Имам нешто да те прашам

Јасмина Димитровска: Најважното и најскапоценото од се е одвоеното време и самата помисла некому нешто да подариме (Фото+Видео)

Веќе три децении музиката за неа претставува животна определба, двигател и насока. Во нејзината музичка биографија се запишани повеќе од 25 фестивалски учества во Македонија и регионот, голем број настапи, концерти… Краток период беше дел од хорот на Македонската Опера и Балет, пеела и како придружен вокал, а последните десет години ја гледавме како солистка во женскиот камерен оркестар “Света Злата Мегленска”. Од гласовен и визуелен аспект, таа е една од најспецифичните женски вокали на нашата музичка сцена секогаш полна со позитивна енергија и мисла, водена од максимата дека во животот ништо не е случајно.

Предновогодишно, максимално опуштено и искрено со битолчанката Јасмина Димитровска за новогодишниот серијал на интервјуа на Музика24.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири,  ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш 2021 година?

Јасмина Димитровска: По природа сум вечен оптимист и секоја година која во мојот живот испишува историја, ја паметам по убавите нешта кои ми се случиле. Овој невидлив биолошки непријател, од кој веќе две години глобално сме сардисани, од мене направи да бидам уште поголем борец за нештата кои најмногу ги сакам и претставуваат моја животна водилка, определба и мотивација – музиката, пеењето, сцената… Секојдневно работев на мојата вокална техника, бидејќи таа е фундаментот на секој вокален интерпретатот и потребно е постојано да се негува. Се случија и настапи, би го издвоила „Охридско лето“ со градскиот женски младински хор „Менада“ кои годинава прославија четириесетгодишен јубилеј, а токму тоа беше поводот да бидам гостин солист и на нивниот јубилеен концерт. Со „Света Злата Магленска“ одбележавме дваесетипет години постоење, а јас заокружив еден малку поинаков солистички циклус, кој траеше десет години, но од искуствен аспект, гледан и анализиран исполнет со многу турнеи, натпревари, концерти низ Европа и „преку барата“ безброј научени лекции и совладани предизвици, за кои сум и доживотно ќе бидам премногу горда и благодарна.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од она што беше понудено годинава?

Јасмина Димитровска: Оваа е малку покомплексна и посериозна тема за дискусија, а која доколку започнам со елаборација, ќе ми биде потребно премногу време за пишување, а треба да се релаксираме, бидејќи празниците ни се на прагот, нели?! Ќе бидам кратка, искрена и концизна. Од композициите кои се продуцираа, во меморија ми останаа макфестовските на Александра Јанева, Мартинијан, Роберт Билбилов и Лара, која морам да признаам дека е една од ретките млади музички имиња кај нас, која веќе има изграден пејачки и сценски идентитет.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој секој го прославува на различен начин. Лично како посакауваш да ја дочекаш Новата 2022 година?

Јасмина Димитровска: Немав, а и се’уште немам некоја посебна замисла, за тоа како да ја дочекам Новата година. Единственото кое го сакам е новогодишната ноќ да ја поминам во опуштена атмосфера, овде во Скопје, без некоја голема и значајна организација, со тотално препуштање и доверба на сопствената креативност и имагинација.

Музика24: Кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имаш добиено или пак можеби подарено?

Јасмина Димитровска: Ништо не може да биде поинтересно и да го замени и засени традиционалното Новогодишно пакетче, особено за мене како големо дете, оти очекувам да биде „малку поголемко“ од она кое сум го добила во претходната година, па сега Дедо Мраз нека му ја мисли (хахахах..) Но, најважното и најскапоценото од се’ е одвоеното време и внимание и самата помисла некому нешто да подариме.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку умее и може истата да те понесе?

Јасмина Димитровска: Не би се согласила во целост со поставеното прашање. Може да ја имате највисоката елка во домот и да ја накитите со најубавите и најсјајните лампиони често да поминувате низ местата во кои чувствувате прекрасни, магични ароми на варено вино, ванила, печени костени, цимет, да ја имате најскапата облека на себе, но залудно е се’ доколку внатрешно сте празни, недоволно среќни и инфериорни. Првенствено треба да ви биде убаво на Вас самите, да се сакате себеси и да го сакате овој период кој е полн со празнувања и изненадувања. Што се однесува до мене, во околината еуфоријата некако не ја чувствам, (веројатно дека понекогаш истата знаела да биде и сосила пренагласена) но внатре во мене – ДА!

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се твоите желби за новото Господово 2022 лето?

Јасмина Димитровска: Желби, планови, визии – безбројни. Тоа е својствено и карактеристично за секој креативен ум. На професионален план, си посакувам многу настапи, соработки, концертни активности, да излезам од „офсајд“ позицијата на поп сцената и конечно да влезам во студио, да снимам нешто ново… Останатото ќе си го зачувам длабоко во себе и за себе. Она кое веќе го посакав, го испраќам да патува кон универзумот, знаејќи и верувајќи дека ќе си се нареди онака како што треба да биде – совршено и навремено.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатила до твоите фанови, а воедно и читатели на музичкиот портал Музика24?

Јасмина Димитровска: Да бидат максимално мотивирани, упорни и истрајни во реализацијата на сопствените соништа, затоа што трудот секогаш се вреднува. Да бидат благодарни за секој поминат ден, исполнети со безброј среќни и уникатни мигови, позитивна енергија, бесконечен број насмевки на лицата и секако многу, многу сплотеност, слога и љубов!!! Нека им е среќно, плодно и успешно Новото лето господово!!!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....