Имам нешто да те прашам

Орце Зафировски: Во Новата година сакам нов автомобил (Фото+Видео)

Тој е еден од најпознатите македонски текстописци. Малкумина знаат дека некогаш работи како стоматолог, но потоа комплетно се посветува на она што е денес. Зад него стојат голем број на познати рефрени кои и ден-денес со задоволство ги потпевнуваме и се забавуваме со нив. Не верува во Дедо Мраз а за целата новогодишна еуфорија вели дека е опуштен по тоа прашање. Во Новата година сака нов автомобил, а веќе работи на поголеми музички проекти.

Почитувани читатели, во серијалот новогодишни интервјуа денес прочитајте што за Музика24 открива еден од најдобрите, тестописецот Орце Зафировски.

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Орце Зафировски: За жал.економските проблеми ги фрлија во сенка музичките настани.Јас како текстописец, ќе ја издвојам промоцијата на новата песна на Татјана Лазаревска „Жена хероина“, една моќна балада со мој текст, со порака дека треба да се бориме за своите цели. И не е тоа женска химна, бидејќи истата порака дека треба да сме храбри, борбени, истрајни, не само во љубовта туку и општо во животот, е универзална порака и важи за сите без оглед на полот.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која според Вас песна ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Орце Зафировски: Јас не би се сложил дека оваа година понуди многу фестивалски хитови. Далеку е тоа во споредба со времето кога фестивалите беа во процут. Од забавните песни можеби најслушана е „Бела“ (Пајак), а од народните мислам дека не се издвои ниту еден изразит хит од поголем размер. Веќе 3 години мислам дека едни од најслушаните песни се „Бум, Бум“ (Сузана Гавазова, инаку со мој текст) и „Велат не нема“ (Влатко Миладиноски).

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите… Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Орце Зафирковски: Искрено, јас сум ведар човек, но од друга страна, воопшто не ме понесува некоја еуфорија околу новогодишни или било кои други празници. Опуштен сум по тоа прашање. Не мора да се ближи празник за да бидеме среќни и расположени, да си купиме ново парче облека или било што друго, што ќе ни направи задоволство.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Орце Зафирковски: Подарувам на најблиските, а со самото тоа знам што им е по вкус, што ќе им биде корисно, што ќе ги израдува…

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Орце Зафировски: Сите што ме познаваат, знаат дека многу сум грижлив кон моето семејство, кон моите блиски, понекогаш и премногу, без да се штедам. А за расположение, исто така сите знаат колку сум ведар, позитивен, насмеан, со неисцрпна енергија, која ја пренесувам. Но, да не зборувам јас за себе, ќе кажам што ми има речено во една прилика познатата македонска фолк пејачка Благица Павловска: „Орце, кога се смееш ти, како да се смее и целата планета“. Па има ли повеќе од цела планета? Подобар опис за мојот ведар дух, има ли?

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Орце Зафировски: Никој не е безгрешен, но никогаш не сум направил некоја крупна грешка која имала  тешки последици, така да не знам што би сменил по тоа прашање.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно дали денот го започнувате со песна и музика?

Орце Зафировски: Потпевнувам, другарувам со радиото, со телевизијата послабо. Но, на “мојот репертоар”  нема фаворит песна, широк репертоар имам (хахаха), и стилски различни песни.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Орце Зафировски: Јас во Дедо Мраз не сум верувал ни како дете, па камо ли сега. Но, време е и тој малку да се модернизира. Сега во дигиталново доба, доста се веќе чоколатчиња. Нека ни допише на сите на нашите приходи по една  нула на крајот, нека не “шкртари” хахаха (се смее).

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Орце Зафировски: На музичко поле, во припрема се неколку песни за Сузана Гавазова, Марјан Коцев, Сања Цинцева и други. На приватен план, би сакал нов автомобил (срамота е врвен автор да вози што годе, хахаха).

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Орце Зафировски: Не планирам. И со план и без план, таа ќе си дојде, само да ја дочекаме во здравје и радост.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Орце Зафировски: Веќе кажав дека не верувам во Дедо Мраз, така да морам сам да се потрудам за реализација на моите желби. Една од нив е да издадам тројно цд со мои авторски хитови, а ги има многу („Ти само ти“, „Бекрија љубовџија“, „Дојди Лено на перниче бело“, „Свени ми свени невене“, „Моминска клетва“, „Кој не раздели“, „Во црно вино утеха нема“, „Запри запри виолино“, „Бум бум“, „Опасна за око“, „Весела свекрва“, „Ајде сестро  да запееме“, „Заплачи небо“, „Туѓина пуста далечина“, „Пејте мераклии“, „Кате мори Кате“, „100 посто те љубам“… И втората желба е веќе споменатиот нов автомобил, бидејќи ново станче (мало, но убаво како кутиче) си купив.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Орце Зафировски: Секој ден да ви биде весел како песна! Добро, има и тажни песни, но животот нека ви биде весел како највесела песна!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: