Имам нешто да те прашам

Панче Касапски: Шведска ми донесе прилично нов и поинаков животен стил (Фото+Видео)

Тој е симпатично и талентирано младо момче кое своето секојдневие го започнува далеку од Македонија, но и покрај тоа тој твори и ужива создавајќи дела кои долго ќе се пејат и паметат во Македонија. „Помини“ е неговата емотивно отпеана балада на последното макфестовско издание. За себе вели дека живее нов и поинаков начин на живот. Шведска. Ги сака новогодишните празници и еуфорија, а во Новата сака да ги реализира сите сега започнати и ново осмислени музички проекти.

Почитувани, Панче Касапски во новогодишниот серијал на интервјуа на Музика24.

Уживајте!

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Панче Касапски: 2023 ми помина бргу, работните обврски во комбинација со прилично новиот и поинаков животен стил во Шведска, кој притоа со себе си носи свои убави моменти, предизвици и различности, направија оваа година да помине брзо и неосетно.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Панче Касапски: Новогодишните празници кај мене секогаш будат убаво чувство, чувство на сплотеност, време поминато со семејството и пријателите, спокој, среќа, но и мала доза на еуфоричност, но не поради самите празници, украсените излози или предновогодишните менија на угостителите, туку поради фактот дека поминала уште една година, а пред нас претстои нова, полна со нејзините вообичаени изненадувања, предизвици, полна со замислените сонови, желби и цели кои чекаат да бидат остварени.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Панче Касапски: Зависно од тоа кому подарувам, немам некој правила околу избирањето на подароци, но сакам со подарокот да оставам и свој печат. Го одбирам тоа што мене ми е убаво и ми се допаѓа и што по
некоја моја проценка би се допаднало и на таа личност.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Панче Касапски: Сакам кога луѓето околу мене се среќни и во добро расположение, особено најблиските. Себеси се сметам за позитивна личност и ретко менаџирам со мојата позитивна енергија, природно и искрено ја делам со сите. Како личност генерално имам голема емпатија спрема другите луѓе, ја
сакам таа особина и кај луѓето.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Панче Касапски: Не би менувал ништо, не сум човек кој се навраќа на минатото и се труди да промени нешто во него, целото искуство од минатото се трудам да го пренасочам кон иднината и сите промени да се направат во таа насока.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно дали денот го започнувате со песна и музика?

Панче Касапски: Пред некој ден ја слушнав случајно на Инстаграм темата за Дебора, односно Deborah’s theme од легендарниот филм ,,Once upon a time in Amerika’’ и еве, веќе неколку дена по ред не излегува од глава и денот го почнувам свирејќи ја истата на клавир… маестрално дело на неповторливиот Енио Мориконе.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Панче Касапски: За жал, се плашам дека не еден туку 1000 дедо мразовци не би можеле да ги исполнат моите единствени желби, сите дечиња на овој свет, кои како колатерална штета на болните умови на денешното време го поминуваат животот во војна, глад немир и избезумени пропаганди, барем за миг бидат среќни, спокојни и на некое подобро место за живеење.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Панче Касапски: Во последната година со сите прилагодувања на новата средина и новиот животен стил овде, го немав посакуваното време за работа на нови композиции и соработки. Годинава фокусот е на тоа поле, да се завршат сите започнати проекти и реализираат планираните.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Панче Касапски: Последните години плановите за дочек на новата година ги правам ден претходно или истиот ден. Најверојатно така ке биде и годинава.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови и обожаватели, и на сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Панче Касапски: Им посакувам на сите мирна, успешна, насмеана година, полна со страст, љубов, и многу здравје!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: