Имам нешто да те прашам

Мирослав Илиќ: Мојот брод се приближува до последното пристаниште (Интервју)

Вчера вечер во Битола свој настап имаше легендарниот Славуј од Мрчајеваца, една од најголемите и најтиражните ѕвезди на српската, а и југословенската фолк музика, Мирослав Илиќ. Во кариерата долга 50 години, Мирослав ќе остане запаметен од Вардар до Триглав по големите хитови: „Јесен седамдесет и неке“, „Поломичу чаше од кристала“, „Није живот једна жена“, „Луцкаста си ти“, „Поздрави је поздрави“, „Још те нешто чини изузетном“, „Један дан живота“ и многу други. Тој по втор пат за неколку месеци гостуваше во познатото битолско кабаре Голд Фелиција, а музичкиот портал Музика24 доби ексклузивна можност да поразговара со Илиќ за војничките денови кои ги помина во Битола, полувековниот јубилеј кој го слави годинава, песната на Констракта и многу повеќе.

Музика24: Војничките денови во далечната 1977/78 година ги поминавте токму во Битола. Какви сеќавања имате на тој период од животот? Дали се уште ги паметите некои од пријателите со кои заедно служевте воен рок?

Мирослав Илиќ: Прекрасни сеќавања, најубав период од мојот живот. Тие другарства кои ги стекнав овде во Битола, не сите, но многу ги чувам до ден денес. Во контакт сум со еден другар од Кутина, Хрватска, друг од Босна и Херцеговина со кој исто одржуваме контакти.

Музика24: Со Македонија Ве врзува некоја судбинска врска. Тука студиравте, служевте воен рок, се веривте во сопругата. Што Ви е прва асоцијација на Македонија?

Мирослав Илиќ: Се разбира, пред се од приватниот живот. А и храната исто, многу ја сакам македонската кујна.

Мирослав со сопругата Гордана (Фото: Зоран Лоначревиќ)

Музика24: Ова година славите златен јубилеј, неверојатни 50 години на сцената. Што се подготвува за одбележување на овој редок јубилеј?

Мирослав Илиќ: Пред крајот на годината, на 10-ти декември во Белградска арена по тој повод ќе направам концерт.

Музика24: Вашата генерација за жал е веќе на залезот на своите кариери, заминаа Шабан, Мерима, Маринко. Вашата генерација ги наследи постарите ѕвезди како Тома, Силвана, Тозовац итн. Во кои пејачи Вие ги гледате наследниците на Вашата генерација?

Мирослав Илиќ: И јас сум синко мој на залезот. Јас го подготвив сидрото, мојот брод се приближува до последното пристаниште. Но се уште публиката не ми дава да го спуштам сидрото. Тоа сигурно ќе биде и јас во мојата глава немам проблем со тоа. Против Бог и природата не се може. Но фала му на Господ што се уште можам да настапувам. Многу работи се променија во музиката. Мене ми е жал што не оставивме генерација која ќе се потпре на нас. Ова што се прави со фолк музиката, не само во Србија, туку и Македонија и целиот Балкан, не е добро за за овие национални држави. Тоа не смее да се изгуби, тоа треба да се негува синко мој. Темелот на тој национален фолк мора да се зачува.

Мирослав со Тома Здравковиќ и Халид Бешлиќ

Музика24: Дали го гледавте филмот „Тома“ и кое е Вашето мислење? Имајќи во предвид дека реакциите беа поделени помеѓу Вашите колеги.

Мирослав Илиќ: Го познавав Тома и се дружев со него. Филмски е тоа добро направено, но изоставени се многу повеќе детали кои јас ги знам. Шабан и Лепа поминуваа повеќе време со него, а јас не толку.

Музика24: Дали Вие сте размислувале некогаш за филм за Вас или можеби автобиографија?

Мирослав Илиќ: Апсолутно не!

Музика24: Голем дел од животот го поминавте во Југославија. Дали е Мирослав југоносталгичар ?

Мирослав Илиќ: Повеќе не сум. Се помирив со некои факти, кои се такви како што се. Синко мој, знамињата на овие држави кои настанаа од Југославија се вееат на Ист Ривер во ЊуЈорк, пред седиштето на Обединетите нации. Тоа е факт со која мора да се помириш. А дека ми е жал за таа земја, ми е жал. И жал ми е што се заврши така како што се заврши. Во војна и крв, требаше да биде поинаку.

Музика24: За крај она што е најакутелно – Констракта. Што мислите Вие за овогодинешниот српски претставник на Евровизија? Колку ги пратите ваквите фестивали?

Мирослав Илиќ: Го гледав полуфиналето со сопругата и веднаш реков ова мене ми се допаѓа и ќе победи. Исто и пред неколку години гледав Евровизија кога победи Поругалија, во тоа море од брзи песни се појави едно момче со една слатка и приемчива балада. Мојата сопруга рече ова е килаво, но јас веднаш реков дека ми се допаѓа.

Интервјуто го подготви: Филип Етмишовски

Можеби ќе ве интересира: