Имам нешто да те прашам

Николче Мицевски: Новата година заедно со моите ќерки и сопруга, тоа е вистинско уживање и задоволство (Фото+Видео)

Тој е исклучително талентиран композитор, музичар кој што ретко можете да го запознаете, а сепак толку присебен и свесен за тоа каде сме и каде живееме. Автор е на уникатни музички дела кои зборуваат самите за себе, доволно е да ги слушнете и веднаш го препознавате токму него…

Иако битолчанец, долги години живее и работи во Скопје како да е негов роден град. Среќен е со својата сопруга и двете керќички, за кои вели дека му се се на светот и дека колку и да има обврски за нив секогаш ќе најде време.

Има соработувано со голем број на музички имиња, но наскоро ќе го престави своето огромно музичко дело за кое што допрва ќе се слушне и прераскажува… почитувани, новогодишниот серијал на интервјуа го продолжуваме со оргиналниот и неповторлив Николче Мицевски.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по долгите полициските часови, забраните за масовни собири,  ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја запаметиш оваа 2021 година?

Николче Мицевски: Искрено, ќе се трудам да ја запаметам само по убавите работи кои ми се случија, како на професионален план, така и на приватен. Изминатава година иако беше таква како што беше, создадов многу музика и сум среќен за тоа. Нешто од таа музика излезе во етер, но има уште еден добар дел кој треба да излезе наредниот период.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од се она што беше понудено годинава?

Николче Мицевски: Јас би рекол, и покрај ситуацијата, нашата музичка сцена беше прилично раздвижена и продуктивна. Многу изведувачи и автори сработија доста голем број на нумери. Би ја издвоил активноста на Лазар Цветковски, Роберт Билбилов, ДНК, Лара Иванова, Антонија Гиговска, Љубојна и тн. За мене особено значаен момент беше издавањето на мојот прв сингл “Круг” – инструментална композиција чија премиера беше во април. Заедно со видеото кое го сработивме, кај публиката остави силен впечаток и предизвика одлични реакции и сум многу среќен заради тоа. Потоа, имав неколку успешни песни кои се вртеја и сеуште вратат на ТВ и радиостаниците. Би ги издвоил “Сознавам” со Агни Авшар, “Невино” со Филип Пешевски, “Ти” со Ѓоко Танески, “Не ме оставај” со Тамара Стојковска, обработките на песните “Каранфило” и “Бело лице” за составот Jazz Vez.

Музика24: За речиси еден ден не очекува дочекот на Новата 2022 година. Лично, како посакуваш и каде и со кого би сакал да ја дочекаш годината што ни следи?

Николче Мицевски: Со огледа на тоа што долги години дочекот на Новата година го поминував работно, последните 2/3 години сум дома, пред ТВ заедно со моите ќерки и сопруга и сум пресреќен со тоа! Тоа е вистинското уживање и задоволство.

Музика24: А кој е досега најинтересниот новогодишен подарок кој што го имаш добиено или пак можеби подарено?

Николче Мицевски: Подароците кои ги добивам и подарувам на моите најблиски се секогаш интересни и посебно драги.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали ти лично ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку умее и може истата да те понесе?

Николче Мицевски: Ја обожавам новогодишната атмосфера, украсувањата, предновогодишните настани, концерти, пазари и тн. Едноставно, ме прави среќен и секогаш ме враќа во детството. Возбудата кај мене и денес трае исто.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се твоите желби за новото Господово 2022 лето?

Николче Мицевски: Пред СЕ, посакувам да се здрави и живи сите, да бидат среќни. Колку посреќни луѓе окулу нас, толку повеќе среќни ќе сме и самите ние. Желба ми е да се исполнат сите желби на моите најблиски. За себе имам желба да ми се реализираат неколку проекти кои веќе ни се започнати. Мислам дека Дедо Мраз ќе ми помогне окулу тоа (се смее).

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатил до твоите фанови, а воедно и читатели на музичкиот портал Музика24?

Николче Мицевски: Бидете среќни, секогаш со позитивна енергија, сакајте се, поминувајте повеќе време со најблиските. Бидете вредни и СЕ што посакувате искрено и силно, порано или подоцна ќе ви се оствари. И се разбира, слушајте, почитувајте македонска музика и артисти. Тоа е нашето богатсво, нашето минато и иднина. Благодарам Музика24 за поддршката која секогаш ја добивам од вас безрезервно! Ви посакувам и вас уште поголем успех во новата година!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....