Имам нешто да те прашам

Јордан Митев: Новата година со Божиќните празници е најубавиот период во годината (Фото+Видео)

Тој е македонски пејач на фолк музика. Роден е на 13 август 1986-та година во Радовиш. Основното образование го завршил во родното село, а подоцнежното образование го продолжил во Радовиш. Средното образование го продолжил во музичкото училиште во Штип. Свири на повеќе инструменти, како хармоника, пијано, кавал, гајда, а посетувал и часови за надградба и едукација на неговиот глас. Веднаш по своето средно образование продолжува на факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот, „Музичка теорија и педагогија со народни инструменти”. Таму ги поминал наредните четири години каде што имал прилика да учи, соработува и собира искуства од голем број познати професори и музичари. Еден од најзначајните меѓу нив бил Драган Даутовски, од којшто Митев собрал големо искуство. Уште како ученик и студент има патувано во голем број земји надвор од Македонија како на пр: Словачка, Франција, Турција, Бугарија, Србија, Швајцарија, Германија, Холандија, Шведска итн, каде што настапувал на голем број фестивали за етно музика и одржувал семинари за македонскиот фолклор. Како автор досега има напишано доста голем број композиции коишто некои од нив се наградувани во Македонија.

Почитувани, фолк пејачот Јордан Митев во нашиот серијал на новогодишни интервјуа…

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири,  ковид вакцинацијата, сертификатите… По што вие лично ќе ја паметите 2021 година?

Јордан Митев: Во споредба со 2020 можам да кажам дека 2021 година беше на некој начин подобра на професионален план. На приватен план за мене беше доста тешка година, но за поминатите работи сега не би сакал да коментирам, важно е што се оди напред и што еланот и желбата за напредок и живеење на животот во полн здив се во мене и со мене и тоа ќе го искористам на најдобар начин во Новата година. Со Бога напред.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е вашиот избор од она што беше понудено во текот на оваа година?

Јордан Митев: Оваа година јас реализирав само два музички проекта, едниот е за песната “Татко”, а вториот е за песната “Да се живи здрави младоженеците”. Според мене немаше простор за повеќе песни и проекти во 2021.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакаувате да ја дочекате Новата 2022 година?

Јордан Митев: Јас оваа година ќе ја дочекам работно. Минатата година поради пандемијата сите бевме дома, што за мене фамилијарно беше една од најубавите вечери, но кога веќе човек се одредил на естрадна работа и кога има понуда за работа тогаш работата мора да се заврши, бидејќи како велат, меѓудругото работата го краси човекот.

Музика24: Кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имате добиено или можеби подарено?

Јордан Митев: Да бидам искрен не се сеќавам на тоа, ниту што сум добил, ниту што имам подарено. Важно е вниманието, подарокот за мене е второстепен и тоа не останува долго во мојата меморија.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствувате таа празнична еуфорија и колку умее да ве понесе?

Јордан Митев: Нова година со Божиќните празници е најубавиот период во годината, доколку има и снег е тогаш се е совршено за тој период од годината. Секако дека тоа делува позитивно на секој човек, па и на мене.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се вашите желби за новото Господово 2022 лето?

Јордан Митев: Мојата желба е здравје за мене, моето семејство, пријателите, фановите, здравје за секој човек. Се друго, може да се постигне со работа. Но за да работите, за да мислете и размислувате, треба прво здравје.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатиле до вашите фанови и секако читателите на музичкиот портал Музика24?

Јордан Митев: На сите ваши читатели, на сите мои фанови, им посакувам среќни Новогодишни и Божиќни празници, здравје, љубов и бериќет за секако!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....