работам што повеќе, чувајте ми се Ве Сакам!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: