Имам нешто да те прашам

Мики Јовановски Џафер: За Нова година ако сам не се забавуваш, никој не ти прави забава

Ако би ве прашале кој е Михајло Јовановски сигурни сме дека тешко би го знаеле вистинскиот одговор, но кога би ви го спомнале Мики Јовановски Џафер е тогаш… нема кој не би го познал и не би се сетил на легендарната макфестовска “Сонце за три светови”. Изминатите години често го гледавме на некои од македонските музички фестивали, а можеме и слободно да кажеме дека фестивалот “Макфест” му беше еден од најпосетуваните, ако не и најомилените. Тој и ден денес е музички активен, но многу малку експониран во медиумите. Зад себе има многу, навистина многу хитови (“Лага и измама”, “Под Пелистер”…), а како еден од последните можеме да го споменеме вклучувањето во проектот на браќата Тавитјан “Македонското срце чука во 7/8” каде нашиот Џафер во нов аранжман и помодерна верзија ја исполнува македонската народна песна “Не си го продавај Кољо чифликот”. Се ближи Новата година, како и сите останати досега, така и Џафер ќе го прашаме за Новата година, за неговото новогодишно расположение, прославата и дочекот и за многу слични нешта поврзани со најлудата ноќ во годината.

Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближува Новата година, дали можеби како некое мало дете го чекаш својот подарок од Дедо Мраз, дали можеби се чувствуваш некако посебно, новогодишно… или ти е сеедно што се наближува Нова година?

Џафер: Знам дека ќе замине денот штом ќе надојде…

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за Новата година? Купуваш многу храна, некоја посебно убава книга, купуваш подароци за своите најблиски… си купуваш нешто за себе?

Џафер: Крадам книги – послатки се, купувам за себе и делам на кого ќе стигнам.

Музика24: Што претставува за тебе новогодишната еуфорија? Што претставува воопшто пречекот за Нова година, како го доживуваш сето тоа? Дали тоа и тебе ти се случува, дали те фаќа она новогодишното?

Џафер: Одамна не ме фатило новогодишното за Нова година, но сам ако не се забавуваш никој не ти прави забава (бесплатно).

Музика24: Како и каде планираш да ја дочекаш Новата 2013-та година?

Џафер: Организиран сум со групата “Тоа е Тоа”, свириме класик рокенрол во Кисела вода и Велес.

Музика24: Кој е според тебе настанот на музички план кој што ја одбележи 2012-та, а која пак песна може слободно да кажеме дека е песна на годината?

Џафер: Многу пејачи се појавија. Ќе ги издвојам: Тавитјан брадерс, ДНК – “Авион”, Нокаут, Калиопи, Каролина, Елена.

Музика24: Кои се твоите планови, замисли… кои што би сакал да ти се остварат во текот на идната нова година, нешто што досега не ти се случило?

Џафер: Шоу бизнис е тешко остварлива мечта, но ако сакаш да ми ги оствариш – моите планови се бенд – овски, таков пејач сум од раѓање.

Музика24: Што би им посакал во новата 2013-та година на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и обожаватели?

Џафер: Уште едно сонце за овој свет!

Интервјуто го подготви: Катерина Митровска

Можеби ќе ве интересира: