Имам нешто да те прашам

Конечно можеме да ја слушнеме “A meta” на Игор Митровиќ

Игор Митровиќ во последните неколку дена беше многу актуелен поради обелоденувањето на италијанската песна “A meta” која поради одредени клаузули во договорот не беше во можност да се пушти во етер пред истекување на рокот од 2 години, зошто самиот фестивал ги поседува тие права. Од другите портали дознавме дека за еден глас не влегол во 6-те песни кои биле испеани на реномираниот фестивал Сан Ремо во 2010 година. Песната всушност нам ни е позната, станува збор за македонската верзија “Малечка”. Го контактиравме Игор и љубезно го замоливме да ни одговори на прашањата што откриваат многу повеќе детали.

Сања Неткова – Музика24: Зошто токму изборот падна на “Малечка” да се преработи на италијански?

Игор: Не се преработи “Малечка” на италијански, туку обратно италијанската верзија “А meta” се преработи на македонски. Најпрво оваа песна се створи со цел да има италијански шмек, наменета за тој пазар таму, поточно прво се сними “A meta”, па потоа “Малечка”.

Сања Неткова – Музика24: Од каде идејата и желбата за настап на Сан Ремо?

Игор: Поканата за да настапам т.е. да конкурирам за вечерта во новите ѕвезди на Сан Ремо во 2010, беше од една италијанска менаџерска куќа која што ја запознав на Сунчане Скале 2008, кога го освоив третото место. Добив покана и иако ми беше неверливо сето тоа, бидејќи не е било што, туку Сан Ремо, прифатив да пробам. Добив маил дека таа година има вечер на нови ѕвезди и дали би сакал да конкурирам со скроз нова песна. Беше доста краток периодот за спремање, сето тоа се случи на брзина, како што велат кратко, ама слатко.

Сања Неткова – Музика24: Како го доживуваш ти тој фестивал?

Игор: Тој фестивал го доживувам како нешто WOW. Тоа е огромен чекор за секој пејач што воопшто настапил на тој реномиран фестивал, а не пак и од друга земја. На тој фестивал е премногу тешко да се влезе, бидејќи има премногу правила, кои ние тука за жал, многу тешко би можеле да ги исполниме.

Сања Неткова – Музика24: Со кој соработуваше и како дојде до соработка?

Игор: Периодот кога ја добив оваа понуда за да пеам на Сан Ремо, соработував веќе со нашиот композитор Бобан Апостолов, кој што работи повеќе на филмска музика за САД. Веднаш знаев дека ќе се обратам кај него за песна што треба да биде испромовирана во Италија. Токму и тоа го направив, се видовме, му кажав за што станува збор и веќе утредента демо верзијата беше готова. Работевме цела недела 24/7, но морам да признаам, со посебен мерак. Го вложивме трудот максимално и според мене од тоа излезе прекрасно музичко парче, за кое се на крајот се исплати.

Сања Неткова – Музика24: Како се гласаше за изборот на песните?

Игор: Јас бев 1112-тиот пријавен кандидат по ред за вечерта на нови ѕвезди. Кога ја видов бројката и кој по ред сум кандидат кој се пријавил, си помислив зошто се нафатив на таков чекор, кога после ќе се разочарам! После една недела имаше објавено список на официјалната страна на Сан Ремо кои 500 кандидати се влезени во тој круг и моето име беше таму. Бев пресреќен, но уште повеќе се изненадив кога после неколку дена го објавија финалниот круг од 10 кандидати, во кои повторно се најдов. Таа селекција ја правеа стручна жири комисија од Италија, составена од врвни музички имиња. Тие 10 песни се вртеа низ италијанските радио станици еден месец, од кои публиката т.е. слушателите имаа можност да изберат кои 6 песни од тие 10 ќе се интерпретираат на самиот фестивал. За жал, јас се најдов 7-ми по ред, поради таа причина не настапив, но така требало да биде, сигурно ме чека нешто подобро. Сепак, доволна ми е личната сатисфакција до каде стигнав, не е малку од 1200 кандидати да влезеш во првите 10. За мене беше сосема неочекувано и интересно искуство.

Подготви: Сања Неткова

Можеби ќе ве интересира: