Имам нешто да те прашам

Ламбе Алабаковски: Мојот дом е тука, во Македонија (Видео)

Кој ќе претпоставеше дека нашиот соговорник, Ламбе Алабаковски, кој ексклузивно даде изјава за музичкиот портал Музика24 и интернационалниот портал Свет Аустралија, деновиве ќе биде топ тема и најзборуван после овогодинешното издание на Фолк Фест Валандово.

Со посебна чест и задоволство, во продолжение во целост ви го претставуваме интервјуто кое што Ламбе го даде за време на генералната проба, пред почетокот на овогодинешното фестивалско издание.

Музика24: Го направи најатрактивното појавување со свој камбек на 35-то издание од “Фолк Фест Валандово 2022”. Како се најде Ламбе Алабаковски токму годинава на валандовскиот фестивал?

Ламбе Алабаковски: Па како се најдов… Јас мислам дека ништо не е случајно и дека се е Божја промисла. И секогаш кога се случуваат спонтано некои работи тоа се вистински одлуки. Кога се со љубов и професионалност донесени некои одлуки тогаш се вистински. Инаку поканата за овој фестивал е голема, зошто е од почитувани автори, композитори и драги луѓе, луѓе кои оставиле зад себе голем багаж на творештво. Исто така, после две години на вирус и карантин, сфативме која е улогата на музиката. Јас навивам песната да биде слушана и пеана, а се останато е чудо за три дена.

Музика24: Како се чувствуваш помегу “народњаците”, односно, изведувачите на македонска народна музика, со оглед на тоа дека прв пат настапуваш на ваков голем и познат фолк фестивал?

Ламбе Алабаковски: Се чувствувам супер. Сум се дружал јас многу пати со нив, со доста патувања низ Македонија. Мислам дека тие се баш онака опушуштени како што е народната песна. Народни се, спонтани луѓе.

Музика24: На Фолк Фест Валандово, вечерва, имаш песна од докажани автори, тандемот – браќата Барбаровски. Ме интересира како дојде токму ти да отпееш нивна песна?

Ламбе Алабаковски: Можеби силна желба. Незнам. Јас лично не се познавам со авторите, но го знам уметничкиот директор на фестивалот, почитуваниот Г-дин Глишиќ уште од Академија. А исто така заедно работевме и на еден Велигденски концерт во 2012-та година. Можеби повеќе преовладува тоа што бев отсутен од Македонија па често ги слушав песните од овие автори, па верувам дека потсвеста и далечината си го направија своето.

Музика24: Значи далечината и емоцијата која што ја имаш за својата татковина си го направи своето.Рече дека додека престојуваше таму слушаше пред се македонска музика?

Ламбе Алабаковски: Повеќето од она што го слушав беше македонска музика. Човек кога е далеку од својата земја сфака и разбира и се раѓаат едни нови чувства на носталгичност, на емотивност, на љубов кон татковината, на некои вистински вредности и корен на целиот живот и суштината и животот на секој човек.

Музика24: Со оглед на тоа дека се одлучи за промени, западен свет и така натаму, а повторно се враќаш во Македонија и покрај тоа што сите ја оспоруваат, кажи ни твоја поента, мислење, зошто еден млад човек после се што виде и беше успешен во тој западен свет одлучи да се врати во Македонија?

Ламбе Алабаковски: Зошто? Едноставно кажано колку и да човек твори таму, има успешни луѓе кои се од Македонија, кои што имаат успешни бизниси едноставно си ја работат својата професија, сфатив дека суштината на животот не се само матријалните работи, дека има нешто повозвишено затоа одлучивме да се вратиме со мојата сопруга и со двете дечиња.

Музика24: Важиш како емотивец, како романтична душа. На прво слушање после генералната проба очекував песната да го има она забавното во неа, но сепак таа е типична народна песна. Колку тоа ти претставува обврска, предизвик во интерпретацијата. Всушност, колку мораш да внесеш една емоција во сета оваа песна?

Ламве Алабаковски: Па, се трудам да бидам свој, јас секогаш велам човек учи додека е жив. Во снимањето на песната имав доста совети кои ми помогаа, но најбитно е кога човек пее од срце.

Музика24: Пред самото финале сме. Дали ја има онаа трема и дали очекуваш да бидеш можеби и ти дел од наградените вечерва?

Ламбе Алабаковски: Па искрено ништо не очекувам. Мило ми е што сум во Македонија, што сум дел од фестивалот, очекувам пред се убаво дружење.

Музика24: Како се пронаоѓаш во песната што ќе ја отпееш вечерва и веќе кога си дел од фолк фестивал, дали имаш размислувано да продолжиш со снимање народни фолк песни, настапи и слично, а зошто да не еден ден да те видиме со албум со македонска народна музика?

Ламбе Алабаковски: Да кажам искрено, ќе ви откријам една тајна, Пред многу години имав замисла да направам препев на песни кои сум ги слушал во детството, песни со кои сме растеле и кои будат одредени емоции кај нас. Можеби и ќе се случи сето тоа, но полека полека оставам на времето да се случи сето тоа.

Музика24: Ти и покрај се, сепак остануваш поп пејач, зар не?

Ламбе Алабаковски: Јас сум пред се уметник. А дали сум поп пејач, забавен, фолк… може ако сакате, сега и опера да ви испејам (се смее), тоа се школува.

Музика24: И за крај, дали Ламбе планира заедно со семејството да остане во татковината или пак имате намера повторно семејно да се селите и напуштите Македонија?

Ламбе Алабаковски: Не, ние сме веќе година и половина како сме преселени тука во Македонија. Планираме тука, да останеме и остануваме тука. Мојот дом е тука, во Македонија.

Интервјуто го подготвија: Иван Јосимовски/Музика24 и Билјана Биба Крнческа/Свет Аустралиа

Можеби ќе ве интересира: