Имам нешто да те прашам

Лилјана Атанасова-Лили: Најважно од се е за дочекот на Новата година да се сподели радост и сите да сме среќни и весели (Фото+Видео)

Таа е девојката со гитарата. Дајте и само гитара и таа ќе го отпее се она што вие сакате да го слушнете. Има настапувано на голем број македонски познати фестивали, но, најдобра е во ноќните забави и журки кои таа со задоволство ги работи, и ужива во тоа.

Дами и господа, наши верни читатели… на овој ден на само неколку часа до Новата 2022 година во новогодишниот серијал на интервјуата, пејачката Лилјана Атанасова или само Лили.

Што таа накратко одгорови на нашите прашања, прочитајте во продолжение:

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по долгите и досадни полициските часови, забраните за масовни собирања, ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш оваа 2021 година која за неколку часа пополека заминува?

Лилјана Атанасова-Лили: Дефинитивно по се ова што го наброивте во прашањето, тоа беше неизбежен и најголем дел од секојденвието на сите нас. Но, исто така и по тоа што изминатата година не инспирираше, односно не натера да бидеме покреативни, да ја разбудиме нашата имагинација и во лошото да најдеме убаво. На пример јас почнав да цртам персонализирани чајници и шољи, (можете да ја посетите мојата страна на Instagram и на Facebook “But first tea”) и тоа можам да кажам дека беше една од поинтересните активности која за мене лично и остави печат на годината.

Музика24: Поради веќе познатите околности оваа година македонската музичка сцена не беше многу активна, и не можеме да се пофалиме со нови песни, дела, видео спотови… мо секако дека постојат одредени дела кои го привлекле твоето внимание. Кој е твојот избор од се она што досега беше понудено во македонскиот етер?

Лилјана Атанасова-Лили: Па јас ќе ја издвојам песната на Dajte Muzika – “Green Forces”, мислам дека ја заслужија секоја поддршка со тоа што посветено и вредно се подготвија за предизвикот и не претставија во едно навистина убаво светло. Се разбира би сакала да спомнам и дека мој личен значаен момент во однос на нови издаднија во 2021 е и песната која јас ја снимив заедно со Paula C. & Aleksandar Ristovski-Princ и се вика “Flowers”.

Музика24: Вечерва е онаа најлудата, кога од една преоѓаме во друга година, а тоа значи нов почеток. Како и на кој начин посакуваш да ја дочекаш новата 2022 година?

Лилјана Атанасова-Лили: Оваа година за среќа, имав можност да изберам дали ќе работам, односно настапувам, или ќе одмарам. Сепак со оглед на тоа што декември, повторно за среќа, беше исполнет со многу настапи и ангажмани, за новогодишната ноќ одлучив да останам со најблиските во домашна атмосфера. За мене новогодшната ноќ е синоним за планина, идеално-снег, камин, убава храна, прскалки, топли џемпери со новогодишни мотиви, и секојпат кога сум во можност би избрала таков амбиент. Оваа година празниците ќе бидат во тој дух.

Музика24: Досега во животот сите сме добивале и подарувале разно-разни подароци, но кој е оној најинтересниот, креативниот и најубавиот кој ти си го добила или пак можеби си го подарила некому од срце?

Лилјана Атанасова-Лили: Па тоа се најчесто ситници кои што мене премногу ми значат. Се разбира моментот на подарување и внимание е многу поважен од самиот подарок. Но, ќе издвојам две топли изненадувања од минатата година, едното беше честитка што пее и огромно чоколадо кое ме дочека пред врата, и сет од новогодишни свеќички кои беа сокриени под мојот автомобил. Имено мој драг пријател и колега, само ми кажа дека треба да се потрудам да го најдам изненадувањето пред да влезам во автомобилот.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали ти лично ја чувствуваш новогодишната празнична еуфорија и фама и колку таа може и умее да те понесе?

Лилјана Атанасова-Лили: Јас секогаш искрено се радувам на празничната магија, на почеток на декември редовно украсувам дома и целосно се впуштам во сите мали задоволства поврзани со празниците. Обожувам новогодишни базари на отворено, мирис на варено вино и цимет, новогодишна музика, мали шарени украси, рачни изработки и најважно од се луѓе собрани во зимска ноќ сите со една цел да споделат радост и да уживаат.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....