Имам нешто да те прашам

Наташа Малинкова: Најубавите подароци доаѓаат од моите деца (Фото+Видео)

Таа е една од најпознатите македонските поп пејачки. Пред 21 година за прв пат се појави на македонската музичка сцена со групата “Багаж” носејќи го звукот од музиката од тоа време. Низ сите овие години таа успешно опстојува на македонската музичка сцена, благодарение на новите песни, видео спотовите, концертите, настапите, фестивалите… кои што го носат звукот на ова време. Зад себе има голем број на награди, среќен и успешен брак и две преубави ќеркички.

Почитувани, во најновото интервју на новогодишното интервју на Музика24, Ви ја претставуваме македонската пејачка која ни доаѓа од Кавадарци, позната по одличните забави каде и да настапи, Наташа Малинкова. Што таа вели за Новата година, која е нејзината желба за следната 2022, и како и на кој начин ќе ја дочека, прочитајте во продолжение.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири,  ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш оваа 2021 година?

Наташа Малинкова: Годината што изминува мислам дека беше подеднакво тешка за сите. Имавме голем застој, конкретно ние музичарите/пеачите и тоа навистина не беше лесно. Секако дека ми недостигаше пеењето и дружењето со моите пријатели и фанови. Но за среќа одработивме некои настани и имавме настапи нормално почитувајќи ги сите протоколи и до сега се беше успешно. И колку и да ми недостигаше, сепак, во вакви вонредни исклучителни состојби на крајот од денот најбитно ми беше да сум жива и здрава јас и моето семејство, мојот сопруг, децата. Моите пријатели блиску до мене и оние што ми беа подалеку бевме во постојана комуникација се со цел да задржиме една убава енергија, дека сме си важни едни на други, дека поддршката ја има и ќе ја има секогаш меѓу нас. И одсекогаш, кога знам дека луѓето околу мене се добро и јас сум добро.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од се она што беше годинава понудено?

Наташа Малинкова: Искрено позитивно сум изненадена од борбеноста и од фактот дека оние што вистински ја сакаат музиката и тоа го работат професионално промовираа песни и во вакви тешки околности. Многу мои колеги промовираа нови синглови, јас и мојот колега ја издадовме „Немам зборови„. Тука ќе ги издвојам Фолтин, и се што се промовираше во 2021 според мене ке остане антологија, затоа што сметам дека во македонската музика има прогрес. Секако дека моите колеги си ја сакаат својата работа затоа не се сомневам во создавање на нова македонска музика.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој секој го прославува на различен начин. Како ти посакауваш да ја дочекаш Новата 2022 година?

Наташа Малинкова: Отсекогаш сакам да славам со пријатели и фанови на мој настап за дочекот на Новата година. Откако ми се родија децата тоа го заменив со прослави дома. Фамилијарни интимни моменти кои секогаш ќе ги паметам. Годинава ако е се како што треба пак ќе прославам работно, но тоа мене ме прави среќна и ме исполнува. После тоа ќе си земам еден убав одмор од неколку дена и ќе се дружам само со семејството.

Музика24: А кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имаш добиено или можеби подарено?

Наташа Малинкова: Најубавите подароци со години доаѓаат од моите деца. Секогаш смислуваат начин и прават преубави креативни честитки на кои јас многу се радувам. Подароците што јас ги подарувам се секогаш скромни и подарени со мноогу љубов. За возрасните или децата, знам како да ги изненадам.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали ти лично ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку умее и може истата да те понесе?

Наташа Малинкова: Јас мислам дека сум најголемото дете дома. Прв иницијатор секогаш за украсување на елката и домот. Годинава се сум средила уште на 1-ви декември. Се чувствувам навистина убаво во таков амбиент и ме обзема некоја посебна еуфорија. Додека украсуваме дома се пуштаат новогодишни песни и со децата имам чувство како да сум во некоја друга димензија. За мене месец декември и Нова Година е најубав период од годината.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се твоите желби за новото Господово 2022 лето?

Наташа Малинкова: Токму така, Нова година треба да е почеток на нешто ново и подобро. Нова енергија , нова инспирација, мотив за нови успеси и остварувања. Ова се секогаш моите желби како за себе така и за другите. Навистина после овие две години јас се надевам дека ќе се врати убавата мисла и убавата енергија кај луѓето. Верувам дека сето ова ќе го наминеме брзо и дека повторно ќе се вратиме сите во нормала. Мојата мисија со дарбата што ја имам од Бога, како пејач, е да работам на себе и на создавање нова македонска музика, песни кои ќе останат за сите идни генерации. Ќе биде тоа уште една година полна со неизвесности, адреналин и многу работа, верувам.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатиле до вашите фанови и читателите на музичкиот портал Музика24?

Наташа Малинкова: Најважно од се е здравје. Се останато доаѓа после тоа. Ќе ви се заблагодарам вам, Музика24.мк и на сите ваши читатели и фанови за поддршката што ни ја давате. Ќе ви посакам добро здравје, успеси и годинава нека биде година на остварување на сите ваши желби и планови. Бидете добри и чувајте се! Ве сака Наташа.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: